Земјотреси имало, има и ќе има затоа што целата територија на Македонија лежи во тектонски активна (лабилна) зона

Земјотреси имало, има и ќе има затоа што целата територија на Македонија лежи во тектонски активна (лабилна) зона, во близина на судирот помеѓу Африканската и Европската (Евроазиска) мегаплоча. 

Долж северниот дел на државата, минува една од најлабилните дислокации наречена Ќустендилско-Скопско-Дебарски расед. На секои 3-4 години, на места каде оваа дислокација се вкрстува со локални СЗ-ЈИ раседи, се јавува по некој посилен земјотрес, што не е ништо чудно, страшно или невообичаено. Во 2016. тоа беше Скопскиот земјотрес со 5,3 магнитуда, неколку пати имаше нешто посилни земјотреси помеѓу Тетово, Гостивар и Дебар (на пресекот со Шарскиот-Полошки расед и повеќето раседи долж долината на Радика). Во овој дел, т.е. во западниот и северозападниот дел на Македонија, земјотресите се главно како резултат на притисокот од Јадранската плоча на запад (таа беше причина и за земјотресите во Драч). 

Инаку, во овој карстен простор на границата помеѓу Шар Планина и Бистра, можеби има некакво минимално тектонско влијание од осцилациите (на тежината) на Мавровската акумулација, но главна и основна причина е нарушената динамичка рамнотежа на Јадранската плоча кон маргините на Европско-Балканската плоча и акумулираната енергија од бројните земјотреси на овој простор и поширокиот регион, во изминатите години. 

Ова е дел од писанието што пред извесно време го сподели Професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет од Скопје