Бесплатна коронарографија за пациентите кај кои е утврдена дополнителна интервенција

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ воведува нова бенефиција за кардиолошките пациенти. Со овој новитет, пациентите кај кои при коронарографија е утврдено дека е потребно да се направат и дополнителни интервенции – стентирање или одреден кардиохируршки третман, се ослободени од плаќање на направената коронарографија. Во услови кога се соочуваме со пандемија на коронавирусот, целта на оваа бенефиција е кардиолошките интервенции во болницата да бидат што подостапни за пациентите.

Коронарографијата дава приказ на состојбата на артериите кои го хранат срцето

Коронарографијата е инванзивна процедура со која се визуелизираат коронарните артерии на срцето со помош на контрастно средство вбризгано во самите артерии. Се препорачува кај пациенти кај кои претходно е воспоставен сомнеж за постоење на коронарна болест. Итна корорнарографија се прави кај пациенти кои имаат еден од облиците на акутен коронарен синдром и знаци за акутен миокарден инфаркт. Интервенцијата се изведува во стерилни услови во специјална ангиографска сала. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ кај 95 отсто од коронарографиите пристапот е преку радијалната артерија (на раката) со што се обезбедува поголем комфор на пациентот за време на интервенцијата и мобилизирање веднаш по завршување на процедурата, како и помалку компликации. Целата процедура трае 15 минути по што се врши анализа на ангиографското снимање, се проценува степенот на стеснетата артерија, квалитетот и должината на стеснувањето и се донесува одлука зависно од наодот.


Кај критично стеснување на артериите се поставува стент или бајпас

Доколку резултатите од коронарографијата укажуваат дека нема критични стеснувања, пациентот добива препораки за медикаментозна терапија и по 3 часа заминува дома. Доколку постојат критични стеснувања – повеќе од 60-70 отсто на една или две коронарни артерии процедурата продолжува со балон-дилатација и поставување стент со што се обезбедува оптимален проток на крв низ коронарната артерија. Во случај кога коронарографијата укажува критично стеснување на повеќе коронарни артерии, се препорачува кардиохируршки третман или бајпас-операција.