За скулптурите од метал со Петар Босилков: Се обидов кај битолските власти да ја протнам идејата за тесеракт од 6 метри во битолскиот парк, нормално - подарок, но ми беше кажано дека сите места се резервирани
Поврзаноста на битолчанецот кој живее во Скопје, од пред
извесно време - Петар Босилков, чиј
скулпторски талент може јасно да се види, со металот и психологијата (едно од
полињата на интерес, покрај глумата) беше иницијална за да го интервјуираме, да
помуабетиме за неговиот моментален уметнички позив, дарбата и секако, делата
кои се резултат на мисловната, односно геометријата на мислата. Имено, во
психологијата, науката за изучување на умот и начинот на кој функционира,
металот ја симболизира човековата сетилност, која може да се контролира само со
духовниот развој. Инаку, неговата симболика е различна, тој е амблем на
космичката енергија, затворена во цврста форма. Неретко го комбинира со дрво,
стакло.., го бојосува.
Скулптурните дела на П. Б. ги красат домовите, угостителските дуќани, хотелите во Бугарија и тука, во Македонија - Битола, Скопје... Предизвик му е изработка на мегаскулптура (6-метарска), една или повеќе, кои ќе се постават на отворено. Таков подарок за жителите на Битола, во тесерална форма (сенката остава посебен впечаток), не прифатија битолските власти, под изговор дека сите места се резервирани.
Во фаворитските го вбројува и делото со наслов „Хармонично семејство“ - жената или женската енергија визави мажот или машката енергија.., а пропо горенаведената космичка енергија. Исто така изработува вински сталажи (полици), светилки (ламби), огледала.
ММ: Без оглед на Вашиот интерес кон глумата и психологијата, дизајнирањето Ви е моментална преокупација за која велите дека ќе стане и постојана, основна. Ме интересира, зошто се одлучивте за скулптурите од метал, преку нив да се изразувате артистички, т.е. уметнички? Случајно или.., како почна сѐ? Што беше одлучувачко, преломен миг?
П. Б.: Секое човечко битие е прилично комплексно, оттаму и начинот на кој се изразуваме е комплексен, вклучително и говорот и текстот, но и говорот на телото. Нив ги земаме здраво за готово и често се сметаме за експерти, барем во едно од нив. Секој вид на изразување може да е уметност. Каква е таа уметност и што носи во себе е сосема друго прашање. На пример, можеме да станеме виртуози на пишаниот збор, но што излегува од нас ќе го детерминира нивото на нашето дело и на самите нас.
Основниот проблем во комуникацијата е недоразбирањето. Навидум зборуваме на ист јазик, но не се разбираме. Недоразбирањето е многу потешко да се случи во геометријата. Ретко кога ќе слушнете дискусија околу прашањето дали кругот е круг или квадрат. Погорното ќе го дискутираат или доктори на науки или луѓе со обратно облечени кошули, кои се шетаат слободно.
И така, после долгогодишно битисување почнав да комуницирам со металот, чисто терапевтски. Мислите станаа форми, а металот стана материјалот кој е доволно цврст, но и доволно еластичен да ја заземе речиси секоја форма на мислата.
ММ: Металот е единствениот материјал со кој работите? Употребувате и нешто друго? Неопходно е познавање на неговите карактеристики, вклучително и на можностите за соодветна техничка примена. Всушност, какви методи користите? Дали комбинирате повеќе, неколку?
П. Б.: На почетокот не се оптоварував со тоа каков материјал користам, но со текот на времето го засакав металот. Една од главните карактеристики му е долговечноста. Но, сепак, најважно ми е да го извадам на виделина тоа што го гледам со затворени очи. Обработката на металот е основната дејност на моето семејство веќе 30 години, така што беше сосема логично да биде металот бидејќи на дофат ми беа сите алати и материјали. Потоа, сосема природно се вметнаа други материјали, како на пример стаклото и дрвото.
ММ: Можете ли да го опишете металот, од Ваша перспектива - уметничка? Навидум е грд, неубав. Како го доживувате Вие? На кој начин го „облагородувате“, го правите да стане привлечен. Од друга страна, пак, металниот сјај е восхитувачки, сам од себе. Има некаква симболика?Во психологијата, на пример.
