ЦСКА Софија фаворит, Македонија ЃП бара изненадување во Лигата на Конференции
Македонија ЃП со 0-0 од првата средба во Скопје и гостува на ЦСКА во Софија, бугарскиот тим е фаворит, барем на „хартија“, но тимот од Ѓорче Петров најавува дека ќе направи се вечерва (19.00 час) да стигне до резултат за пласман во третото коло во Лигата на конференции.
Тренерот на Македонија ЃП, Муарем Бајрами, фаворитската улога му ја препушта на противникот, но верува дека тимот може до победа во Софија.
„Почнуваме од нула по она реми без голови во Скопје. Останувам на тоа дека ЦСКА Софија е фаворит, но ние во Скопје успеавме да одиграме тактички дисциплинирано. Сега ќе биде еден сосема поинаков меч во Софија, двата тима повеќе се познаваме, знам дека ќе ни биде тежок натпревар но верувам во моите момци дека можат повторно да одиграат квалитетен меч. Можеби ЦСКА не е во својата најдобра форма, има нов тренер, нови приспособувања за играчите, но секако се силен тим кој јасно е дека ќе атакува на победа“ – истакна Бајрами на прес-конференцијата во Софија.