Бродска флота на чело со Санта Марија: Јован Делов открива како се создава оригинална пловечка приказна
Голем љубител е на пловни објекти. И самиот вози брод. Но да ги изработи историските бродови и да ги преслика во минијатурни макети, е тоа е неговиот вистински уметнички предизвик...
Мајсторија е да се направи макета на брод. Бара трпение, неверојатна концентрација, знаење, совршена прецизност и желба. Кај нас ретки се тие што оваа уметност ја создаваат континуирано. Јован Делов од Охрид многу вешто го прави тоа. Кога ќе ги видите неговите рачно изработени бродови, посебно најпознатите во светската историја „Санта Марија” и „Баунти“ ќе се воодушевите, не само од убавината, туку и од реалниот приказ на вистинскиот брод. Но, она што е интересно и посебно, неговите дела се пловни, односно слободно можат да се пуштат по езеро или море. Нормално, мали се во споредба со уникатните, но мајсторот ги успособил и за пловидба, а не само за украс. Го фасцинираат, му предизвикуваат емоција, го „тераат” да ги изработи.
„Од мал покажав интерес за бродските минијатури. Самоук сум, не сум бродски инжинер, ниту пак историчар. Завршив на факултетот за Туризам и угостителство и за сето тоа време учев како се создаваат овие невообичаени макети“ - вели Јован.
На почетокот му било тешко, но со неверојатна желба ги совладал сите техники на правење. Се едуцирал од книги, од интернет, од форуми за правење макети… Својот талент го усовршил и започнал да создава. При изработката е дециден дека ако сака успех во делото, мора да користи материјали прва класа.
„Порано користев пластика, но дрвото е материјалот кој не може да се замени! Користам дрво многу слично на оригиналот. Техничките цртежи ги купувам или ги разменувам со макетари од целиот свет. Но многу сум внимателен тоа да се оригиналните. Секој детал, а ги има многу е грижливо направен, со прецизни координати и мерки. Јарболите се со математичка прецизност изработени, дури и силината на ветрот е пресметана“ - додава Делов.
Неговата флота содржи разновидни бродови. Оние кои најмногу оставаат впечаток се најпознатите, најзборуваните. Бродот „Санта Марија” е со исклучително историско минато. Со него Кристофер Колумбо ја започнал својата експедиција кон новиот свет. Јован го има изработено до перфекција. Идентичен е со Колумбовиот, со сите детали. И оние скоро невидливи за око.
Бродот “Баунти”, најпрвин трговски, а после брод со огромно наоружување е еден од ретките кои го изработуваат макетарите. Прилично е сложен, од кормилото, јарболите, трупот па се до топовите. Но предизвикот да го изработи до детал, бил вистинска мајсторска агонија. Шест месеци до една година, толку му било потребно за да го стави највисоко и да му се висхитува.
Ги има изработено и „Далматинска фалкуша”, „Ла Корона”, „Дубровничка нава”, патролниот чамец на АРМ…
Но, најголемиот предизвик е да се изработат охридското кајче и чунот.
„Чунот е инспирација, традиција и долг кон мајсторот, господинот Ванчо Сотироски. Тој делуваше позитивно на мене и ме поддржуваше во мојот развој на талентот. Ми укажа на многу тајни од занаетот“ - раскажува Делов.
И приватно вози брод низ Охридското езеро.
На туристите со мерак им раскажува за својот роден град, за тоа како се фрлал по крстот за „Водици", но и за изработката на макети од бродови. Вели дека има многу заинтересирани за купување на дел од неговата бродска уметност.
Небојша Толески