За ароганцијата во меѓучовечките односи со психологот Горан Гогов: Често зад ароганцијата се крие токму несигурноста и во суштина - прикриениот срам, односно механизмот за одбрана од срамот
Ароганцијата или арогантното однесување на многумина е нешто со кое се
соочуваме секојдневно. Често влијае и на работата и на расположението бидејќи
таа - дрскоста, надменоста, наперченоста или гордоста, вообразеноста е присутна
насекаде во меѓучовечките односи, меѓу нив и деловните и љубовните и
пријателските. Оттаму се поставува и прашањето за нивната вистинитост, дали се
прави. А неретко се прашуваме и себеси кој е виновен за неа, за таквото
однесување на другите - можеби ние, самите. Понекогаш ни ја разнишува и самодовербата.
Доколку пак ѝ се спротивиме, постои можност арогантната личност да ни ја
префрли вината нам, што е и многу често заради нејзиниот махерај. Истото важи
секако и за политичарите, во најголема мера. Исклучоците се ретки, но постојат,
несомнено. Впрочем, за сѐ има причина која обично се наоѓа во позадината.
Едноставно, ништо не е случајно. Ароганцијата говори за нив, за какви луѓе се
работи воопшто.
Како да се справиме со неа е само едно од десетте прашања и неколкуте потпрашања врзани за ароганцијата во меѓучовечките односи, кои му ги поставив на психологот Горан Гогов, инаку сертифициран невропсихолошки дијагностичар, меѓу другото. Во моментов работи во ООУ „Гоце Делчев“ - Босилово (се разбира, како училишен психолог), а едновремено ја завршува и Белградската школа за логотерапија.
ММ: Во последните неколку години сѐ позабележлива е дисторзијата на меѓучовечките односи, меѓу нив и деловните, во смисла на фингирање (лажно претставување), ароганција... Што мислите, која е причината за неа? Дали е поврзана со материјалната страна на животот, која исто така нѐ отуѓи?
Г. Г.: Ниту една личност на светот не е создадена да живее сама. Така ни е одредено и биолошки и социолошки, да го живееме својот живот споделувајќи го со други личности. Меѓучовечките односи се присутни насекаде - во семејството, на работа, на училиште, во маалото, во компанијата, во општината, во светот, без разлика дали ја познаваме личноста или не. Како што наведовте и во самото прашање, за жал, многу честа е појавата на дисторзија во меѓучовечките односи, а секако голем придонес во тоа има и ароганцијата. Кога што влегуваме во меѓучовечки однос со некоја личност, таа личност не ја сметаме како објект кој ни служи за задоволување на некоја наша потреба, туку настојуваме да се почитуваме еден со друг, да ги почитуваме туѓите потреби, желби, чувства и слично. Таквиот однос е комуникација која се случува како темел за сочувство, почит, уважување и човекова топлина и добрина. Секоја личност треба да се познава самата себеси и да ја изразува својата слободна волја. Но, кога слободната волја ја насочуваме единствено кон материјална добивка или пак кон задоволување само на своите потреби (сѐ прилагодено на себеси), тогаш го отвораме патот на отуѓеноста од другото човечко битие. Се насочуваме кон себеси и немаме простор за споделување на нашите радости. Вратата на среќата се отвора секогаш кон надвор.
ММ: Ароганцијата е вродена или..? Се поаѓа од претпоставката дека и дрскоста и надменоста и наперченоста е несвојствена за детската, туку за поодминатата возраст. Оттаму и размислувањето дека е стекната. Ме интересира, на што се должи? Често е неоправдана. Обично се врзува со луѓе чиј бекграунд е никаков. Има корени во минатото, детството или..?
Г. Г.: Ароганцијата е сложен психолошки феномен кој не е јасно дефиниран. На многу начини е третирана во различни култури и религии. Феноменот на гордост или ароганција се отсликува во неколку подрачја во животот, одеднаш. И во секое подрачје на знаења се дефинира различно. Ароганцијата се стекнува, не е вродена. Исто така, ароганцијата се негува (би можело да се каже дека е наследна) со погрешно воспитување. Родителите со својот пример, со своето однесување покажуваат како се комуницира со луѓето. Децата го апсорбираат тоа, за нив родителите се пример за наследување. А, ако таткото и мајката се однесуваат со доза на горделивост кон другите, сигурно и нивното дете ќе расте така. Но, исто така сметам дека коренот на овој феномен лежи и во прародителскиот грев, според Библијата и многу психолошко-теолошко-филозофски теории и гледишта, односно во тоа дека човекот отсекогаш сакал да го достигне Бог или пак да се постави над Него, а со тоа да ја докаже и покаже и својата супериорност пред другите. Точно е дека многу луѓе, однесувајќи се арогантно, ги прикриваат своите недостатоци и настојуваат да ја покажат својата посебност, вредност и на тој начин се декларираат во светот, издигнувајќи се над другите. Се чини дека велат „еве ме - овде сум!“. Арогантната личност на тој начин сака да ја пронајде смислата на својот живот, сака да сфати дека не живее залудно. Сака да гледа совршен, праведен, складен свет околу себе и секако, самиот тој да стане совршен.
ММ: Каде е поприсутна, кај мажите или кај жените? Одговорот може да се претпостави, но... Дали е оправдано мислењето дека таа всушност е другото име на самодовербата - довербата во себеси, во сопствените можности, способности... Постои ли граница, мерило за неа? Или пак во прашање е сепак несигурноста?
Г. Г.: Самодовербата и ароганцијата, наизглед слични, всушност многу се разликуваат. Се разликуваат во самиот извор на однесување. Клиничката психологија појаснува дека самодовербата е особина која произлегува од внатрешноста на личноста. Личноста е свесна за своите квалитети, споспобности, но и мани и таа е многу реална во врска со самата себе. Го прифаќа неуспехот како учител и од целата таа состојба излегува посилна. Исто така, личноста која е свесна за своите споспобности и квалитети и е личност со самодоверба знае да ги признае и сопствените грешки, без многу оправдувања или извинувања. За разлика од самодовербата, ароганцијата извира од несигурноста како последица на надворешните влијанија - дипломите, позициите, пофалниците, парите и слично. Ако се случи да ги отстраниме тие надворешни украси, самопочитта на арогантната личност не е баш на високо ниво. Арогантната личност ретко ги признава своите грешки, обично ги „подметнува“ на другите, постојано има потреба од потврда од страна на другите, како и од „аплаузи“ за постигнатиот успех. Токму поради ова однесување, создаваат плитки и незначајни меѓучовечки односи. Мора да го споменам и фактот дека често зад ароганцијата се крие токму несигурноста и во суштина - прикриениот срам, односно механизмот за одбрана од срамот.
ММ: Ароганцијата особено е присутна меѓу политичарите. Забележлива е разликата во нивното однесување на почетокот, кога се борат за да дојдат на власт и откога ќе ја освојат, небаре Македонија е нивна, т.е. своина на нивните семејства. Нарцисоидноста е очигледна. Зошто и покрај свесноста на обичните луѓе за нив, гласаат поинаку, не како што им наложува совеста? Ме интересира, дали ароганцијата е привлечна за мнозинството?
Г. Г.: Многу интересно согледување, а уште поинтересно е кога нас, како психолози, ќе нѐ прашате во врска со оваа тема - за политиката, политичарите, народот бидејќи, нормално, и ние сме дел од оваа преубава земја, нашата Македонија. Имено, таму каде што е присутна понизноста на народот, истовремено се јавува гордоста на политичарите. Сведоци сме на многу промени на власти во нашата држава од различен светоглед, но скоро кај сите се јавува ароганција, гордост, доза на нарцисоидност, хипертрофирано его и што ли уште не. Таму каде што политиката не се плаши од народот, се појавува арогантноста, гордоста, надменоста, а секако и корупцијата, развратот, распродажбата на националните добра и бесценетост. Се појавува синдромот на Содома и Гомора. Народот мора да го каже својот став и да не подлегнува на манипулативните добро спакувани реклами. Народот мора да покаже и докаже, па дури и да се користи со сите правни средства да поттикне промена во власта и да покаже дека таа мора да го слуша народот. Важна е свесноста (како народ сме многу свесни), но единствено доколку човекот е освестен да суди според својата совест, не би можело ништо да го предомисли и да го натера да го даде гласот спротивно од својата слободна волја, спротивно од својата совест. Мораме да се потрудиме повеќе околу освестувањето на нашиот народ и мораме да го поттикнеме народот да делува водејќи се од духовните аспекти за љубовта кон татковината која ни е дадена како судбинска должност. Живееме во време каде што неморалот во политиката е правило, а моралот претставува исклучок. Понизноста на народот е првиот знак за губење на слободата, а горделивоста на политичарите ја најавуваат диктатурата. Ароганцијата создава и агресија, оттаму и фактот дека насилството на власта е највисокиот, најбруталниот облик на терор бидејќи е системски, долготраен и без можност на жртвата да се пожали некому. Сметам дека тоа никому не му е привлечно, а најмалку би го поддржале. Храбро македонски народе!