П. Б.: Би рекол дека нема грд материјал. Хартијата и перото можат да бидат со највисок квалитет и со врвен дизајн, но ако ги фатат грди прсти, делото е грдо.
Да, металот изгледа ладно, недостапно, а со правилна термичка обработка станува мек, достапен. Дури и без термичка обработка, металот се витка лесно, па така - тоа што изгледа дека е и тоа што е, всушност, се две различни работи.
Кога правам композиција од метал, се случуваат „грешки“. Речиси секогаш ги оставам грешките да ме водат и така стануваат дел од дизајнот. Грешката често е преминот од една форма во друга. Грешката воопшто не ја сметам за грешка, но начинот на кој потсвеста комуницира со нас ни укажува дека тоа што сакаме да е и тоа што треба да е, всушност, се две различни работи.
ММ: Што е особено важно да се знае кога е изработката на скулптури од метал во прашање? Дали нивната форма, т.е. обликот е рефлексија, одраз на мисловната, односно геометријата на мислата? Оттука и неговото значење, приказната врзана со него...
П. Б.: Би рекол дека сите аспекти ми се подеднакво важни, но би излажал. Субјективно, формата ми е најважна. Сама по себе, мислата не е ниту текст ниту звук ниту форма. Тие се начини да се пренесе таа. Најчесто комуницираме преку зборови, го дефинираме нивното значење и преку комбинирање на истите, се трудиме да ја предадеме смислата на мислата. Истото се случува и со формите, но на посуптилно ниво. Пораката во формата во овој случај се перципира поретко од свесниот ум, а почесто од потсвесниот.
Земете го Сонцето на пример и неговата форма. За нас, тоа означува живот. Оттука и кругот во симболиката е еден од најважните и највиши амблеми и влијае позитивно на набљудувачот, без тој специјално да се фокусира на неговата форма.
Што се однесува до самата техничка обработка на металот, се грижам за формата да не го изгуби континуитетот. Најчесто заварувам со MIG (Metal Inert Gas), користејќи CO2 гас. Се грижам за врската меѓу сите делови да е силна, освен ако не е наумено обратното во самиот дизајн.
ММ: Всушност, не правите исклучиво скулптури, но и винските сталажи (полици), светилките (ламбите), огледалата се исто така скулптурни. Понекогаш употребувате стакло, дрво.., како што споменавте, па и бои заради сетилна „опсада“ на посматрачот, набљудувачот... Според Вас, кога се работи за декорирање на просторот, ентериерот, какви форми, облици препорачувате за т.н. машки за кој неодамна пишувавме? И што се вклопува поуспешно, повеќе во него - природната боја или колоритот?
П. Б.: Имам само една филозофија околу дизајните, а тоа е: кога ќе се тргне практичната примена, дали предметот може да стои во просторот, сам по себе, без да смета. Често се случува луѓето да ме прашаат што е ова, точно пред моментот да го ставам последниот дел на скулптурата, а тоа е практичниот дел, односно пред да го ставам огледалото, виното, книгата или што и да е.Еден трупец е само сечено дрво дури некој не седне на него, потоа е стол. Кога ќе ги постави чиниите и чашите е маса, па потпора за цепење дрва, па скала да се поткачиме.Со други зборови, ние одлучуваме за практичната примена на секој предмет околу нас. Убавината си постои и без неа. Во суштината на еден предмет, било да е од метал или кој и да е друг материјал, не стои неговата функционалност. Ние си ја измислуваме, како што си ја измислуваме и потребата од неа.
Што се однесува до декорацијата на личиот простор, било да е за мажи, жени или која било комбинација, пристапот не смее да биде мрзелив. Мора да се има предвид човекот кој живее во тој простор, неговиот карактер, неговите способности и неговите недостатоци. Тоа што тој сака, често не е тоа што му треба. Клиентите доаѓаат со нивна идеја и често си одат со дизајнот кој треба да го имаат. Но, како што реков, не може мрзеливо, барем малку треба да се запознае човекот за кого се прави дизајнот. А, кога се работи за готовите скулптури, тие досега си го нашле човекот.
ММ: Вашите дела ги украсуваат домовите, угостителските дуќани, хотелите во Бугарија и тука, во Македонија - Битола, Скопје... Можете да ни ги доловите? Едно-две, омилените. И фотографски, но и раскажувачки, нивните приказни.
