„Земја на номади“ заслужено победоносно на Оскарите: Гламурот повторно доминираше
Од десетте номинации, филмот „Менк“ освои само два оскара, за кинематографија и сценографија, најдобар странски филм е „Уште една тура“ од Данска, а најдобар документарец „Октоподот, мојот учител“ од Јужна Африка.
Но, Драмата „Земја на номади“ на кинеската режисерка Клое Жао е прогласена за најдобар филм на 93. доделување на престижните Оскари. Филмот на Жао освои три големи награди на церемонија која се разликуваше од сите досегашни и се одржа два месеци подоцна од вообичаено.
Дваесет и една година по Кетрин Бигелоу, Жао стана само втора жена која се закити со режисерскиот оскар, а големо изненадување се случи на крајот на вечерта во главната железничка станица во Лос Анџелес.
Имено, неочекувано, Ентони Хопкинс беше прогласен за најдобар актер за филмот „Татко“. Со 83 години, Хопкинс стана најстариот актер кој освоил оскар.
Ѕвездата на филмот Земја на номади Френсис Мекдорманд го доби оскарот за најдобра актерка, со што се израмни со Мерил Стрип. И двете имаат по три оскари. Рекордерка е Кетрин Хепберн со четири.
Јух Џунг-Јоун („Минари“) доби Оскар за најдобра споредна женска улога и тоа е првиот актерски оскар за Јужна Кореја, што доаѓа една година по големиот триумф на „Паразит“. Британецот Даниел Калуја славеше во машка конкуренција за „Исус и црниот месија“.
„Татко“ беше награден и за најдобро адаптирано сценарио, додека Емералд Фенел загуби од Жао за најдобра режисерка, но доби утешна статуетка за најдобро оригинално сценарио за „Надежна млада жена“.