ММ: Психолошки, ќе ни кажете ли каква е сликата за себе што ја „цртаат“ луѓето за кои е својствена токму ароганцијата? Прво што ми паѓа на памет е комплекс на повисока вредност. Или пониска, во завиена форма - што мислите, каква е Вашата процена, заснована и на теоријата и на практиката?
Г. Г.: Овде би започанал вака: „Зад секоја ПРЕПОТЕНЦИЈА се крие некоја ИМПОТЕНЦИЈА“. Пред повеќе од 100 години, Алфред Адлер го воведува поимот комплекс на повисока вредност, кој и ден-денес е во употреба во секојдневниот говор како еден од популарните психолошки поими. Исто како што велите и во прашањето, прво што паѓа на памет за арогантната личност, обично се зборува за комплекс на висока вредност. Но, тоа е лажна слика за себе, слика со голема доза на самосожалување - кога личноста на свесен план е уверена дека поседува вредности кои реално ги нема (памет, убавина, таленти, вештини и слично). Кога таквата личност не ги остварува своите цели, ги обвинува другите. Смета дека другите личности ѝ завидуваат, ја спречуваат во нивното остварување поради љубомора. Нејзината проценка за себе и своите потенцијали е нереална, има големи желби, но без реални можности за остварување. Затоа таквата личност обично е незадоволна, фрустрирана, со доза на агресивно однесување и склона кон проекции.
ММ: Но, резултатите од истражувањата на UBC (University of British Columbia) покажуваат дека жените всушност „паѓаат“ на арогантните мажи, повеќето. Визави прашањето за привлечноста на ароганцијата за мнозинството. А пропо љубовните, интимните врски, чувства - зошто е така? Се работи за примамливоста на доминацијата или..? За разлика од нив, мажите „паѓаат“ на женската насмевка. Хм!
Г. Г.: Така. Добро познато истражување спроведено во неодамнешната 2015-та. Но, морам да нагласам дека се работи за истражување кое имало за цел да ја испита сексуалната привлечност на прв поглед, така што од учесниците се барало да го кажат нивниот прв впечаток, односно дали таа личност на сликата која им било дадена е атрактивна или не. Како што споменавте, мажите ги одбрале насмеаните жени бидејќи сметале дека тоа е знак за позитивен однос кон животот и оптимистички ставови. За разлика од нив, жените пак бирале арогантни мажи поради наводната порака дека станува збор за маж со завиден статус во општеството или потенцијално добар татко. Исто така, популарноста може да се гледа и низ призмата на водството, лидерството, егоцентризмот, ароганцијата - супериорноста и секако, склоноста кон искористување на другиот. Арогантните момчиња се привлечни за жените поради тоа што добро знаат како да го користат изразот на лицето, како да ја усвојат бојата на гласот, која излива самодоверба, тие носат модерна облека и се забавни. Очигледно дека тој ефект е привремен, па така арогантните нарцистични момчиња обично рано се демаскираат. Малкумина се тие што би можеле да трпат пријател кој ги искористува или партнер кој е себичен, авторитативен и арогантен. Ако се впуштиме подлабоко во женскиот свет и пробаме да направиме фоторобот на еден привлечен маж, тоа би можело да изгледа вака: добар надворешен изглед, добра професија и статус во општеството, да влева чувство на сигурност, лојален, со доза на самодоверба, спремен за авантури, хумористичен, а понекогаш да покажува и недостапност и сето тоа спакувано со најпривлечната особина - харизматичноста. Сметам дека и мажите би биле пресреќни доколку добијат ваков пакет и покрај тоа што вели истражувањето за насмевката. Па така, фотороботот за привлечна жена би изгледал вака: убава, женствена, нежна, самоуверена, страсна, забавна, умерено интелигентна и амбициозна.
