„Арс Ламина“ со промоции на „Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски и на „Кинески мозаик“ од Виктор Урумов на првиот ден на Саемот на книгата
На саемот, што ќе се одржува до 14 септември, во близина на Аква паркот, кај „А1 Арена“ – СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје, „Арс Ламина“ ќе се претстави под слоганот „Овде книгата греит душата“, како паралела на познатиот стих од антологиската „Т’га за југ“ од Константин Миладинов. Издавачката куќа традиционално ќе понуди повеќе од 300 нови наслови, промоции на 12 книги од домашни автори, но и од гости од регионот, како и работилници за најмладите и средби со авторите.
Со промоции на романот „Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски и на илустрираната енциклопедија „Кинески мозаик“ од Виктор Урумов, денеска (8 септември) ќе почне програмата на издавачката куќа „Арс Ламина“ во рамките на Саемот на книгата 2021.
На заедничкиот штанд со книжарниците „Литература.мк“ ќе има специјални саемски попусти до 80 отсто, како и подароци за секоја реализирана сметка. Попустите ќе важат и за онлајн-нарачките преку www.literatura.mk, за времетраење на саемот.
Денеска, во 18 часот, на главната бина на Саемот на книгата 2021, ќе биде промовиран романот „Веќе не сум истиот“ од познатиот македонски пантомимичар и режисер Војо Цветановски. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.„Веќе не сум истиот“ е напишан во манир на искусен писател, кој вешто си игра со жанровите, создавајќи хибриден роман во кој има и раскажувачки и драмски и епистоларен дискурс, а сето тоа е вкомпонирано во една цврста и стабилна структура. Станува збор за две навидум независни приказни, кои се преплетуваат на крајно неочекуван начин. Во првата приказна – нараторот, уличен артист – презаситен од своето секојдневие, е во потрага по себеси, без да знае дека промената го чека зад аголот. Во втората приказна, една млада писателка во креативна криза, не е свесна дека пред себе има содржаен материјал за роман што може да ја извлече од непријатната ситуација со нејзиниот издавач. Неверојатен тек на настаните, речиси судбински, ќе ги спои овие две приказни во неочекуван епилог.
Во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“, ќе биде промовирана книгата „Кинески мозаик“ од проф. Виктор Урумов. Станува збор за првата илустрирана енциклопедија за Кина на македонски јазик, во издание на „Арс Ламина – публикации“.„Кинески мозаик“ е мала книга за голема земја, за нејзиното минато и за тоа што е денес Кина, за најголемиот вкупен придонес во светското културно наследство, за Би Шенг и Матео Ричи, за Опиумските војни и Боксерското востание, за леишу енциклопедиите и нобеловката Ту, за династиите Танг и Минг, за сликарството и поезијата, за го и цуџу, за најголемиот радиотелескоп и најголемата мрежа од брзи возови, за нешта што не сме ги учеле на училиште.
Утре (9 септември, четврток) во 18 часот на штандот на издавачката куќа ќе биде претставена новата книга за сите родители, „Разбуди го родителот во себе: како родителството да стане уживање“ од Соња Китановска-Кимовска, а еден час подоцна на главната саемска бина ќе се одржи промоцијата на романот „Деса“ од Ивана Трајаноска.
Во петок (на 10 септември) на главната бина се закажани промоциите на книгите за деца од српските автори: „Црната птица“ од Александра Јовановиќ и „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми. Следниот ден, во истиот термин, е претставувањето на третиот автор-гостин од Србија/Португалија, Дејан Тиаго Станковиќ, кој ќе ја промовира македонската верзија на „Замалек“.
Во недела (12 септември), преку ден ќе се одржат и работилници за деца и родители инспирирани од четирите психолошки прирачници за деца од авторката и психолог Христина Стефановска, „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“, кои се дел од едицијата „Железница на чувствата“ (во 11 часот), како и од интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ (почеток 12 часот). Вечерта, во 19 часот, на главната бина, „Арс Ламина“ ќе организира „Вечер на трилери“, на која ќе бидат промовирани новите македонски романи: „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска, „Опасна игра“ од Мери Арсова и „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски.
На 13 септември, во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе биде претставена книгата „Животниот пат на иноваторот“ од Јоти Поповски.
Покрај промоциите, на штандот на „Арс Ламина“, во периодот меѓу 11 и 13 часот ќе се одржат повеќе средби и потпишување книги со авторите: Владимир Плавевски, Васко Тодоров (Тошо Малерот), Јана Мишо, Јагода Глигоровска и други.
Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.
Се читаме на саем!
ПР објава