За хипнозата и хипнотерапијата со Јосиф Јаневски: Повеќето религии како христијанството, исламот, јудаизмот, будизмот и хиндуизмот не се против хипнозата - исклучоци се помалите фундаментални религиозни групи
Хипнотерапијата, односно лекувањето со хипноза се применува долго време, од
1780-тите. Имено, германскиот лекар Франц Месмер се занимавал со исцелување на
виенските и париските болни, пациенти со помош на т.н. животински магнетизам,
како што првично се нарекувала хипнозата бидејќи не можела да се објасни на
друг начин, освен како нешто окултно. И покрај неговата дискредитација, многу
лекари продолжиле да го користат месмеризмот, иако не ја разбирале суштината -
едноставно се раководеле од ефикасноста. Така било до средината на 19 век,
благодарејќи на шкотскиот лекар Џејмс Брејд, кога се вовеле термините „хипноза“,
„хипнотерапија“.., по Хипнос - богот на сонот. Во 1880-тите биле предмети на
истражувања од страна на стразбуршките научници, кои ја потврдиле нивната
делотворност. Меѓу нив и Сигмунд Фројд. И останатото е цела историја, долга
приказна.
Со хипнотерапевтот Јосиф Јаневски се обидовме да ги демистифукуваме и покрај фактите, неоспорните вистинити податоци, настани. Големото искуство, како и бројните сведоштва на клиентите за успешната работа нѐ заинтересира и секако, нѐ поттикна да го интервјуираме. Неколкуте поенти од разговорот со него сигурно ќе ве заинтригираат и вас, да го прочитате од почеток до крај. При лекувањето се користи сугестијата на хипнотерапевтот и автосугестијата на клиентот и најважно, потсвеста. Впрочем, сонот е нејзина манифестација. Листата на заболувања кои се исцелуваат со хипноза, хипнотерапија е исто така долга. Самохипнозата е дел од неа, вклучително и хетерохипнозата, кога проблемот е непознат. И да, од причина што целта е доброто здравје, тие се во согласност и со религијата - хипнотерапијата и хипнозата во целина.
ММ: Хипнотерапијата е мистична исто како хипнозата, пропорционално. Без оглед на тоа што датира многу одамна, и едната и другата. Ќе ги демистификуваме ли? На кој начин се употребува хипнозата во лекувањето на болестите, заболувањата и како? Се работи за лечење со сугестија или..?
Ј. Ј.:Хипнотерапијата е метода за оздравување, самоподобрување, хармонизирање на работата на умот и телото, при што се користи хипнозата. Всушност, хипнозата е само постапка која се користи во хипнотерапијата. Разликата меѓу психотерапијата и хипнотерапијата е што во психотерапијата се користи свесниот дел, а во хипнотерапијата се користи потсвесниот дел од умот на човекот. Во свесниот дел од умот се аналитиката, рационалноста, волјата и краткотрајната меморија за дневни потреби, што е 5-10% од капацитетот. Во потсвесниот дел од умот е целокупната наша меморија на целиот наш живот, емоциите, навиките, одбраната, заштитата и имагинацијата, што е 90-95% од нашите умствени капацитети.
Јасно е дека сè што сме проживеале, научиле, замислиле е во нашиот ум, некогаш и скриено од нас самите, т.е. од нашата свест. Затоа луѓето често имаат проблеми кои не можат да ги решат, ниту пак може да им се помогне користејќи ја само свесната состојба на умот. Во такви случаи, хипнотерапијата е идеална методаза да се пронајде проблемот во потсвеста и да се реши. Притоа се користи само сугестијата од хипнотерапевтот или автосугестијата од клиентот, без да се употребуваат какви било медикаменти, инструменти, ништо физичко со еден збор. Затоа и не постои можност за грешка, погрешна примена, предозираност, нуспојава и штетни последици од лекови и други постапки, заради што хипнотерапијата ја вбројуваат во најсофистицираните, наједноставните за клиентите, најбезболните, најбезбедните методи за оздравување. Притоа е потребна само желба, верба и соработка на клиентот со својот хипнотерапевт. Моќта на сугестијата е толку голема што со неа, во хипнотерапијата, може да се постигне разрешување на разни психички, психосоматски и физички болести, па дури и се вршат операции без анестезија, каде што клиентот воопшто не чувствува болка, а заздравувањето е неколкукратно побрзо.
