АБА 2: ТФТ убедливо поразен од Широки Бријег, катастрофално второ полувреме

Само четири дадени поени во третата четвртина за „црно-белите“, и убедлив пораз од Широки (58:81).

Кошаркарите на ТФТ го одиграа и вториот натпревар во „балонот“ во Бања Лука. За противник ја имаа екипата на Широки против која имаа сосема солидно прво полувреме и водство (41:37), но и очајно второ, во кое дадоа само 20.поени, и по кое запишаа уште еден пораз, седми во девет одиграни кола од АБА 2 лигата.

Хрватскиот претставник во регионалното натпреварување имаше постојана резултатска предност во првото полувреме. Од самиот почеток Широки го имаше водството, кое упорно го бранеа во минутите кои следуваа.

ТФТ уште еднаш се обиде да парира со шут од далечина. И за разлика од претходниот натпревар одигран во салата „Борик“, барем во првото полувреме, играчите на тренерот Боро Смилковски имаа релативно добар процент на реализација. Погодија пет тројки (Андерсон и Бишоп по две, Костоски уште една), но имаа противник во чии редови офанзивно добро парираа Американците Литл и Најт, помогнати од ветеранот Иве Иванов.

И кој одржуваше предност, иако не поголема од седум поени (35:27), како што стоеше резултатот на средина од втората четвртина.

Но во минутите кои следуваа, ТФТ направи одлични (13-2) со кои направи и играчки, но што е уште поважно и резултатски пресврт. По тројката на Ксотоски, со звукот на сирената која го означи крајот на првото полувреме, ТФТ поведе со (41:37).

А потоа тотален колапс за играчите во „црно-бела“ комбинација. Само четири поени даде ТФТ во третата четвртина, Широки дури 22, и практично во тие десет минути во кои хрватскиот тим направи серија од (18-0), се покажаа како решавачки.

Сите понатамошни обиди на екипата од Тафталиџе, која во меѓувреме остана без Мекбраер, беа залудни. Откако влегоа во голем минус, не можеа да се вратат назад во натпреварот по кој извесно е дека се уште подалеку од идејата која ги води кон пласман во ТОП 8 конкуренцијата, онаа која има шанси преку плеј-офот да стигне до елитната АБА лига.

А шанса за „поправка на впечатокот“ на овој турнир во Бања Лука, кошаркарите на ТФТ ќе имаат за два дена, поточно на 28.јануари (сабота), кога од 12. часот играат против екипа која важи за аутсајдер во оваа конкуренција. Односно уште еден состав од Хрватска, Вредноснице Осијек.