15,5 евра по доза за вакцината против Ковид-19 развиена од Pfizer и BioNTech
Податоците за цената, кои не се претходно објавени, потврдуваат дека за првично снабдување со овие вакцини, ЕУ плаќа помалку по доза од САД, како што објави Ројтерс минатата недела.
Европската унија може да плати скоро 10 милијарди евра за да обезбеди стотици милиони дози на вакцината што ја развиваат Pfizer-BioNTech и CureVac, изјави за Ројтерс официјален претставник на ЕУ вклучен во преговорите.
Блокот се согласи да плати 15,50 евра по доза за вакцината против COVID 19, развиена од Pfizer и BioNTech, според официјалниот претставник.
Тоа би значело вкупна цена до 3,1 милијарди евра за 200 милиони дози и 4,65 милијарди евра доколку се набават дополнителни 100 милиони дози според договорот, рече официјалното лице.
Договорот вклучува осигурување за земјите од ЕУ да добиваат компензација ако компаниите ги пренасочат дозите кон САД, според извор кој сакал да остане анонимен поради чувствителноста на проблемот.
Европската унија одделно се согласи да плати 10 евра по доза за првично снабдување со 225 милиони дози за вакцина CureVac, што е попуст во однос на 12-те евра што компанијата ги постави како цена за вакцинирање, рече официјалното лице.
Блокот постигна договор со CureVac оваа недела да обезбеди снабдување до 405 милиони дози, од кои 180 милиони не се задолжителни за превземање.
Moderna и Pfizer / BioNTech оваа недела објавија дека нивните вакцини се ефикасни во 95 проценти од случаите и ќе бараат итно одобрување во наредните денови.
Успехот на двете вакцини предизвика надеж за крај на пандемијата КОВИД 19 која однесе 1,3 милиони животи ширум светот и нанесе силен удар врз економиите и секојдневниот живот.
Во јули, американската влада се согласи на Pfizer да му лати по 19,5 долари по доза за 100 милиони примероци, со можност за купување дополнителни 500 милиони под услови за кои ќе се преговара одделно.
Пониската цена делумно ја одразува финансиската поддршка на Европската унија за BioNTech за развој на лекови, изјави друг агент на ЕУ за Ројтерс минатата недела.
За да се обезбеди снабдување со Pfizer-BioNTech, ЕУ даде неповратен депозит. Сумата не беше обелоденета, но официјалниот претставник рече дека блокот платил 700 милиони евра на компаниите.
Договорената цена од 15,50 евра по доза ќе ја плаќаат оние европски влади кои се подготвени да ја купат вакцината, и само доколку регулаторот на ЕУ ја одобри како безбедна и ефикасна.
Во глобалната трка за осигурување на вакцината, ЕУ побара Pfizer и BioNTech да прифатат „кршење на договорната клаузула“ ако ги пренасочат дозите кон САД, рече изворот.
Во тој случај, на земјите од ЕУ ќе им бидат вратени 50 проценти од парите што ги платиле, рече официјалното лице. Клаузулата беше побарана од ЕУ, додаде официјалниот претставник, и покрај тоа што компаниите планираат да ја произведат вакцината за Европа во Белгија и Германија.