ММ: А, зошто луѓето ги фаќа страв? Дали е рационален? Од каде потекнува? Мислам на стравот. Незнаењето е причината за него? Или неизвесноста? Можеби недовербата? Оттаму и прашањето - како се станува хипнотерапевт? Постојат критериуми, услови за тоа? Ментори, школи?
Ј. Ј.:Стравот е природна, примитивна човечка емоција. Може да е рационален, но и да потекнува од замислени опасности. Може да биде и симптом на разни ментални состојби како разни фобии, паничен напад, социјална анксиозност и посттрауматски синдром. За да се стане хипнотерапевт, треба да се помине обука за хипноза и хипнотерапија, за кои постојат и школи и ментори.
ММ: Како се хипнотизира? Каква е улогата на спиралата? Ротира, нели? Понатаму, што се случува? Текот, каков е? Влијаете на потсвеста или..? Сонот е нејзина манифестација, всушност.
Ј. Ј.:Постојат многу начини да се влезе во хипноза. Еден од нив е спиралата која ротира. Улогата на спиралата е да се предизвика замор и полесно да се прифатат сугестиите. Во хипноза се влегува со помош на сугестии од хипнотизерот на кои е фокусиран клиентот. Хипнотизерот го води клиентот во физичка и ментална опуштеност при што се заобиколува критичниот фактор на клиентот и тој се преселува од свесниот во потсвесниот дел од неговиот ум. На тој начин се обезбедува хипнотичка состојба која наликува на сон, но клиентот не е заспан - тој е свесен, може да слуша, да зборува, да гледа, да се движи и е во контакт со својата потсвест и со хипнотерапевтот. Во таквата состојба, клиентот е посугестибилен и ги прифаќа сугестиите од хипнотизерот, кои се позитивни и наменети за решавање на конкретните проблеми. На тој начин се влијае на промена во потсвеста и се обезбедува долготрајно решение на конкретниот проблем.
ММ: Што се лекува со хипноза? Какви болести, заболувања? Кога делотворноста, ефикасноста, успешноста е најголема, во кои случаи, какви? Дали е потребна само една хипнотерапија или повеќе? Од што зависи?
Ј. Ј.:Хипнотерапијата има успех при лечење разни психички, психосоматски и физички болести. Помага при астма, ќелавост, ноќно стискање заби, грицкање нокти, неврози, експлозивност, кошмари, главоболки, мигрени, несоница, јадеж, пелтечење, зголемување на меморијата, мотивација за учење, треми, зголемување на самодовербата, контрола на болка, безболно породување, намалување на телесната тежина, безболна работа на стоматолог, иритабилен колон, сите стравови, сите фобии, алергии, анксиозност, амнезија, анорексија, булимија, црвенеење, разни несигурности, дијареја, тешко варење, фригидност, импотенција, пребрза ејакулација, сексуални проблеми, вагинизам, ПМС, брачни проблеми, љубомора, прејадување, псоријаза, стрес, плашливост, чирови, загриженост, хипохондрија, депресија, чувство на вина, инфериорност, помош при хронични болести, психосоматски болести, клептоманија, за откажување од цигари, алкохол, наркотици, постигнување поголеми спортски успеси, самоусовршување, самоисцелување и друго.
ММ: Некои од болестите, заболувањата се лечат и со медикаменти, па... Медицината има став, мислење? Дали се спротивставува? Што велат психијатрите, психолозите на пример? Какво е Вашето искуство, сте имале „пациенти“ на кои не им помогнале апови, разговори..?
Ј. Ј.:Сум имал клиенти на кои не им помогнале апчиња бидејќи со нив само се намалуваат симптомите, а не се решава проблемот што се наоѓа во потсвеста. А,85% од болестите се психосоматски што значи дека психата ги генерира болестите кои се манифестираат во телото. За разлика од психотерапијата во која се делува на свесниот ум со разговори, во хипнотерапијата се делува на потсвесниот ум каде што се сите проблеми, трауми, погрешни убедувања и уверувања, несоодветни одбрани и негативни фантазии и очекувања. Затоа има сѐ повеќе доктори, психијатри и психолози кои ја користат хипнотерапијата како безбеден, дополнителен и алтернативен начин на лекување.
