ЦЕНИТЕ НА ЦРЕШИТЕ ГИ ШОКИРАА КУПУВАЧИТЕ: Ќе имаме ли домашни и колку ќе чинат?

Граѓаните реагираа за високите цени на килограм цреши кои достигнуваат до 1.200 или 1.300 денари, а овоштарите од земјава велат дека летово нема да има доволно овошје и секако ќе биде поскапо.
Во однос на црешата, очекуваат многу помал род од претходните години, но се согласуваат дека цените поради кои граѓаните се бунат, се навистина високи. Дел од овоштарите велат дека летово црешата ако ја има на пазарите, би чинела околу 200 денари за килограм. Општо, повеќето овошни дрвца пролетва претрпеа штета, измрзнаа и ова лето овошјето ќе биде скапо.
„Наши уште нема, тие цреши сигурно се увезени. Цената на нашите ќе зависи колку ќе има род, но од тоа што ги гледаме дрвцата, кајсии нема, праски исто, црешите ќе бидат помалку од пола, времето не им оди во прилог, топло, ладно. Таа цена oд 1.300 денари е превисока. Немаме претстава колку би чинеле нашите цреши годинава, важно е само да биднат. Не би требало да бидат повеќе од 200 денари, но зависи кој како ги одгледува, дали ги прска, колку му се трошоците за кроење. Сигурно овошјата ќе бидат скапи ова лето. Јас не би купила толку скапи цреши од 1.200 денари“, вели овоштар од селото Виниче.
Купувачите откако ги виделе цените во маркетите, дури споредија дека килограм цреши чини колку ноќевање во Дојран. Некои се збуниле и мислеле дека се работи за грешка. Според граѓаните, цените „дивеат“ и навистина би било тешко еден родител да му угоди на детето ако сака цреши кои чинат 20 евра за килограм. Велат дека да се купи половина килограм или 300 грама, би поминале поевтино, но практично ќе земат малку, колку да пробаат.