Алгоритмите ги преземаат работните места во Европа: Синдикатите предупредуваат на недостаток на заштита на работниците

Додека компаниите ја фалат ефикасноста на новите технологии, синдикатите предупредуваат дека работниците ја губат контролата врз сопствените права и бараат од ЕУ нови регулативи што би обезбедиле поголема транспарентност и заштита.

Дури едно од четири работни места во Европа користи алгоритми и вештачка интелигенција (ВИ) за да донесува одлуки што влијаат на вработените, според истражувањето на литванската агенција „Вижнaри аналитика“ за Европската комисија.

Алатките за вештачка интелигенција веќе се користат при регрутирање, планирање на смени, евалуација на перформансите и следење на работниците, а се очекува нивното влијание експоненцијално да расте во текот на следните десет години.

Европската конфедерација на синдикати (ETUC) предупредува дека синдикатите тешко можат да ги заштитат правата на работниците, бидејќи немаат доволно експерти или ресурси за да ги разберат алгоритамските системи.

„Компаниите често не ги информираат работниците или синдикатите за воведувањето на нови алгоритми кои одлучуваат за платите, работното време или следењето на вработените“, вели Теа Јарц од ETUC.

Во извештајот на Европската комисија се наведува дека постојното законодавство на ЕУ не ги опфаќа сите аспекти на алгоритамското управување, особено во однос на транспарентноста и границата помеѓу работата и слободното време.

„Време е компаниите да сфатат дека не можат да ги кријат менаџерските одлуки зад алгоритмите“, вели Јарц.

Според UNI Europa, во моментов во ЕУ постојат само 23 колективни договори кои содржат одредби за алгоритамско управување, главно во Шпанија и Данска.

Повеќето синдикати немаат финансиски средства да ангажираат експерти во оваа област.

Во 2024 година, Европската унија ја усвои Директивата за платформски работници, која забранува отпуштање врз основа на алгоритамски одлуки и го гарантира правото на човечки надзор.

Сепак, синдикатите сметаат дека регулативата е застарена и бараат нова, сеопфатна директива за употребата на вештачка интелигенција на работното место.

„Законодавците заостануваат зад технологијата“, предупредува Јарк, додавајќи дека вештачката интелигенција веќе влијае на милиони работници низ цела Европа, но правилата сè уште не се во чекор со реалноста.


РММ/ФОТО - euronews