Димитар Атанасовски: Повеќе на планина, наместо во кафеана- така се гради и физичко и психичко здравје
Тој скоро секогаш носел брада во комбинација со мустаќи и секогаш ја поддржувал кампањата за машкото здравје, односно месецот Ноември или со славното име „Мовембар“.
Водителот Димитар Атанасовски е припадник на оние мажи кои навистина се грижат за своето здравје и изглед. Сигурно за ова е заслужна и неговата сопруга, познатата пејачка Сара Мејс со која подолго време се во брак и имаат две дечиња.
Машки магазин започна серијал со неколку познати јавни личности кои преку интервјуа ќе се обидат да ја подигнат свесноста за машкото здравје, навремени контроли, а посебно кога се работи за рак на простата.
Симболот брада и мустаќи е веќе востановен како заштитен знак, а еве што вели Димитар:
„ За мене брадата и мустаќите се повеќе стил на изразување на еден маж и начин на кој тој сака да се претстави. Ако порано се сметало дека брадата претставува изразување на машкоста и зрелоста на еден маж, денеска таа е повеќе израз на разноликост. Инаку, токму мустаќите во поново време се земени како симбол на апелот до сите нас да внимаваме и повеќе да се грижиме за сопственото здравје, што е баш кул“
Атанасовски активно спортува и се придржува кон здравиот начин на исхрана, иако одредено време се здебели, но успешно ослабе со напорни тренинзи и диетата наречена „аут оф фагиа“. Но за здравјето целокупно посветува големо внимание.
- На физичкото и на психичкото здравје, од секој можен аспект. Живееме во модерно брзо време, кое секојдневно не гази и си носи многу стрес кој потоа влијае на повеќе од нас на најразлични начини. Конкретно јас, истиот гледам да го исфрлам со физичка активност секое утро, внимавам колку можам повеќе на што и како јадам и редовно одам на контроли за да спијам мирно дека се’ е во ред со моето тело- вели Димитар.
Освен здравјето, мажите треба да внимаваат и на својот изглед. Се разбира, се што е претерано- е претерано. Денес и мажите користат ботокс и филери, пресадување на коса, ставање импланти за зголемување на мускулната маса и на некој начин со тоа се „подмладуваат“: Еве што мисли Димитар за тоа:
Не се плашам од староста, напротив, јас уживам во процесот. Лично не ми се допаѓаат естетските наградби кои и во Македонија станаа тренд и многу повеќе сакам мајка природа луѓе отколку силиконизирани. Сум имал неколку прилики во кои ми биле понудени и соработки за да правам нешто на моето тело, но одлуката е дека се’ во животот е процес во кој што одбирам да го прифатам и уживам, наместо да се борам против него.
Што значи според вас алфа маж и џентлмен? Дали е едно од двете или нешто помеѓу или сосема друго?
- За тоа дали сум јас, ќе треба најверојатно некој друг да одговори, пресубјективно е јас за себе да си кажам. Инаку за мене џентлмен е маж кој секогаш се грижи за останатите, без притоа да очекува нешто за возврат. Маж кој има манири и најголема почит кон жената. Маж кој знае како да го истакне најдобро од жената. За алфата, повеќе го перцепирам како лидер кој никогаш не се наметнува како лидер, туку остава другите да згрешат, а тој е секогаш тука да ја извади ситуацијата- потенцира водителот и испраќа силна порака за сите мажи и здравјето:
„Ако ние сами не се грижиме и не сме свесни дека грижата е најважна, никој друг на светов нема да го направи тоа за нас. Повеќе потење, наместо јадење. Повеќе на планина, наместо во кафеана. Така се гради и физичко и паихичко здравје“
Небојша Толески
Фото. Инстаграм, фб