Авионот Бомбардија: Сега луксузот го носи ова име
Нов авион „Бомбардија“, „Челинџер 3500“ се обидува да ги смени правилата за конкурентна категорија на приватна авијација со супер-средна големина…
Производителот на авиони го подобри својот Challenger 3500 со преземање на одредени елементи од својот водечки модел Global 7500, прилагодувајќи ги на оваа величествена новина. Патентираните, ергономски Nuage седишта ќе бидат дел од стандардот во кабината, кој нуди доволно простор за десет лица, што го подобрува искуството со летот. Звучната изолација ќе го направи ентериерот најтивок во класата како што тврди оваа компанија, додека во исто време ќе биде најшироката кабина во нејзиниот сегмент.
Други нови карактеристики вклучуваат гласовни контроли за осветлување на кабината, температури и системи за забава, заедно со безжични полначи. Дизајнерите исто така ја зголемија кујната, давајќи и елегантен изглед во исто време. Во пилотската кабина можеме да видиме систем за авто-гас што обично може да се најде во поголемите деловни авиони.
И покрај сите подобрувања, канадскиот производител има многу тешка конкуренција во својата категорија, натпреварувајќи се со серијата Embraer Praetor, Citation Latitude и Gulfstream G280. Челинџер 3500 се продава за 26,7 милиони долари, рече извршниот директор на компанијата, надевајќи се дека тоа ќе биде еден аспект што ќе му овозможи да остане на самиот врв во својот сегмент.
Марката Bombardier, исто така, вели дека моделот 3500 ќе ја добие Декларацијата за еколошки производи, односно декларација за животниот циклус на јаглеродниот отпечаток. Пилотите исто така ќе имаат пристап до апликација која ги оптимизира плановите за летови и го намалува согорувањето на горивото. Како што дознаваме, Challenger 3500 ќе стапи во употреба во втората половина на следната година.