,

Адвокат Јанаки Митровски: Ми пречат препотентни луѓе кои не носат кошула ако не е 300 евра

Фуриозен, автентичен и без влакна на јазик- така некако би изгледал првичниот впечаток за адвокатот Јанаки Митровски. Вториот впечаток кој се граничи со првиот е неговиот стил на облекување- необично уникатен... за еден човек на кој вистината му е приоритет. Судењата му се секојдневие, а тој не се плаши да ризикува кога истата таа вистина е во прашање:

- Одамна се решив дека финансиите нема да ми бидат главен мотив во мојата работа. Знам дека звучи малку неверојатно од устата на адвокат, но така е. Едноставно нема потреба да се бркаат пари, има и многу поважни работи во животот, пред се‘ да се биде чесен. А парите, ако сте ангажиран и работите добро, барем во мојата професија, сами ќе си дојдат. Сум ризикувал многу пати, а тоа е така затоа што не трпам лажни авторитети, пред се‘ тука мислам на тефтер судии и обвинители насадени онаму каде не им е местото- вели Митровски.

Во толпата од адвокати, а ги има многу кај нас, покрај тоа што е одличен во својата професија, „наметна„ интересни стандарди во поглед на облекувањето- сите ги замислуваме адвокатите строго во монотон костум кој нема живост. Кај Јанаки живите бои играат огромна улога.

- Се трудам да не се ограничувам со некои непишани правила. Ми пречи кога колегите носат костуми строго во темни тонови, претежно црн и сив. Воопшто не ми се допаѓа кога, во поглед на облеката сте виделе еден адвокат- сте ги виделе сите- додава Јанаки.

Инаку, нема конкретна дефиниција за стил, но се согласува со констатацијата дека стилот се гради. Конкретно, неговиот има еволуирано од уличен, baggy стил (порано имаше суканици од долгата коса) во по сериозен, пред се‘ поради работните обврски.  Стилски, самиот се дефинира како уникатен. За добар стил смета дека тоа е нешто вродено. Просто речено, или го имаш, или го немаш.

Сака широки панталони, дуксери и марами, но за жал во последно време се‘ поретко ги носи поради работните обврски кои ретко кога завршуваат во 16 и 30 часот.

Не е припадник на минимализам, хедонизам или авангарда. Едноставно, не е љубител на ставање на работите во рамка.

Но, нему воопшто не му е пресудна брендираната облека:

- Ми пречат препотентни луѓе кои не носат кошула ако "не е 300 евра". Можете одлично да се облечете за ништо пари, а можете и да изгледате ужасно па дури и да е тоа скапа брендирана облека. Воопшто не робувам на брендови, многу поважно ми е да ми се допаѓа и да се чуствувам удобно во тоа што го носам. Во моите плакари имам ама баш секаква облека, и воопшто не ми е пресудна цената- потенцира адвокатот, дополнувајќи дека со неговиот стил сака да биде едноставно свој.

Ама на прашањето- Дали ако сте автентичен, тоа значи и осудување од нашава средина, има поделено мислење: - Па и да и не, зависи. Некои луѓе ценат уникатност, други тешко се прилагодуваат на фактот дека постојат луѓе кои не сакаат да бидат шаблон.

Сепак, Јанаки има и друга окупација, односно тој е дел од Здружението за канабис и зелени политики „Билка„. Ова здружение постои од април, 2017 година. -Горд сум на сите проекти што сме ги работеле (Четири стручни предавања или панел дискусии, два конопфеста, јавна дискусија при комисии за економија и здравство во Собрание, два дела снимена јавна кампања со јавни личности кои даваат поддршка на целите на Билка, две предавања на Д-фест во Дојран, предавање на Правен факултет) бидејќи истите ги имаме организирано буквално без денар помош, односно во 95%, здружението се самофинансира- потенцира Митровски.

Не би било во ред, а да не го прашаме како ја издржува изолацијата и карантинот, состојба која ни ја предизвика коронавирусот. Вели дека не влијае најпозитивно, како и кај повеќето граѓани. Но дека има и позитивни моменти. – Првенствено, мило ми е што имам доволно време за моите деца и сопруга, кои поради зголемен ангажман на работа, не ги дружев онолку колку што би сакал. Секако и дволно време имам да се наспијам, конечно- искрен е Јанаки.

Ама се смее кога го прашавме каков е прватно- Тежок карактер со златно срце хахахахаха

И во контекст на ова, има широка насмевка која му е заштитен знак. Постојано се смее.

- Постојано! Треба некогаш да присуствувате на седенка со моето блиско друштво кое практикува брутален црн хумор. Голем поздрав до нив, многу ми фалат- низ смеа завршива необичниот адвокат.

Небојша Толески