Доделување на наградата „Пегаз“ за 2025 година и промоција на победничкиот роман „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска

Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2025 година и промоцијата на победничкиот роман „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска ќе се одржат на 9 декември (вторник) во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Кон наградата и победничкиот роман ќе се осврнат Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“), кои беа дел од жири-комисијата.

На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во кое, покрај Додовски и Бендевска членуваше и професорката Соња Стојменска-Елзесер.

Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.

„Кривата Дијана“ (со поднаслов „Роман за верижната вина“) е проза на актуелниот момент, кој трае повеќе од три децении во мерливо време, а многу подолго кога се мери со кантарот на погрешните постапки на секој член на заедницата. Ова е четиво за колективната несреќа што ја перпетуира верижната вина на секој од нас кој премолчел, потклекнал и превидел кога требал да се испречи пред туѓите човекови слабости.

Како понорница што ги пробива тромбовите во темната земја, така нараторот нè носи низ мрачните предели на својата душа, додека лунѕајќи во ноќта се обидува да ù се скрие на тагата. И кога нерасчистеното минато по многу години ќе упадне во сегашноста, пред нас се отвора еден свет што не е сосем личен, туку е заеднички, како што е заедничка несреќата на ликовите на Достоевски, кој е неслучајно ехо во овој роман.

Романот „Кривата Дијана“ е достапен во поголемите книжарници и онлајн на www.literatura.mk. 

*ПР објава