ММ: Работите како училишен психолог исто така. Имајќи го предвид фактот дека синовите, машките деца ги подражаваат своите татковци, какво е Вашето искуство со нив - родителите ги учат на такво однесување или пак тие, самите деца несвесно ги имитираат? Бидејќи ароганцијата има негативно значење, може ли да се влијае на нивното воспитување, каде што ќе нема место за неа? Мислам на ароганцијата, секако.
Г. Г.: Како училишен психолог работам неполни 3 години и во моето досегашно искуство во работата со децата, за среќа, многу ретко се среќаваат случаи кога станува збор за арогантно однесување, секако не е исклучок. Имено, фигурата на таткото е многу важна во процесот на воспитување на децата. Посебно за синовите кои подоцна ги усвојуваат моделите на однесување и ги применуваат во сите сегменти од својот живот. Теоретски, тоа се нарекува учење по модел. Поради тоа, многу важно е каков пример ќе му пружи родителот на детето бидејќи на основа на тоа детето понатаму и ќе функционира. Учењето по модел честопати има многу посилен ефект од директното подучување. Родителот кој пуши тешко дека со своите совети ќе ги подучи децата да не пушат кога во исто време со своето однесување пружа модел на такво однесување. Ист е примерот и со ароганцијата. Ако тато секогаш е во право, без разлика дали во семејството, на работа или во односот со мене, значи дека тоа е добро - и јас така ќе правам, јас секогаш ќе бидам во право. Да размислиме добро каква порака ќе им испратиме на нашите деца бидејќи тоа често ќе биде темел на сѐ. Дали може да се влијае за спречување на ваквите однесувања, поточно да се блокира просторот за ароганцијата, сметам дека и тоа како може, но единствено ако родителот ги согледа своите недостатоци и сака да направи промени во однесувањето, но не кај другите туку кај себе. Како што споменавме и погоре, ароганцијата не произлегува од комплексот на повисока вредност, туку обратно, а оттука и можноста за зад ароганцијата често да се крие и некој страв. Е, кога има стравови, не постои простор за факти. Не постои простор за промени. Родители, работете на себе и грижете се за себе, бидејќи само така ќе можете да се грижите и за сопствените деца.
ММ: Позната е изјавата на американскиот бизнисмен Роберт Киосаки: „Тоа што го знам е дека заработувам пари. Поради фактот дека нешто не знам, ги губам парите. Всушност, парите ги губам секогаш кога сум арогантен. Имено, кога се однесувам така - арогантно, верувам искрено дека тоа што не го знам, не е ни особено важно“. Па, може ли ароганцијата да влијае на финансиската состојба на човекот?
Г. Г.: Арогантниот човек, обидувајќи се да се убеди себеси дека е најдобар, највреден и дека секогаш треба да биде на врвот, паѓа во стапица. Прво, тој не може да си дозволи да се опушти за да не го испушти брендот, насекаде мора да ја покаже својата важност, своето значење. Второ, животот е чесна работа и ги казнува арогантните луѓе со тоа што ги гази во калта. Трето, гордиот човек болно ги поднесува загубите, неуспесите и падовите - „Како можеше тоа да ми се случи мене?“. На крајот на краиштата, арогантната личност секогаш мора да биде на врвот, за него поразот секогаш е трагедија. Арогантноста создава препреки и во пријателските и во партнерските и во деловните и во многу други односи во општествениот живот и може да го пречкрта секое, апсолутно секое достоинство. Ако го земеме предвид цитатот на добропознатиот Роберт Киосаки, не е тешко да се заклучи дека арогантоста негативно влијае на финансиската состојба на луѓето.
ММ: Некогаш ароганцијата е лажен привид. Честопати ја гледаме, бараме и таму каде што ја нема. Оттаму и прашањето - какво однесување не е арогантно? Каде е дистинкцијата, во што? За да не се излажеме.
