Жени, мажи и деца, помагаа кој како може, носеа вода за гаснење на пожарот, за пиење, носеа алати: Новинарот Стоиков сведочи за ужасниот пожар кој беснееше во кочанскиот регион
Жени, мажи и деца, помагаа кој како може, носеа вода за гаснење на пожарот, за пиење, носеа алати. Сцените беа траорни, свињи - живи испечени, свртени на грб даваа сè уште знаци на живот. Овде беше најлошо, џиповите, односно пумпите за вода се полнеа со туби, кофи, шишиња, буквално кој со што ќе стигне. Тука пристапив и јас со гаснење на пожарот, со лопата - раскажува 27-годишниот новинар Симеончо Стоиков од Кочани за стравичниот пожар кој го зафати кочанскиот регион во неделата.
А кога чувството на гнев, револт, нервоза за неколку часа ќе премине во гордост и исполнетост, среќа што си успеал да помогнеш и да спасиш нечиј дом, викендичка, автомобил, се случува бура од емоции вели Стоиков.
Тој за Женски магазин сведочи за ужасниот пожар кој беснееше во кочанскиот регион каде тој десетина часови помагал во гаснењето на огнот, поминувајќи ја ноќта со неговите сограѓани доброволци.
Глетката од пожарите, од тоа што видовме на видеа и фотографии, беше страшна и жална, но како беше на лице место, каде граѓаните беа изложени на голема опасност, ни раскажува Стоиков.
За продолжениот викенд, Симеончо бил надвор од Кочани, на враќање забележал пожар над градот во зелениот појас. Кога пристигнал дома и вклучил лаптоп забележал на фејсбук драматични апели за помош и споделени видеа.
- Во исто време излегов надвор на тераса и забележав огромни облаци од чад. Притоа започна да дува ненормално силен ветер. Веднаш преку социјалните мрежи со мои другари контактиравме, исто така и со неколку соседи и без размислување заминавме кон посоченото место - раскажува тој за моментот кога дознал за стравичниот пожар.
„Луѓе испаничени и исцрнети од чад, испотени и задишани се бореа да ги зачуваат своите куќи од огнот кој буквално беше дојден до самата ограда од нивните дворови“
- Поради гужвата од автомобили и луѓе, а исто така патот беше блокиран од страна на МВР моравме да го оставиме возилот на околу еден километар и да пешачиме. Се упатив кон Белско мало (излезот од градот кој води кон Пониква). Од лева страна на улицата луѓе испаничени и исцрнети од чад, испотени и задишани се бореа да ги зачуваат своите куќи од огнот кој буквално беше дојден до самата ограда од нивните дворови. Додека од карши, од десно се надвиваше огромен оган од складот на македонски шуми каде гореа стотина кубици дрва, но и околу 50 запленети возила од шумската полиција. Тоа беше страшен и голем оган, го гасеше само една цистерна со двајца пожарникари, а откако им снема вода и по повик дека има нова критична точка заминаа за кратко - ја опишува тој сцената која ја затекнал по пристигањето на местото кое вели, било крајно небезбедно поради големиот оган.
Траорни сцени во Драчевик - пожарот почнал да се спушта кон куќите, а брзата реакција на доброволците и пожарникарите била пресудна во овие моменти
Тој и уште десетина доброволци кои во меѓуврме пристигнале, биле упатени на нова локација, Драчевик. Е тука беше шокот - вели тој, изгорена куќа, односно кровот и еден спрат, а веднаш под истата два теренски џипа од Виница и Кочани со неколку пожарникари се обидувале да спасат три куќи, и за среќа тоа се случило, ги спасиле.
Целото интервју прочитајте го на Женски магазин.