П. Б.: Како што родителите ќе излажат дека имаат ист однос кон сите свои деца, така и јас ќе излажам дека сите скулптури ми се омилени. Се разбира дека со некои од скулптурите сум врзан сентиментално бидејќи темите кои се зафатени со нив допираат до прашањата и проблемите кои често ги среќаваме во нашите животи и се доволно болни за сите нас. Но, ако треба да изберам една скулптура, тоа би била „Хармоничното семејство“. Жената, односно женската енергија како потпора и згрижувач на животот и мажот, односно машката енергија како заштитник кој го згрижува плодот на нивната љубов, за во следниот момент да му ја дадат полната слобода.
Како форма, заљубен сум во тесерактот или, поточно, во неговата сенка која, се разбира, веќе постои како форма. Како што тродимензионалното тело фрла дводимензионална сенка, така четиридимензионалното тело фрла тродимензионална сенка. Нормално, објаснувањето е оскудно и парцијално неточно, но мислам дека ја доловува смислата на „Сенката на тесерактот“. Четиридимензионалното тело не може да се набљудува со голо око, иако нашиот мозок креира дводимензионална слика на тродимензионалниот свет и само благодарејќи на сенките, можеме да ја детерминираме длабочината на сликата, односно третата димензија.
ММ: Како ги осмислувате дизајните? Од што се инспирирате? Дали барањата, желбите на клиентите се конгруенциски, соодветствуваат на Вашиот креативен сезибилитет, вкус или сепак, потребно е (раз)убедување и слично? Како беше досега? На кој принцип работите?
П. Б.: Се грижам барем свесно да не копирам. Кога ќе дојдат клиенти со дизајн што го виделе на продажба на некоја веб-страница, им советувам да го купат затоа што некој веќе се потрудил да го направи. Во остатокот од случаите, луѓето ми даваат генерален правец и имаме конструктивен разговор. На крајот ги прашувам дали може да направам тоа што мислам дека треба, сугерирајќи што мислам дека е најдобро за нив и лесно стигнуваме до заеднички јазик. Инаку, дизајните ги осмислувам во внатрешна тишина и обично светнуваат во моментот кога ќе се стиши умот.
ММ: Навидум се модерни, современи, а сепак датираат одамна. Мислам на скулптурите од метал воопшто. Ќе ни кажете ли нешто за нивната историја, блиското и далечното минато? И за примената, се разбира. Мала дескрипција, накратко.
П. Б.: Металните скулптури, односно предметите од метал, барем колку што му е познато на модерното општество, датираат од пред 6-7.000 години. Најчесто изработувани од благородни метали, служеле да се покаже статусот и благосостојбата, кои опстојуваат и ден-денес. Долговечноста на металот е еден од факторите.
ММ: Во метрополите ширум светот е забележлива слободата на изразување кога е скулпторството во прашање, вклучително и скулптурите од метал, кои неретко ги красат парковите, плоштадите и улиците. Повеќето од нив се донации од скулпторите. Вашата идеја каква е? Мислам дека и Вие инициравте такво нешто, во Битола. А, во Скопје каде би поставиле Ваша скулптура од метал? И каква?
П. Б.: Се обидов кај битолските власти да ја протнам идејата за тесеракт од 6 метри во битолскиот парк, нормално - подарок за, ако ништо друго, суптилно да се сугерира мултидимензионалноста на човечкото битие, но ми беше кажано дека сите места се резервирани. Можеби треба да го инсталирам во герила стил со четири метри анкерна плоча, додека се договорат што точно ќе прават на тоа место. Истото важи за Скопје и за сите градови во Македонија. Би сакал да поставам по еден тесеракт во секој град, но не знам дали баш во секој град може да биде подарок.
ММ: На што работите моментално? Ве предизвикува нешто друго, како рециклирањето на пример, металните конструкции од стари делови? И како гледате на иднината кога се работи за скулптурите од метал?
П. Б.: Веќе го имаме Владо Костов, кој е мајстор во креирањето на метални скулптури од стари делови. Би си стоел на мојот дел од патот дури не раскажам сé што имам да раскажам, а тоа може да потрае.
Паралелно одгледувам „каролина рипер“, една од најлутите пиперки на светот, која ќе биде интегрален дел од лутиот сос кој го спремам, веќе испробан со чили, но недоволно лут за мојот вкус.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Петар Босилков