ВМРО ДПМНЕ го освои Водно: Другарчиња по луфтирање
Вежбањето е здраво и корисно, сета негативна енергија излегува од нас која се наталожува во текот на денот, телото се храни со сила, а силата во мускули.
И сите треба да
практикуваме какви такви вежби бидејќи во вакво турболентно време неопходна е
мала оддишка и посветување на себе.
Нашите политичари во принцип се мрзеливи и по ветеното и по вежбањето. Ама некои постојано се активни, на овој или оној начин.
Владимир Нелоски, член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ се чини како секој ден да е на Водно. Ја искачува планината без никаква мака и му стана рутина. Ама никогаш не е сам. Со него спортува Христијан Мицковски, претседателот на партијата.
Скоро на сите фотографии кои ги постира Нелоски на социјалните мрежи е заедно со шефот. И двајцата запотени, се чини дека немаат проблем да вежбаат.Најчесто тоа го прават искачувајќи се до Милениумскиот крст. На една од фотките, Нелоски напиша дека се „луфтираат“ на врвот бидејќи котлината во која е сместено Скопје е многу загадена и најмногу тоа се гледа од висина.
Облечени во спортска облека, секое ново искачување различна, секако најмодерна и најчесто од брендот „Најк“, со ранци на рамена, до врвот одат без многу мака. Некогаш им се придружува и Јохан Тарчуловски.
Но, Мицковски и Нелоски се искачуваат и на други врвови ширум земјава и тоа секако е за поздрав.
Многу членови од партијата имаат ваква или слична навика. Дали и тоа им е дел од агендата не знаеме, ама како и да е, вежбањето секако им е од корист, па ако има избори ќе знаеме од каде им е енергијата.
Небојша Толески