Засекогаш замина тренерот кој ги направи Перо Антиќ и Ѓорѓи Чековски играчишта: Цевка, почивај во мир
Вчера почина Драган Василев - Цевка, скопска легенда и најверојатно најдобриот кошаркарски тренер за младинци во Македонија, познат по тоа што низ негови раце помина менторството над кошаркарските великани Перо Антиќ и Ѓорѓи Чековски, со кои подоцна Македонија го освои четвртото место на Европското првенство.
Работејќи тоа што со децении наназад му носеше најголема радост, со најмладите на кампот на КФМ во Маврово, на Василов му се слошило по вечерата и набрзо ја загубил најважната битка без разлика на исклучителните напори да му се помогне. Имаше 64 години.
„Вчера нè напушти еден од најдобрите
кошаркарски младински тренери во државата, Драган Василов - Цевка.
Василов е поранешен младински тренер и селектор на кадетската репрезентација
кој во кошарката беше активен повеќе од триесет години и низ чии раце поминале
играчи како Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, Емил Рајковиќ и
многу други кошаркари кои оставиле свој белег во македонската кошарка.
Последно, Василов ја извршуваше функцијата претседател на Тренерската комисија
во КФСМ.
Нека почива во мир“, соопшти кошаркарскиот клуб Работнички, инаку најтрофеен во
земјата.
Од него се прости уште една легенда на Работнички, Јорданчо Давитков, кому краток период и нему Цевка му бил тренер.
„Игравме заедно во Работницки, подоцна ми бесе тренер па соработник И колега. Секогаш насмеан и ведар Ииспремен за шала. Ја сакаше работата со деца и уживаше во тоа. Нема зборови за сочуство до фамилијата и нивната загуба. Цевче... Батка... Почивај во Мир“, објави Давитков.
Тони Симиќ, уште една поранешна кошаркарска легенда, а сега тренер од помладата генерација, се збогуваше со големото тренерско име.
„Како да си кажеме збогум Цевка?Не можев да поверувам кога ми кажаа.Уште еден голем човек замина во легендите.Ми беше учител,тренер,пријател.Но таквите како што беше ти не умираат.Продолжуваат да живеат во спомените.Сепак морам да кажам "Збогум голем човеку".Чувај не сите од горе“, напиша Симиќ.
И од МЗТ Скопје, градскиот ривал на Работнички. изразија жалење за големата загуба за македонското кошаркарско семејство, по веста за ненадејната смрт на еден од најдобрите тренери во младинските категории на сите времиња кај нас,
„Василов неколку години од својот богат тренерски опус мина и во младинската школа на нашиот клуб, пренесувајќи дел од своето огромно искуство на плејада таленти кои потоа продолжија да се надградуваат уште повеќе.
КК МЗТ Скопје Аеродром изразува најголемо сочуство до семејството, роднините и пријателите на нашиот драг Цевка. Изгубивме човек со големо срце.Слава му!“, истакна клубот од Јане Сандански.