Бојан Крстевски: Ситуацијата сега е поинаква, се надевам на успех во овие квалификации
Кои се очекувањата на Бојан Крстевски, еден од нашите најискусни членови во сениорската национална селекција. Силното крило вели дека за разика од претходниот квалификациски циклус за Светскиот Куп 2023, сега ситуацијата е малку поразлична:
„Пред се, имаме некои дваесетина дена, од кои седум во Маврово, добро да се подготвиме и да влеземе во натпреварувачки ритам. Екипата сега е малку повеќе комплетна во однос на претходно, имаме и нов селектор со кого добро се познаваме. Имаме еден контролен меч со Црна Гора, кој ќе биде најава за двата претквалификациски дуели“- вели Крстевски.
Пред нас во текот на овој месец се и првите два натпревари од вториот круг на претквалификациите. Оние против селекциите на Данска и на Словачка, кои се дел од групата „Д“ во која „членува“ и селекцијата на Норвешка.
„Се надевам дека ќе ги минеме овие претквалификации. Словачка ни е добро позната, во неколку наврати имаме играно и имаме позитивен скор, се надевам дека така и ќе продолжи. Данска и Норвешка можеби не звучат атрактивно, но не може да се потценат, затоа што денес сите играат кошарка. Одиме чекор по чекор и се надевам на позитивен исход. Секој играч ни е добредојден напомош за овие предизвици“- дополнува еден од оние кои треба да го затворат нашиот рекет.