Д-р Оливер Зафировски: Нема цел која е недостижна доколку се работи посветено во интерес на граѓаните
Беше заменик генерален директор 4 години и 11 години Генерален директор ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле. Основач е на Македонската и Балканската школа за педијатрија. Еден е од оснивачите на институтот за цистична фиброза. Тој и неговиот тим менџираа со изградба на новиот објект ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, набавка на најдобра опрема и врвна едукација за вработените по европски стандарди.
Д-р Оливер Зафировски е еден од нашите најдобри педијатри. Човек со дигнитет, оддаден на работата со деца за кои вели дека не посотои поголем благослов од тоа да видиш излечено насмеано дете. Воедно е и член во Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ.
За Машки магазин отрива интересни работи поврзани за неговата професија, животниот стил и работата со деца.
ММ. На кој начин и како се вклучивте во политиката? Што ве
„натера“ да се впуштите во така комплексна професија која скоро и да нема
допирни точки со медицината?
- Веројатно самата наша професија си го прави своето. Да, на прв поглед медицината и политиката немаат ,,допирни точки,“. Но сите ние сме политички суштеста, а Македонија е крајно политизирана држава, народски кажано. Политиката извира од секоја пора на општеството. Последните 20- тина години постои позитивен тренд на пратеничките листи да има многу доктори, поради тоа што даваме позитивен пример во општеството. Тој тренд очекувам да се зголеми во иднина токму поради Корона кризата. Луѓето знаат дека здравствените работници беа во првата линија на одбраната откако започна пандемијата. Докторите создаваат доверба кај граѓаните .
Секако и идеолошкиот предзнак е доста битен затоа што секој од нас носи свои ставови и убедувања како може Република Македонија подобро да изгледа.
ММ. А, што е она што ве навлече во медицината, посебно педијатријата?
- Хуманоста и желбата да се помогне е нешто што ме мотивираше од најмали нозе. Не постои подобар начин да ја искажете хуманоста отколку преку медицината. Децата се тие на кои најмногу им треба помош. Здрави деца значат многу радост исполнет дом и убава иднина. Тие се оние за кои живееме. Грижата за децата е приоритет за мене.
ММ. Колку години работите како педијатар во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, какво е искуството со работа со деца, од што најмногу страдаат децата кога се во прашање белодробните заболувања?
- Од 1989 година работам во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле. Од својот професионален ангажман можам да вбројам повеќе проекти и активности, но ќе набројам само неколку. 4 години- бев заменик генерален директор и 11 години Генерален директор ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле. Основач сум на Македонската и Балканската школа за педијатрија. Еден од оснивачите сум на институтот за цистична фиброза. Јас и мојот тим менџиравме со изградба на новиот објект ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, набавка на најдобра опрема и врвна едукација за вработените по европски стандарди. Во ниеден момент не дозволив да ја запоставам својата основавна дејност докторска работа со мали пациенти. Доколку ме прашувате какво е искуството со работа со деца јас тоа би го дефинирал на овој начин -,,Не посотои поголем благослов од тоа да видиш излечено насмеано дете,,. А. кога се во прашање белодробните заболувања децата најмногу заболуваат од Бронхит, Бронхо пнеумонија, Астма и Алергиски заболувања.
ММ. Сега Козле е ковид центар. Како се снаоѓате со возрасните групи? Каква е организацијата?
- Јас и моите колеги успешно се справуваме со оваа ситуација наречена Корона Пандемија. Во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле има високо обучен кадар кој е спремен да ги надмине сите предизвици. Најбитно од се‘ е што тимски се справуваме со предизвиците.
ММ. Како е да се работи во колектив каде претежно доминираат жени?
- Соработката и атмосверата за работа е одлична. Не би ги менувал моите колешки за ништо на светот. Жените се секогаш попедантни од нас мажите. И поискрени. И секако нивото на емпатија кај нив е повисоко одколку кај нас мажите. Токму затоа и има толкава грижа за пациентите во нашата болница.