ММ: А, што е потребно за хипнотерапијата да биде успешна? Верата? Може да се говори за селекција во лекувањето со хипноза, т.е. на кого не му го препорачувате? И дали постои разлика меѓу хипнотерапија на мажи, жени?
Ј. Ј.:За решавање на проблемите кај луѓето не постои волшебно стапче, независно дали се психички, физички, здравствени, а овој список може да се продолжи и во други правци како финансиски, емотивни итн. И покрај сите науки и искуства, тоа не е можно. Единствено што постои или не постои е желбата да си помогнете. Тоа мора да го имате само виеи никој друг. И оттука се тргнува и со тоа се завршува.
Доколку клиентот нема желба да си помогне, т.е. да ја смени состојбата на која се жали, а му смета или, пак, да дозволи на хипнотерапевтот да му помогне, тогаш тука не се може ништо. Клиентот е главниот фактор за успех на хипнотерапијата. Хипнотерапевтот со своето знаење и искуство е само негов водач до саканите промени, до успехот. Значи, успехот на хипнотерапевтот е стопроцентен кога клиентот има желба и дозволува промена. Разлика во хипнотерапијата меѓу мажи и жени не постои. Постојат само два типа луѓе на кои хипнотерапевтот не може да им помогне. Едните се со физичко оштетување на мозокот, кои не можат да го следат хипнотерапевтот и другите се оние кои не сакаат и не му дозволуваат на хипнотерапевтот да им помогне, односно оние кои не сакаат да си помогнат. Сепак, ваквите се во многу мал број и затоа иднината на хипнотерапијата допрва ѝ претстои како совршена, едноставна, брза, ефикасна и без штетни последици метода за решавање на сè повеќе неповолни здравствени, психички и психосоматски проблеми и состојби.
ММ: Хипнозата е иста, еднаква за сите? Постои нејзина поделба? Всушност, каква е таа? На што се заснова? Според Вас, хипнотизирањето се врзува со чувствителноста, сензибилитетот на човекот? Од што зависи дали ќе се примени една или друга хипноза?
Ј. Ј.:Постои хетерохипноза и самохипноза. Во првата, хипнотизерот го хипнотизира клиентот, а во втората - клиентот е хипнотизер самиот на себе.
Хетерохипноза се користи кога клиентот не си го знае проблемот и не може да го најде. Во тој случај, хипнотерапевтот со своето водство му помага да го најде и реши проблемот во неговата потсвест.
Самохипнозата се користи кога клиентот е обучен да може сам да влезе и излезе од хипнотичка состојба и во таа состојба да си ги искористи веќе подготвените сугестии. Луѓето што се поемотивни и имаат поголема фантазија во хипноза влегуваат полесно и подлабоко.
ММ: Можно е „заглавување“, нешто да излезе од контрола? Нуспојава? Можеби зависност од хипноза и хипнотерапија? Сте имале такво искуство?
Ј. Ј.:Ако хипнозата се работи професионално и стручно, нема никакви негативни ефекти и не постои зависност од неа. Таа е безбедна, ефективна и дава брзи резултати за разлика од другите терапии.Тоа е потврдено во сите мои бројни хипнотераписки сеанси
ММ: Кога е хипнозата во прашање, дали сте ја примениле на себе? Автохипнозата делува, можна е? Дали воопшто се практикува? И како, каква е постапката?
Ј. Ј.:Да, сум бил во хипноза и практикувам автохипноза. Обучен сум за самохипноза, како да влезам во хипнотичка состојба, знам како да си самосугерирам и како да излезам од хипнозата, притоа сугестиите да бидат прифатени од потсвеста и да функционираат. Обуката за автохипноза е лесна. Ја правам во две сеанси и клиентот може да ја користи кога сака и колку сака за постигнување на своите цели.Моите клиенти, кои сум ги обучил за самохипноза, ја користат и се презадоволни од ефектите и резултатите.
ММ: На крајот, ќе ни кажете ли каков е ставот на црквата за хипнотерапијата? Има свое мислење? И покрај тоа што се работи за „природно“ лекување, не се користат медикаменти.
Ј. Ј.:Колку што јас сум упатен, повеќето религии како христијанството, исламот, јудаизмот, будизмот и хиндуизмот не се против хипнозата. Исклучоци се обично помалите фундаментални религиозни групи. Хипнозата се користи за добри цели - раст, здравје и бенефит на луѓето, а тоа е во согласност со религијата.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Јосиф Јаневски