Данчо од Битола за неколку години бил домаќин на повеќе од 200 гости од цел свет, еве како
Данчо Нивички од Битола преку платформата couchsurfing за 3-4 години бил домаќин на над 200 гости од целиот свет. Го понудил својот дом за странци кои доаѓаат во Македонија, со цел да се дружи, да стекне нови пријатели, но и да ги запознае со убавините на Битола.
Кај него престојувале туристи од Аргентина, Полска, Франција, Канада, Бугарија, Словенија, Хрватска, Германија, Турција, Јапонија, Израел, Кореја, Австралија, Индија. Вели дека има само позитивни искуства и случки кои ќе ги памети цел живот. Гостите ги шетал до Хераклеа, во музејот во градот, по Широк Сокак, на Пелистер и во локалните ресторани.
„Couchsurfing функционира и сум имал гости од целиот свет. Првите ми беа брачен пар од Аргентина. Обично ме одбираа заради рецензиите на тие што престојувале кај мене. Бесплатно е. Им го давам клучот во случај да нема никој дома. Можат да користат сè што имам дома. Обично ги шетам низ Битола, одам со нив автостоп. Интересно е. Нема ниту една лоша случка, сите биле добри. Со едни Полјаци одевме автостоп до Преспа. Со гости од Франција бевме на Пиво фест, со други гости од Франција и Естонија, бевме на езерата на Пелистер“, раскажува Нивички.
Тој вели дека кога почнал да нуди сместување, идејата му била да им помогне на оние кои ќе допатуваат во Македонија. Посетителите го пофалиле дека е одличен готвач кој им подготвувал македонски јадења, срдечен човек со смисла за хумор и го препорачале на останатите.
„Луѓе што размислуваат на иста бранова должина, можат да се најдат. Сум бил и јас кај други. Целта ми беше да помогнам колку што можам на тие што решиле да дојдат кај мене. Нови другарства, нови размислувања, нови погледи на светот. Во еден момент имав луѓе од Полска, Шпанија, Хрватска, Италија и Турција, односно 11 луѓе и беше како во хостел“, вели Нивички. Целото интервју на Данчо прочитајте го на Фактор.