Дејан Тасев: Единствен борач меѓу пејачите

На годинешниот „Макфест“ ја изведе темата „Каде беше ти“. На сцената го придружуваше неговиот пријател и соработник Коки Јанков и се пласира на четвртото место. Но, најголема награда за Дејан Тасев е што песната „од прва“ ја освои публиката и радискиот етер.

- Публиката на фестивалот реагираше прекрасно и веднаш ја прифати. Многу често се емитува и на радио станиците. Се случува да ја слушнам кога ќе влезам во маркет или бутик. Завршив како четвртопласиран, но најголема награда за мене како автор и изведувач е што нема да помине незабележително, туку ќе остави своја трага во етерот – вели тој.

„Макфест“ е привлечен за многу изведувачи, а дел од нив таму ја почнале ѕвездената кариера. Тасев е роден во Штип и уште како тинејџер имал голема желба да пее на фестивалот.

- Музиката ми е во срцето од дете. Имав голема желба да бидам дел од изведувачите. Се пријавив неколку пати на аудициите за дебитанти, но ме одбиваа со објаснувањето „млад си“. Кога решив да се откажам од аудициите, сами ми се јавија од организацијата. Ме побара тогашниот уметнички директор Кристијан Габроски, кој како што ми рече се сетил на мојата упорност во изминатите години да настапам на сцената – појаснува Дејан.

Кариерата ја гради по принципот „тивка вода, брег рони“. Не се наметнува по секоја цена, создава песни за своја душа, кои во изминативе години ги препозна и жирито на неколку интернационални настани. На фестивалот „Златна ружа“ во Хрватска во 2014 година, настапи во дует со Нина Убовиќ, a нивната „ Љубавни свијет“ се пласира на третата позиција. На неговото „музичко конто“ запишани се и „Врати се“, „Река“, „Вино и вистина“, „Живеев за нас“ и „Ќе немамсила“. Периодов е повторно во студио. Снима нова песна, на која повторно е потписник на музиката и текстот. Промоцијата ќе биде на почетокот од новата година. 

- Тоа е една интересна тема. Брза, весела, зимска. Во текстот има зборови на штипски дијалект. Во тоа ќе биде и нејзината посебност. Планирам да ја претставам пред публиката со видеоиздание – открива кантавторот.

Својот живот го опишува со три збора музика, спорт, музика. Од дете, неговото секојдневие било исполнето со тренинзи и совладување на музичките инструменти.

- Децата од моето маало во Штип тренираа борење. Мојот татко реши заедно со двајцата браќа да им се приклучам. Одев и на натпревари. Секогаш ја почитував културата на спортист кој се занимава со боречки вештини. Никогаш не се истакнував надвор од теренот. После секој тренинг, доаѓав дома и се посветував на совладувањето на музичките инструменти. Подоцна решив комплетно да се посветам на музиката, а со спорт да се занимавам само рекреативно - вели тој.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА