„Алкалоид“ ја пушти во функција својата нова професионална дигитална платформа за медицински професионалци
При одбројувањето на третата година од глобалната пандемија, како и сиот свет така и нашата компанија мина низ процес на брзи промени и на трансформација на работењето на сите нивоа. Социјалната дистанца и динамиката на дејностите во кои работиме налагаа одржување чекор со новините и со трендовите во здравството и во фармацијата преку алтернативни начини на комуникација, кои вклучуваат современи дигитални алатки.
Во духот на нашето мото „Здравјето пред сѐ“, а во својство на една од алките во спрегата медицина – фармација – пациенти, сметаме дека нашата одговорност во процесот на функционирање на овој систем во услови на пандемија е особено значајна, па затоа пуштивме во функција нова иновативна веб-страница, посветена на македонските здравствени професионалци,„Алкалоид пронет“.
Станува збор за проект кој е единствен од ваков вид во земјава и во регионот, наменет за континуирана поддршка на здравствените професионалци при нивната секојдневна грижа за пациентите, преку современа дигитализирана мрежа за размена на информации.
Покрај информативно-едукативни содржини од областа на здравството, оваа мрежа содржи и детални информации за фармацевтското производствено портфолио на „Алкалоид“ (регистрирани лекови, медицински средства и додатоци во исхраната), како и неколку основни рубрики:
- Терапевтски области – со содржини од повеќе различни области и специјалности од медицината
- Алатки – терапевтски водичи, дијагностички тестови, прашалници и калкулатори, кои се користат во секојдневната медицинска пракса
- Од вашите колеги за вас – содржи научни трудови и специјализирани статии на различни медицински теми, елаборирани од еминентни имиња на македонското здравство
- Настани и вебинари – каде што може да се проследат повеќе виртуелни работилници на кои стручни лица зборуваат за актуелни теми од областа на медицината.
Целта на „Алкалоид пронет“ е да се развие во детален и во релевантен информатор за македонските здравствени професионалци, со тенденција во иднина да прерасне и во регионална платформа.
ПР Објава