Албанија сака да го укине плаќањето со готовина и да стане општество без кеш: Како е тоа возможно во земја која не им верува на банките?

Во земја каде што готовината е неприкосновена, амбицијата на премиерот Еди Рама Албанија до 2030 година да стане општество без готовина, би значела целосна промена на начинот на живот.

Со години наназад, Албанците повеќе преферираа да ги чуваат парите „под душек“, отколку на банкарски сметки. Но, ако Рама успее во својата намера, Албанија би можела да стане првата земја во светот без физички пари.

Една од главните причини за оваа идеја е фактот што огромен број трансакции во земјата се одвиваат „на црно“.

„Елиминацијата на готовината е апсолутен приоритет за земјите со високо ниво на неформална економија и дестабилизирачко присуство на нелегален капитал во финансискиот систем“, изјави Селами Џепа, професор по економски науки на Универзитетот во Тирана.

Проблемот е што ни банкарскиот систем, ни самото општество можеби не се подготвени за ваков радикален пресврт. Поголемиот дел од граѓаните на Албанија сè уште ги чуваат своите заштеди надвор од банките – во кеш – и инсистираат на готовинско плаќање секогаш кога е можно.

Дури и во туристичките водичи за Албанија често се среќава фразата „готовината е закон“, како корисна напомена за посетителите. Иако поголемите маркети и синџири ресторани прифаќаат картички, кафињата, фризерските салони, бутиците, телефонските компании и продавниците за намирници – најчесто не прифаќаат.

Тоа од прва рака го искусил и новинар на Politico, кога се обидел да плати со картичка во продавница за облека во центарот на Тирана, но продавачката побарала готовина. Слична ситуација имал и во такси и автобус.

Левичарската влада сака да ја ослободи Албанија од она што Европската комисија во својот извештај за 2024 година го нарече „голема неформална економија“, која го кочи бизнисот, ја нарушува конкуренцијата и значително ги намалува буџетските приходи на државата.

Извор: EUpravozato