Борко Ристовски: Сите пари што ќе ги добијам ќе ги поделам на ФК и РК Вардар
Борко Ристовски одржа прес-конференција на која објави дека ќе поднесе тужба против Македонскиот Олимписки Комитет за изречената суспензија.
Легендарниот македонски ракометар кој го има епитетот „Министер за одбрана“ најави и судски процес против МОК во Лозана.
„Јас во последните денови бев во контакт со неколку адвокати од странство кои ми потврдија дека имам правна основа за тужба до Спортскиот суд во Лозана. Сакам јасно да ставам до знаење дека ова нема да го направам со намера да заработам. Онаа сума што судот ќе ми ја додели, веднаш ќе ја поделам, половина за РК Вардар и половина за ФК Вардар“, изјави Ристовски.
Ристовски говореше и за дисциплинската казна изречена од Даниел Димевски и МОК.
„Сакам да појаснам дека денес исклучително настапувам како Борко Ристовски, како спортист, така ќе ја водам и оваа битка. Мислам дека од денес ќе почне една нова страница во македонскиот спорт и ќе се разјаснат многу работи. Можеби некој го знаеше она кое се случува во спортот, но не се објавуваше јавно. Знаевме дека зад еден човек стојат повеќе лоши работи, но јас бев премногу спортски, премногу македонски настроен. Ама овој пат, ќе го докажеме криминалот со документи и ќе оставиме на надлежните органи да реагираат и пресудат. Одлуката на г-динот Даниел Димевски најмногу се базира на страв и на немоќ, затоа што апсолутно е издржана. Сакам да се тргнат овие луѓе од спортот. Г-динот Димевски се прецени во неговите напади. Пред некого да нападнете, треба да го запознаете вашиот противник и да го знаете човекот. Ние имаме документи, а институциите ќе одлучат каков и дали имало криминал“, изјави Ристовски.