Жената е сериозна работа и бара секакво внимание: Пејачот Јовче Пандев за Машки магазин

Јовче Пандев е релативно ново име на македонската музичка сцена. Има специфичен глас, го негува рокот и стилот на 90-тите. Пред 5 дена ја промовираше својата нова песна и видео спотот за неа „Пирејот на љубовта“. Таа е петта негова песна.

Овој млад пејач кој има 26 години вели дека за сериозни врски ќе размислува по 30-та, тој серизоно ги сфаќа дамите и за него една жена заслужува секакво внимание.

Многумина од вас ќе го препознаат по неговите настапи на „Мјузиклот Тајно Моја“, а во своето ексклузивно интервју за Машки магазин откри и каде се гледа во иднина.


М.М: Како ги поминавте деновите во изолација/карантин Јовче?

- Ејјјј .... многу еснафски, со сите мезиња, добра ракија и слично. Мобилизационо. На минутите пред lockdown, се пазареше со чувство дека утре ќе нема пиво. Инаку генерално со моите дома и некои другари – најблиските. (Шшшшшт)

М.М: Како влијаеше и како сеуште влијае корона-кризата врз вас?

- Па, не знам, немаше некој драматичен ефект. Но, мислам дека откритието се случи кога разбрав колку уживам во магијата на тие блиски интимни интеракции со татко ми, и со пријателите. Без дискотеки, кафичи и слично.Ти човекот до тебе и шпоретот на дрва. Разбирав дека се важни и дека ми годат. Инаку, во принцип, со короната се игнорираме. Кога како.


М.М: Првата ваша песна „Суден час“ беше и е се уште добро прифатена од публиката. Ќе продолжите во ист жанр со творење на музика, или може да очекуваме и друг стил на музика?

- Па видете музиката е сериозен естетски експеримент и штета е да се повтори истото. Многу е поинтересно да копате по материјалот. Инаку да. Овој проект кој треба да значи прв албум ќе има таква нијанса на меланхолија, мистичност и слични видови естетска тежина. За понатаму, ќе видиме како и во која насока ќе созрееме.

М.М: Како ново име на музичката македонска сцена, лесно ли се пробивте низ морето од артисти, имавте ли поддршка, спонзори?

- Имам да. Неколкуте музички ТВ магазини, некој портал и тоа е тоа, не  енешто спектакуларно. Сестра ми, ми има дадено пари за видео спот и неколку другари. Фала им. Ма какви спонзори!

Се пробивам тешко. Мноогу тешко. Не е баш прифатлив тој призвук ама има време.

М.М: Дали правите свирки и кој жанр најмногу го свирите, дали песните се најчесто по ваш избор или по избор на публиката?

- Големината на музиката е да одликува вкус и желби околу репертоарските решенија кај публиката, воедно и куртуролошки да придонесе кај истата. Тое е многу важно. Музичарите мора да нудат и обликуваат а не обратно, како што сведочиме последните 6-7 години. Затоа и така изгледа сцената. Не рафиниран полу оригинален турбо фолк со божем примесина некој прогресивен „масивен“ звук и агресивни рецитали. Во секој случај многу кич.

И да се врати: Репертоарот го обликуваме ние, нормално се случува и некоја желба „ in the name of love“



М.М:  Што ново да очекува публиката од Јовче Пандев?

- Уште една песна и спот до крајот на годината. Можеби и некоја акустична обработка на македонска музика.

М.М: Дали наскоро ќе ве видиме на некој музички натпревар, фестивал?

- Прилично сум сигурен дека не.

М.М: Кој се е дел од вашиот нов проект - новата песна?

- Многу драги луѓе. Да бевме на некој концерт или свирка во знак на благодарност ќе ги најавев спектакуларно како спикерот во Staples Centar што го најавува Леброн Џејмс.  Вака е глупо да ги куцам.


М.М: Како се создаваше текстот за песната, музиката, аранжманот, видеоспотот?

- Се создаваше и малку тензично и спокојно. Доста зрело и остварено по желба, тоа што го сакавме. Грандиозен минимализам. Кој суштински припаѓа на Rock n Roll-ot во нашата ситуација. Се на се „ Пирејот на Јулија“ се претопи во добро парче уметност.

М.М: Кога откривте дека музиката е вашата страст, односно кога се самооткривте, кој го откри вашиот музички талент?

- Релативно доцна почнав. На 22 години. А стихијно талентот се откриваше сам од себе. Не можам да бидам прецизен по тоа прашање.

М.М: Самоук сте или се гени во прашање?

- Па добро нема опција да се занимавате со било што ако се само гени во прашање.  Мора да бидете некаков „ук“. Јас сум генерално самоук со изразени гени. Инаку гените помалку или повеќе за било што ги носат сите. Мантрата е во освестување на гените.

М.М: Освен со музиката, дали имаште и друго занимање?

- Имам. Како „work and travel“, нели?! 2-3 работи! (се смее). Таков е современиот музичар во Македонија.


М.М: Каде се гледате во иднина?

- Се надевам во милоста Божја.

М.М: Ваше мислење за моменталната состојба во/со музиката кај нас, во земјава?

- Аиии... начнав одговор на тоа прашање погоре некаде. Вака, ќе бидам краток: Мислам дека со оваа понува, музичка моментално културолошки се стерилизираат нови генерации –Немојте да го правите тоа!

Тое е многу важно за децата за правилен развој на личноста, за нас е лесно, ние знаеме кој е Брејк, Венко, Вртев, кои се Архангел, Мизар и се она што злато вреди во Македонија.

М.М: Идни планови?

- Уште една песна со видео спот до Нова година, па после ќе видиме.


Мислам дека косата е само визуелно мој заштитен знак


М.М: Дали е во врска Јовче или е сингл?

- Јовче скоро цел живот е во врска-сингл. Ама среќа со него лесно се договоривме. Сериозни работи после 30-тата. Оти жената е сериозна работа и заслужува секакво внимание.

М.М:  Зошто ја чувате косата долга, дали таа е вашиот заштитен знак?

- Косата ја чувам долга затоа што сакам и точка. А мислам дека само визуелно тоа е заштитен знак. Има и поважни заштитни знаци ако седнеме на муабет.

М.М:  Каков тип на девојки го привлекуваат вашето внимание?

- Префинети. Фраерки. Благородни. Сите жени.

М.М: Сподели со нашите читатели, несекојдневна случка од некој од вашите настапи?

Не сме свиреле 500 години, заборавив. Или нема таква случка.

М.М: Ако не би бил пејач, што би бил?

- Можеби психолог. Бидејќи сакам „добра капка“, не би можел да бидам добар спортист а многу сакав, и тренирав кошарка 7 години .... можеби офицер, старец кој пуши во својата канцеларија и пие виски. Страв и трепет а добар во душа. Не знам ... амазнам дека ако сум бил во веме комитско ќе сум бил војвода. Ја љубам правдата за Македонија и самата неа. Да живее мирољубивиот македонизам и Божјата милост. Секое добро за сите!


Н.Миланова

Фото: Фејсбук/Јовче Пандев