Бедекер - Торино, каде што започнала приказната за Јувентус, која трае и денес, заедно со кафеаните во кои се негува „долче фар ниенте“
И покрај тоа што СП 2022 е актуелно во моментов, денешниот бедекер исто
така е во духот на фудбалот и секако, на големиот број македонски фанови на италијанскиот
клуб од Торино - Јувентус, кои неодамна или поточно на 6 ноември му даваа
поддршка, бодрејќи го, на главниот решавачки натпревар со вечниот ривал Интер
(оттаму и називот Derby
d’Italia што му го дал спортскиот новинар Џани Брера во 1967-ма),
кога победи со 2:0. Се играше на стадионот Алијанц. Од друга страна, пак, во
неделата Новак Ѓоковиќ триумфира на завршниот мастерс во главниот град на
Пиемонт.
Неоспорен е фактот дека причината за посетата на Торино во најголема мера е Јуве чија приказна, која трае и денес, започнала токму на една од клупите на Corso Re Umberto во центарот на метрополота. Неколкумина тинејџери, од кои најстариот имал само 17 години, ја делеле заедничката страст кон фудбалот - колективната спортска игра со топка „увезена“ од Англија, без оглед на фактот дека биле и одлични ученици, се школувале во класичната гимназија Massimo d’Azeglio, редовно седеле на стотина метри од неа. Клупата секогаш била иста, на познатото шеталиште, каде се родила всушност идејата за основање на клубот со латинско име - Јувентус (младост). Не ни биле свесни дека интригантната замисла на 1 ноември 1897-ма ќе стане и реалност и легенда, која се раскажува и денес, 125 години подоцна.
Прв претседател бил Енрико Канфари, се тренирало на Piazza d’Armi каде што се одржувале и натпревари, а бојата на дресот била розова. Фудбалерите така настапиле и на шампионатот во 1900-та. Црно-белиот почнал да се користи во 1903-та, додека 5 години подоцна, благодарејќи на совладувањето на Џенова и Миланезе, ја освоил националната титула. Поради несогласувања и караници во соблекувалната, тогашниот претседател Алфредо Дик го напуштил тимот и го основал Торино, земајќи ги најдобрите играчи со себе. Од тие причини Јуве не можел да им се спротивстави на велесилите, како на пример Казале и Про верчели, па морал да се повлече. „Црно-белите“ се вратиле на голема врата по завршувањето на Првата светска војна. Голманот Џаконе и дефанзивците Ново и Бруна всушност биле првите фудбалери на Јувентус, кои настапувале и за државната репрезентација. Тогаш претседател бил поетот Корадино Корадини, инаку автор на клупската химна што се употребувала до 1960-тите. Во меѓувреме се забележувале не само подеми туку и падови, а децениските успеси започнале со претседателствувањето на Џампјеро Бониперти, откога ги соблекол копачките - на почетокот на 1970-тите.
Денес, благодарејќи на дваесет и седуммината играчи (меѓу нив и крагуевчанецот Филип Костиќ и белграѓанецот Душан Влаховиќ), од кои торојца се голмани, вклучително и тренерот Масимилијано Алегри, натпреварите во фудбал на свој терен, на стадионот Алијанц од 2011-та, со капацитет од 41.507 седишта, заедно со неколкуте премиум сектори, особено кога се игра дерби во него, се доживувања за кои вреди да се отпатува во Торино, да се присуствува на некои од нив. Секако, за доброто расположение, атмосферата на трибините се заслужни „бјанконерите“. Важат за бурни навивачи, секогаш добро опремени со реквизити. Кога ќе ги развеат нивните знамиња - е, па тоа е вистинска, силна љубов. Се разбира дека и посетата на музејот на Јуве во непосредна близина е врзана со неа, страста. И шопингот во неговата продавница, секако. Заедно со седиштето на клубот, академијата..., сѐ е на едно место, во комуната Валете. Таму се наоѓа и канцеларијата на претседателот од 2010-та, безмалку четириесет и седумгодишниот бизнисмен Андреа Ањели, синот на Умберто (директорот на Фиат, кој исто така претседателствувал со Јувентус од 1956-та до 1961-ва и хонорарно од 1970-та до 2004-та).
Со цел на фановите да им се доближи минатото, историјата на Јуве, од неговите почетоци до денес - хронолошки, на различни начини, во 2012-та го отвори музејот каде што, меѓу другото, можат да се видат и сите клупски трофеи со кои се здобил во изминатите 125 години. Мултимедијален е, со извонредни содржини на два јазика (италијански, англиски), чие ажурирање е речиси секојдневно за обожавателите да бидат во тек со настаните, случувањата. Освен што се организираат курсеви по фудбал, има можност и да се „запознаете“ со секој играч поединечно и виртуелно да заиграте со нив. Одвреме-навреме се изложуваат уметнички дела инспирирани од колективната спортска игра со топка, меѓу нив и црно-бели фотографии, па дури и апстракции. Влезницата за музејот чини 15 евра. Досега го посетиле над 1.300,000 гости. Турите завршуваат вообичаено со шопинг во неговата продавница каде што има сѐ, буквално. Се разбира, може да се купува и онлајн, а почнувајќи од денеска до недела има попусти од 10 до 60 отсто. Причината е добропозната - блек фрајдеј вик.
