Бедекер: Барселона - Градот чиј симбол е истоимениот фудбалски клуб, омилен и меѓу македонските навивачи
Воопшто не се сомневаме дека бројот на навивачите на Барса меѓу читателите
на Машки магазин е навистина голем како и воопшто, во Македонија. Процената е
дека се работи за четирицифрен, кои неретко се присутни на фудбалските
натпревари, обично во Барселона, на нејзин терен, па и кога гостува. Доколку не
успеавте да отпатувате во Англија каде што вчера играше со Манчестер јунајтед,
за неколку дена (2 март) ќе ги одмери силите со Реал Мадрид на гости, а
следната недела (5 март) ќе ѝ се спротивстави на Валенсија, дома - на Камп Ноу.
Во меѓувреме ќе игра со Алмерија. Како и да било, следуваат натпревари кои со
сигурност ќе предизвикаат внимание.
Интерес побудува секако и престојот во каталонската метропола - седиштето на клубот, чија посета секогаш е занимлива, забавна..., меѓу другото и поради космополитскиот дух на градот, втор по големина во Шпанија, каде што англискиот е познат нашироко, особено од страна на младите, а има и доста иселеници, додека пак возрасните, таксистите не го владеат многу.
Освен по истоимениот клуб чија кратенка е во соодветство со етимологијата и правописните правила на Каталонија, вклучително и неговиот музеј и стадион, Барселона е позната и по архитектурата - единствениот град во светот на кого му е даден медал за неа, од Кралскиот институт на британските архитекти (уникатните градби на Антонио Гауди, меѓу кои и Саграда фамилија, висока 138 метри, се причината за златото - всушност, замислата била на Франческо де Паула дел Вилар), и по велосипедските патеки чија должина изнесува околу 180 километри - Барселона е пријателски настроена за велосипедизам, и по вештачките плажи, кои се навистина убави, направени за Олимпијадата во 1992-ра, и по „возраста“, како што велат барселонците и Каталонците воопшто - наводно е постара од Рим дури 400 години, ја основал Херакле (Херкул), но има и теорија според која создател е генералот Хамилкар Барса, и по кујната, која е каталонска, но заснована врз медитеранската, што изобилува со свеж зеленчук, маслиново масло, морски плодови, риба и овошје - бројот на рестораните со престижната ѕвезда на Мишелин е повеќе од 20, и по магијата и во потесна и во поширока смисла - градот го официјализира волшепството уште во 1881-ва, прв во Европа, и по музеите (55 на број), и по 68-те паркови на кои им отпаѓа 10% од вкупната површина на Барселона - најголем секако е Колсерола чии димензии ги надминуваат и оние на њујоршкиот Централ парк за 22 пати, и по долгите пространи улици (пешачки) од кои најпознати се Ла рамбла, т.е. Лас рамблас (множински) затоа што ја сочинуваат вкупно 6 и Portal de l’Àngel (порталот на ангелот), која дневно ја минуваат дури 150.000 луѓе (истовремено важи за најскапа).
Градот е познат и по забавата, секако. Барселонците, Каталонците и Шпанците генерално се одликуваат со буен, сангвиничен темперамент чиј придонес за убавиот помин е доста голем. Инаку, канабисот е легализиран - земјата не случајно е наречена Холандија на југот, во Шпанија има повеќе од 700 клубови, каде што пушењето е дозволено, а половината се наоѓаат во Барселона.
Независно дали каталонската метропола ќе ја посетите за да присуствувате на некоја утакмица, со Реал Мадрид е вистинска атракција, во рамките на Ла лига, Копа дел реј, но и на европската, со другите противници, сепак не смеете да го заобиколите музејот на фудбалскиот клуб за кој се вели дека е симбол на градот. Неговата посетеност е толку голема (цирка 1.500,000 на годишно ниво) што ги надминува останатите 54 и секако е резултат на популарноста. Имено, Барса еотворена за илјадници членови, оттаму и придонесот во општеството, за социјален прогрес.