Г. Г.: Многу често луѓето ја мешаат ароганцијата со самодовербата. Тие два поима не се сложуваат бидејќи самодовербата има слога со скромноста кај луѓето, а ароганцијата секогаш е навредлива. Личноста со самодоверба секогаш е одговорна за своите зборови и дела, за разлика од арогантната личност која никогаш не ги признава сопствените грешки. Арогантните луѓе често сакаат да зборуваат за себе. Тие се перчат со своите вештини, достигнувања, способности, а често и ги игнорираат луѓето околу себе. Свесно или несвесно, тие прават другите да се чувствуваат помалку важни. Од друга страна, неарогантното однесување води кон тимска работа, великодушност - неарогантните луѓе немаат проблем да слушаат, свесни се дека не знаат сѐ, со задоволство учат од другите. Можеби фундаменталната разлика е во тоа што ароганцијата често ја маскира несигурноста. Затоа арогантните луѓе се фалат со своите достигнувања и способности додека имаат тенденција да ги понижуваат другите. Од друга страна, пак - довербата произлегува од вистинската самодоверба: верба и гордост во сопствените достигнувања и способности. Самоувереност која предизвикува внатрешна смиреност. Нема фалби ниту пак супериорност во однос на другите. На крајот на краиштата, ароганцијата нѐ одбива. Никој не сака да минува време со арогантни луѓе. Тие се вознемирување за духот. Инспирација за другите се оние кои се токму спротивното од арогантните. Колку повеќе време минуваме со такви луѓе, толку поголема е веројатноста и ние да развиваме самодоверба. Довербата нѐ привлекува, но исто така е и заразна.
ММ: И на крај, како да се справиме со арогантните луѓе? Неретко се разнишуваат и деловните односи. Ваша препорака - како да комуницираме со нив за притоа да не ги навредиме, повредиме и арогантните луѓе, но и себеси, да не се понижиме?
Г. Г.: Како што веќе споменавме, арогантните луѓе можат да бидат заморни за разговор. Тие имаат тенденција да мислат дека знаат сѐ, дека виделе сѐ, дека направиле сѐ. Кога ќе наведете некоја тема, тие обично имаат своја приказна како нештата ги направиле да бидат подобри. Нивниот недостаток на самосвест би можел да биде комичен да не беше толку тажен и фрустрирачки. Често не можат да ја видат комичноста на нивните искази, тврдења. Но, ароганцијата не е нешто што доаѓа од злонамерноста. Таа често доаѓа од проблемите со самодовербата и самопочитта. Личноста можеби е во некоја тешка ситуација или пак е во време кога не се чувствува најдобро со себе, па затоа ја конструира оваа реалност околу себе што докажува дека е достојна. Тоа потекнува од подлабоките, потемните места, како на пример родител што го натерал детето да се чувствува безвредно или недостојно за љубов. Иако арогантните луѓе можат да бидат досадни или деструктивни, па дури и во деловните односи, во комуникацијата со нив е добро да се сетиме на човековото достоинство. Тоа не значи дека треба да го толерираме лошото однесување или злоупотребата, туку да бидеме љубезни, самодоверливи, кротки - ако е можно. Веројатно ќе им треба. Во комуникацијата со нив мораме да внимаваме да не им дадеме простор за повредување на нашата самодоверба. Исто така е важно да ги вежбаме вештините за толеранција и дипломатија. Важно е да ги ограничуваме информациите што ги споделуваме со нив бидејќи често знаат да ги искористат. Кога сте во комуникација и гледате дека разговорот оди во лош правец, променете ја темата, многу е едноставно. Најважно е да бидеме искрени и секогаш да ги спроведуваме нашите граници. На крајот би завршил со тоа дека многу важно за нашата среќа е да градиме позитивни ставови кои би отвориле големи врати, односно позитивните ставови делуваат позитивно и кај нас и кај луѓето околу нас. Тогаш се чувствуваме среќно, расположено и емоционално стабилно. Опасност од појава на ароганција, гордост, надмоќност, нарцисоидност, себичност, супериорност и слично имаме кога градиме негативни ставови и негативни односи. Доколку некого сакаме подобро да запознаеме, доволно е од истиот да побараме да ни опише некој негов пријател или пријателка. Тогаш ќе дознаеме за каков човек се работи. И за крај, доколку сме позитивни, во секого ќе најдеме нешто добро. Па така и да мислиме и секому да правиме добри работи.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Горан Гогов