За жал, туристичките агенции тука не нудат такви аранжмани, патувања и покрај тоа што интересот за гледање на фудбалски натпревари во кои „црно-белите“ ги одмеруваат силите со вечните ривали како „нероазурите“ е голем, а и Торино е дестинација чии убавини привлекуаат многу туристи. Засега приватната останува единствена опција или пак во организација на Слоуфуд Македонија за присуство на тамошната манифестација Тера мадре дел густо. Без оглед на тоа, главниот град на Пиемонт секогаш провоцира, во добра смисла. Фудбалот е само една од причините да се посети неговата комуна Валете од каде што со автобус (бр. 29, 75, 75/,VE1) или трамвај (бр. 3) до центарот се стигнува за педесетина минути. Освен што е преплавен со нови спортски коли, а важи и за голем производител на чоколади (џандуотото, трислојното - креминото и боерото - со ликер се ненадминливи), Торино е познат и по Museo Egizio (египтолошкиот музеј, каде што се наоѓа една од поимпресивните збирки на египетски артефакти во светот) и по Валентино-паркот (Parco del Valentino) чие средновековно село, замокот од 18 век и ботаничката градина се земен рај. Од секаде може да се види Моле антонелијана, националната кинотека висока 167 м, која е своеиведен ленд-марк. Прошетката по Via Roma и Piazza Castello, кои се прави атракции, го дополнуваат впечатокот, а пиењето кафе во тамошните кафеани го комплетираат. Имено, се работи за повеќевековна традиција на уживање во него, во чоколадните и другите слатки деликатеси, муабетејќи со партнерите, познаниците, пријателите, роднините... Неретко и со истомислениците додека ги коваат плановите за нивните заеднички потфати, како некогашното обединување на Италија. Всушност, кафеаните и ден-денес се украсени со злато, кристали, мермери, плиш..., кои потсетуваат на дамнешните времиња, настани од животот на високата класа: благородништвото, аростократијата во нивен манир, негувајќи го „долче фар ниенте“ (слободен превод: слаткоста на неработењето, безделничењето) и потсетуваат на времето на Савој.
Иако фудбалот нѐ измамува да испиеме по едно-две пива, жителите на Торино сепак се одлучуваат за кафе. Не дека пивото не го пијат воопшто, ама помила им е традицијата, вклучително и кафеаните за кои се согласни дека тие всушност претставуваат нивни домови надвор од дома. Оттаму и толку големиот број, толку големата посетеност и толку големото врзување со нив, а животот во метрополата обично пулсира во ритамот што го диригираат нејзините кафеани. Во три, кои се моја, т.е. препорака на Машки магазин, сигурно ќе се воодушевите и од вкусот, мирисот на кафето и од амбиентот, атмосферата.
Al Bicerin воедно е и најстарата и најмалата кафеана во главниот град на Пиемонт, која постои цели 259 години, од 1763-та. На почетокот била продавница за „мирисливо црно злато“, каде што можело и да се изврши дегустација. Во минијатура се и осумте маси од мермер, како и оригиналниот шанк направен од дрво, заедно со полиците во заднината на кои се изложени производите од нејзината мануфактура: чоколадни бонбони, пакувања какаа, кафиња..., кремови, ликери. Веднаш по отворањето станало меркез на аристократите, благородниците по крв и по род, а меѓу гостите биле и Умберто Еко и Фридрих Ниче и Џакомо Пучини и Џани Ањели со брат му Умберто. Како што кажува самото име, таму за прв пат е направен познатиот „бичерин“ од еспресо, чоколадо и крем (слатка павлака) и секако, се послужувал во мали чаши (итал. bicerin, мала чаша). Се пие вообичаено по завршувањето на мисата во блиската црква Santuario della Consolata, што е и ритуал и традиција. За двајца, со истоимената торта, крем, какао и бисквити, ќе платите 32 евра.
Baratti & Milano ја отвориле Фердинандо Барати и Едоардо Милано во 1858-ма, во која се продавале слатки, алкохолни пијалаци, а била и официјален снабдувач на резиденцијата на Савој. Пишаните документи се изложени во кафеаната. На сегашната локација е точно 147 години - на аголот од галеријата Субалпина, каде што се собира елитата, и денес и порано. Луксузот, елеганцијата ѝ се својствени од самите почетоци, такви се и прозорците и фасадата и штукатурите и позлатените огледала и кристалните лустери, па дури и дрвените облоги. Се разбира, Baratti & Milano е брендирана, позната по слаткишите чии вкусови се повеќе од неодоливи, особено на креминото и џандуотото. Има свое кафе, а топлото чоколадо е врвно. Гвидо Гоцано наводно таму се инспирирал за песната Le Golose (слободен превод: љубителки на слатки)во 1907-ма, посматрајќи ги жените додека уживале во нив. Цените се поприлично високи за овдешниот животен стандард. Половина килограм бонбони кремино чини 64,5 евра. Но, доволно е и да испиете кафе, топло чоколадо, било што. Амбиентот, атмосферата се доста убави.
San Carlo многумина ја сметаат за есенција на кафеанската култура во Торино. Отворена е во 1822-ра и веднаш ја завикале Палата од причина што ентериерот личи на владетелски дворец. Нејзините штукатури, позлатени огледала и други мајсторски дела, како лустерот од муранско стакло на пример, го привлекуваат вниманието на гостите, вклучително и еспресото наутро, топлото чоколадо и колачите напладне, додека навечер е полна за да се опуштат со аперитив и „стуцикини“ (канапеи), што е обичај исто така. Веќе 200 години е омилен меркез на локалните политичари кои живеат неконвенционално, а редовни посетители се и бизнисмените, јапијата итн. 10 евра чини комплет „бичерин“ и неколку слаткиши, мали. Во пресрет на божиќните и новогодишните празници се прават специјални менија, просечната цена на комплетниот оброк е околу 55 евра по човек.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива и официјалните веб-страници на Јувентус, кафеаните и Торино