Турите се различни, приспособени на гостите, нивните желби, а цените се меѓу 28 и 139 евра, вклучувајќи ја и влезницата за Камп Ноу - стадионот чиј спој на велелепноста и атмосферата е полн погодок, вреден неколку милијарди долари, колку што чини клубот (4,76), а обртот е 582,1 милион евра, годишно. Притоа е најголем во Европа, втор во светот по севернокорејскиот Рунградо првомајски, неговиот капацитет е менлив (за време на Светското првенство во 1982-ра достигна до 120.000 и стоечки, седечкиот е близу 100.000), но во 2025-та се планира да се зголеми бројот на седиштата на 110.000, а има ипретседателска и трибина за новинарите, која собира 192-мина од печатените медиуми, 2 телевизиски канала и 28 радио-кабини. Обиколките ги опфаќаат и соблекувалните, каде што се и џакузијата, и тунелот до теренот, и капелата. Нема фудбалер од прв ранг кој не играл на Камп Ноу, па и во Барса чиј прекар „Блауграна“ доаѓа од темносините и гранатните (темноцрвеникави) риги на дресовите.
Во музејот се прикажува целата историја на фудбалскиот клуб, од неговото основање во 1899-та, кога неколкумина англиски, германски, каталонски и швајцарски играчи, предводени од Жоан Гампер, се здружиле и ја формирале Барса, до денес. Нешто повеќе од 123 години е симбол на Каталонија во поширока смисла, и на Каталонците и на каталонската метропола и на културата. Се разбира, оттаму и паролата Més que un club (повеќе од клуб). Во витрините се изложени трофеите на клубот: 26-те титули во Ла лига, 5-те во Шампионската лига на УЕФА, 3-те во Светскиот куп на ФИФА, 31-та во Копа дел реј, има и дел кој е посветен на Лионел Меси, неговите „златни топки“, а благодарејќи на мултимедијалните инсталации, постојат можности и за интеракции, поткрепени со статистички податоци, и за виртуелни тури. На десетина екрани се прикажуваат и филмови за успесите во минатите сезони. Крајот на турата, која и да било, секогаш е резервиран за шопинг во дуќанот каде што можете да купите и дрес по цена од 94,99 евра, но и да го персонализирате, на пример со името на Гави, Дембеле, Кеси, Кристенсен, Кунде, Левандовски, Педри, Рафиња, Торес..., што ќе ве чини 20 евра, дополнително.
Градскиот живот во голема мера е условен и од темпераментот на барселонците, кои важат за доста весели, оптимистични луѓе што може да се забележи буквално секаде, па и на улица, секако. Ла рамбла е негова ликаприлика, во секое време, на секој чекор. Артеријата на Барселона, како што ја нарекуваат нејзините жители, без разлика дали се староседелци, доселеници..., во чија должина од 1,2 километри се засадени дрвја, и тоа на двете страни, е толку раздвижена, прометна што во шпицот е тешко да се разминете, но сеедно - тоа никому не му пречи. Напротив, изобилството продавници (мали, големи), кафе-ресторани, тезги на кои се продаваат сувенири, цвеќиња..., свирачи, уметници што прават портрети, цртаат карикатури, живи скулптури..., на улицата ѝ дава посебен шмек и придонесува за добро расположение. Фонтаната симболично е местото каде што се собираат навивачите на Барса по нејзината победа, за да прослават.
Како било, секоја од шесте улици, кои се во склопот на Лас рамблас, е приказна за себе. Таму е и 60 метарскиот споменик на Кристофер Колумбо од 1888-ма (доколку се качите со елеватор, ќе се воодушевите од погледот на целата улица, морето...) и Кралскиот плоштад (во вечерните часови е преполн заради локалите со музика) и театарот Лисеу од 1847-ма (изведбите на оперските дела се меѓу најпосетените) и пазарот Ла бокерија од 1836-та (на почетокот се тргувало со робови, а сега е синоним за свежост на храната) и палатата Виреина од втората половина на 18 век (делата на неокласицизмот ја украсуваат нејзината внатрешност) и уметничкиот центар Санта Моника чиј кафе-ресторан на покривот е доста интересен, како и оној во хотелот Барсело равал на плоштадот со палми, кафулиња... Ла рамбла постои од 15 век, а реконструкцијата започнала во 1700-тите години, за денеска да биде една од атракциите каде што пулсира животот во градот, додека го пиете кафето или нешто жестоко во Boadas, Bosc de Les Fades, Cafѐ de l’Òpera, Escribà или пак обедувате - со лезет, по победата на Барса.
Игор Ландсберг