ММ. Каков е вашиот стил на облекување? Што преферирате најчесто да носите и што ви е најомилено од облеката?
- Практикувам кежуал или полу- деловен стил. Најчесто носам патики поради тоа што сум секогаш во движење. Со оглед на бројот на состаноци во текот на денот, палтото е нешто што е задолжителен дел на гардероба за мене. Исто и белата кошула. Не сум некој што е зависник од брендирана гардероба така што во мојот шкаф има секакви парчиња облека. Битно е да ми се допаѓа. Со оглед на тоа што бројот на обврските ми е сериозно зголемен во последно време немам многу време за пазарење на нова облека. Омилено парче облека ми е мастило- сино палто и сив шал .
ММ. Познат сте по дружењата со пријатели... Колку тешко ви „паѓаат“ мерките?
- Да бидам искрен многу тешко ми паѓаат мерките, затоа што сум навикнат да бидам постојано опкружен со луѓе, без разлика дали се работи за некој од моите колеги или пак за пријателите. Често излегував пред да почне пандемијата. Во последно време излегувањата ги заменив со пешачење на Водно. Но сепак иако ова сум го кажал многу пати, повторно би апелирал сите да се придржуваат кон мерките . Колку повеќе се придржуваме кон мерките толку побрзо ќе го победиме ова зло наречено Ковид 19.
ММ. Велат дека сте многу принципиелен и во однос на мерки и почитување на закони. Што би промениле моментално кога е во прашање ковид ситуацијата?
- Секогаш сум принципиелен кон мерките затоа што сметам дека ние докторите треба дадеме пример на граѓаните. Ништо не би променил само би апелирал граѓаните поревносно да се придржуваат кон истите. Две генерални замерки според мене е во поглед на ненавремената набавка на медицински матерјал и вакцини. Тоа треба да се направи час поскоро.
ММ. Имате син кој судира во странство. Дали ви недостасува?
- Недостасува премногу... Секој ден. Секој родител сака неговото дете да биде до него и да го гледа секој ден. Но неговата одлука да студира во странство ќе ја почитувам и секогаш ќе има безрезервна подршка од мене. Мојот син уште од најмлади години сметаше дека сам треба да си го трасира својот пат и јас го подржувам и сум горд на него.
ММ. Колку е поразлично онлајн видувањето, конгреси, семинари, предавања... од физичкиот контакт? Дали се задржува нивото на ваквиот начин на комуницирање?
- Според мене контактот ,,очи во очи“ е најдобар без разлика дали се работи за конгреси семинари или предавања. На тој начин има подобра интеракција. Иако, да бидам искрен уште пред да започне Ковид Пандемијата често имав онлајн комунникација посебно со моите колеги од педијатриската струка кои живеат надвор од границите на Република Македонија.
ММ. Што ве прави среќен?
Под број еден е секогаш семејството.
На професионален план најмногу ме прави среќен да помагам на луѓето, затоа и станав Доктор, со посебен акцент на децата- бидејки тие се нашата иднина и нашето богатство. Во последниов период многу ме исполнува изработката на мојата нова книга за Здравјето времето и аерозагадувањето. Ова е заеднички труд со Проф В.Спиридонов. Со посебна гордост би сакал да истакнам дека во тек е изработкаа на англиската верзија на оваа книга за која имаме потпишано меѓународен договор со една реномирана издавачка куќа.
12. Која е вашата девиза која ве води во животот?
- Живеј го животот со полни гради, биди најдобрата верзија на себе. Можеби звучи како клише но навистина е така. Лично сметам дека нема цел која е недостижна доколку се работи посветено во интерес на граѓаните. Секој ден мора да ми биде исполнет со многу обврски и многу позитивна енергија. Многу малку спијам, најголемиот тек на денот ми е посветен на работните обврски, но секогаш наоѓам време за семејството и пријателите. Дали тоа е семеен ручек или кафе дружба не е битно, но битно е да се видиме.
Небојша Толески