Врв на технологијата: Телевизор кој исчезнува, а чини 400 000 долари

Еволуцијата на дизајнот на паметните телевизори доведе до создавање модуларни и флексибилни екрани, кои незабележливо се кријат кога не се користат, што претставува следен голем тренд

LG е еден од брендовите кои се потпираат на тоа, лани го лансираше својот 65-инчен Signature OLED R Rollable телевизор. Како и да е, австриската марка C Seed лансираше иновативен производ што покажува сосема поинаков пристап кон целата приказна поврзана со флексибилниот дизајн. Тоа е C Seed M1, првиот WQ 4k MicroLED телевизор во светот со 165-инчен модуларен екран што може целосно да се скрие кога не се користи. Во случај да не сте запознати со компанијата C Seed, станува збор за луксузен австриски бренд, основан во 2009 година од Александар Сватек, заедно со двајца поранешни вработени во брендот Bang & Olufsen, и кој е познат по создавањето екстравагантни телевизори.

Моделот М1 е дизајниран како внатрешна верзија на познатиот модел на отворено C Seed 201. „Големите екрани поставени на ѕид се анахронизам во модерниот дизајн на ентериер. Затоа, C Seed тргна на сосема поинаков пат, што не доведе до револуционерен дизајн “, рече Александар Сватек. Масивниот телевизор се крие целосно под подот и тивко се крева по едно притискање на копче. Скулпторската структура на алуминиумска колона поддржува дисплеј создаден од пет панели, кои се отвораат беспрекорно, формирајќи 4K HDR екран.

М1 користи технологија MicroLED која ветува неверојатна точност на бојата и вистински динамичен опсег. Исто така, овој модел располага со интегриран систем 2.1 звучници кој користи пар звучници со широк опсег од 250W и сабвуфер од 700W. Покрај тоа, телевизорот поддржува и HDR10 +. Моделот C Seed M1 ќе биде достапен за набавка во црна, сребрена, златна и мат титаниум сива боја кога ќе се појави на пазарот во јули оваа година, со цена од 400 000 американски долари.