Александар Прокопиев: „Танцот на шарените шамичиња“ ги поттикнува децата да не се откажуваат од своите соништа

Во присуство на многубројна публика од сите генерации, книжевници и новинари, вчеравечер (16 јануари), во топлиот амбиент на книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“ беше промовирана новата сликовница „Танцот на шарените шамичиња“ од познатиот писател и книжевник Александар Прокопиев. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации на Сања Симоска.

Сликовницата е дел од новата едиција „Љубов на прв збор“, со која се реафирмираат постари, класични и малку подзаборавени раскази, песни и други дела на познати македонски писатели за деца. Покрај ова издание, во едицијата се објавени и „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески со илустрации на Љупка Стојкова и „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски со илустрации на Орце Нинески.
Уредничката на сликовницата, Оливера Ќорвезироска, истакна дека воскреснувањето на подзаборавените дела од националните книжевности секогаш е значајно, а во мигов е тренд и во книжевноста во регионот пошироко. Тоа е одличен пат за надоврзување на најмладите генерации на сопствената традиција, на генерациите на своите родители, баби и дедовци. Емоционален, книжевен, воспитен континуитет. Со оваа едиција се дава и нов поглед на сликовниците (каков што е случајот со „Танцот на шарените шамичиња“) кога се користат текстови од автори од друга книжевна провениенција, извлечени од други книжевни контексти и дела, а сепак податливи за самостојно претставување како книги/сликовници за деца.


Ракописот „Танцот на шарените шамичиња“ првично е објавен како дел од книгата за возрасни на Прокопиев – „Човечулец: бајки од левиот џеб“, објавена во 2011 година. Тоа е и еден од трите раскази на Прокопиев што се најдоа во антологија на македонскиот расказ за деца, објавена во 2014 година во Хрватска. Во изданието, приредено од Ивица Баковиќ, доцент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, застапени се 11 македонски автори.
– Интересното за оваа сликовница е што, пред сè, е ексцерпт од книга за возрасни, второ – затоа што тоа воопшто не се забележува, не го оштетува текстот, туку, напротив, се потпира на својата висока самостојност и беспрекорно функционира како сама раскажувачка единка од еден во друг книжевен формат – од книжевноста за возрасни во книжевноста за деца. Оваа постапка, што делумно може да се нарече и како убав експеримент за проширување, обединување на книжевноста, за бришење на границите меѓу книжевноста за деца и книжевноста за возрасни, еве ни го овозможи „Танцот на шарените шамичиња“ како одличен текст податлив за илустрирање, како одличен текст за сликовница. Самостоен, прецизен, топол, суптилно воспитен и поучен, на еден модерен начин, без попување и старинска дидактика, без „триење сол“ на главата на децата, како што се вели народски – рече Ќорвезироска.

Приказната во „Танцот на шарените шамичиња“ почнува кога едно свилено шамиче ќе ѝ се налути на мајка си и тргнува низ светот да бара дете на кое му тече носот... Низ лирска, алегорична приказна за шамичето кое доживува брза и ненадејна слава, а сепак мечтае да си остане тоа што е, авторот ги соочува децата со фантазиите и сништата за иднината, подражавајќи ги да мечтаат, но и подучувајќи ги никогаш да не се откажуваат од себе, од своите блиски и од тоа што во суштината се.
– „Танцот на шарените шамичиња“ е еден сосема неочекуван проект за мене. Од издавачката куќа го пронајдоа овој мој текст и ми ја претставија идејата да се реобјави во овој многу шармантен формат. Така, оваа мала приказна за деца доби крилја, како што и главниот лик – шамичето добива можност да „полета“ кон остварување на своите соништа. Во комплетирање на книгата придонесе и илустраторката Сања Симоска, која со својот талент и чувство на сродност ја дополни приказната. Кога работите на ваков тип книга, многу е важен соодносот на авторот со илустраторот. Чинот на пишување зависи од човекот кој пишува, каков е тој, дали има склоност кон игра, кон приказни, дали пишува за избрана група или за поширока читателска публиката. Во суштината, пред сè сум голем читач. Станав писател заради читањето. Тоа многу ме „храни“ во она што го работам. За мене е ирелевантно дали е книга за деца или за возрасни. Не би ги одвојувал, затоа што книгите за деца сами по себе се книги. Важно е дали се силни како содржина – изјави писателот Александар Прокопиев.

Ќорвезироска откри дека писателот и илустраторката првпат физички се сретнуваат на промоцијата. Претходно комуницирале само преку интернет (или со посредство на редакцијата на „Арс Ламина“). Но, и покрај тоа, нивните нарации се компактни, како да работеле многу години заедно.
Младата илустраторка Сања Симоска е академски графичар. „Танцот на шарените шамичиња“ е нејзина втора сликовница, а има објавувано илустрации и во списанија. Таа истакна дека е задоволна од целиот процес на создавање на сликовницата и дека писателот Александар Прокопиев е токму каков што го замислувала, додека ја илустрирала приказната. Таа е задоволна од целиот процес на создавање на сликовницата. Вели дека е важно при изработката на сликовниците двете раскажувања (пишаното и илустрираното) да си кликнат. Уште од прво читање ѝ се допаднала приказната на Прокопиев и веднаш добила инспирација за цртежите. Според неа, секоја приказна заслужува внимание и шанса да биде опишана и со цртеж.

Сликовницата „Танцот на шарените шамичиња“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk. 

*пр објава