Ако ова се случи (а се случува), светот никогаш нема да биде ист: Првите „живи роботи“ кои можат сами да се размножуваат
Дали технологијата замина мнооооогу далеку? Дали она што го гледаме во научно- фантастичните филмови веќе е реалност? Дали медицината исто така многу напредна? Ова второво е и тоа како добро, но за првото треба прст на чело!
Со потенцијален пробив за регенеративната медицина, научниците ги создадоа првите живи роботи кои можат да се репродуцираат.
Живите машини со големина од милиметар, наречени Xenobots 3.0, не се ниту традиционални роботи, ниту вид на животно, туку живи, програмабилни организми.
Направени од клетки од жаба, компјутерски дизајнираните организми, создадени од американски тим, собираат единечни клетки во „уста“ и ослободуваат „бебиња“ кои изгледаат и се движат како нивните „родители“.
Самореплицираните живи био-роботи би можеле да овозможат подиректен, персонализиран третман со лекови за трауматски повреди, вродени дефекти, рак, стареење и многу повеќе.
Xenobots се дело на биолозите и компјутерските научници од Универзитетот Тафтс и Универзитетот во Вермонт, кои детално го опишаа нивното создавање во нова студија.
Xenobots 3.0 ги следи оригиналните Xenobots, создадени во 2020 година како први живи роботи, и Xenobots 2.0, кои можат самостојно да се движат користејќи „нозе“ и имаат способност да чуваат спомени.
„Создадовме Xenobots кои одат. Создадовме Xenobots кои пливаат. И сега, во оваа студија, создадовме Xenobots кои сами се реплицираат“, рече авторот на студијата Џошуа Бонгард, компјутерски научник и експерт за роботика на Универзитетот во Вермонт.
Според тимот, Xenobots ќе помогнат во развојот на компјутерски дизајнирани организми за интелигентна испорака на лекови.
„Кога би знаеле како да им кажеме на клетките да го прават она што ние сакаме да го прават, на крајот, тоа би било регенеративната медицина, тоа е решението за трауматските повреди, вродените дефекти, ракот и стареењето“, рече Мајкл Левин од Универзитетот Тафтс.
Во 2020 година, научниците рачно ги направиле оригиналните компјутерски дизајнирани Xenobots, адаптирани од матични клетки на Xenopus laevis, вид жаба пронајден во делови од Африка.
Матичните клетки, кои можат да се претворат во кое било ткиво или орган , биле собрани од ембрионите на жабите и оставени да се инкубираат.
Потоа, со мали форцепси и уште помала електрода, микрохирург ги пресекол и ги споил поединечните клетки под микроскоп во формите што ги одредува компјутерот.
Склопени во телесни форми никогаш досега невидени во природата, клетките почнале да работат заедно, напојувани од ембрионски енергетски резерви.
Оваа нова генерација, Xenobots 3.0, користи матични клетки од истиот вид жаби.
Xenobots 3.0 може да собере стотици единечни клетки, да ги компресира и да ги состави во „бебиња“ ослободени од нивните усти.
Неколку дена подоцна, овие „бебиња“ стануваат нови Xenobots кои изгледаат и се движат исто како нивните „родители“.
И тогаш овие нови Xenobots можат да најдат ќелии и да градат копии од себе, а процесот се случува одново и одново.
Кај жабата Xenopus laevis, овие ембрионски матични клетки обично се развиваат во кожа.
„Овие клетки имаат геном на жаба, но, ослободени од полноглавци, тие ја користат својата колективна интелигенција за да направат нешто зачудувачко“.
Како одговор на сите етички грижи што може да ги има јавноста, тимот нагласи дека Xenobots се користат само во лабораторија, лесно се гасат и се проверени од федерални, државни и институционални експерти за етика.
„Важно е, за целото општество, да проучуваме и да разбереме како функционира ова“, велат научниците.