Бајрами и Адем најавуваат: ЦСКА Софија е фаворит, но Македонија ЃП ќе даде се за победа

Македонија ЃП утре против ЦСКА Софија ја започнува авантурата во Европа, второ квалификациско коло за пласман во Лигата на конференции.

Тренерот на тимот од Ѓорче Петров, Муарем Бајрами, потенцира дека политика не го интересира, фудбалот на прво место, а играат против фаворитот од Бугарија, нема предавање, ќе се оди на позитивен резултат.

„Имаме прецизни информации за тимот на ЦСКА, не нè интересира ништо освен фудбал и спорт. Треба на теренот да го покажеме најдоброто од себе, само така ќе дојдеме до добар резултат“, вели Бајрами.


Капитенот Ердемин Адем, фаворитската улога ја препушта на тимот на ЦСКА Софија, но додава дека е ова убава можност да се види со каков капацитет располага Македонија ЃП.

„Противникот е фаворит, ние ќе го дадеме својот максимум за позитивен резултат со ЦСКА Софија. Свесни сме дека ќе има и пеколни временски услови за игра, ќе биде тежок дуел но ќе го дадеме максимумот за да ги израдуваме сите наши навивачи – изјави Адем.

Натпреварот се игра утре со почеток од  17.30 часот, а ќе се игра на тренинг центарот на ФФМ „Петар Милошевски“.