Ангелов: Струга е тешко гостување, но Работнички има сила за добар резултат

Работнички во третото коло го очекува гостување кај Струга Трим Лум. Денешниот меч е закажан за 17 часот, а противникот забележа две победи во првите две кола. Работнички нема позитивен резултат на стартот, па играчот за врска Матеј Ангелов се надева дека тимот ќе успее да го оствари токму во Струга.

„Струга е тешко гостување, а противникот оваа сезона е засилен и има големи амбиции. Го покажаа тоа со победите во првите две кола. Но, Работнички е подготвен за надигрување и мислам дека имаме сили да оствариме добар резултат. Работевме напорно изминатава седмица, сето од претходно го оставаме зад нас и фокусирани сме на денешниот дуел. Доколку ги реализираме на терен идеите на тренерот Љупчо Марковски, можеме да се надеваме на позитивен епилог“, вели Матеј Ангелов.

Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Работнички ќе го суди Александар Грујоски од Кичево.