dm и д-р Ивица Стојаноски низ разговор откриваат: Колку и зошто се важни уролошките прегледи?
Месецот на машкото здравје во dm дрогериите беше одбележан со различни активности, започнувајќи со поткаст-епизоди на оваа тема, вклучување во живо со психологот Бојана Петровска, хуманитарна велосипедска рута од 100 км во форма на брк, како и други многубројни едукативни објави, но и поволности за купувачите. Низ разговор со д-р Ивица Стојаноски, кој е хирург уролог, dm го одбележува крајот на оваа кампања чија цел беше да се подигне свеста за важноста на машкото здравје. Во продолжение прочитајте повеќе за уролошките прегледи.
1.Кое е Вашето искуство во однос на промената на навиките кај машката популација за практикување редовни уролошки прегледи во изминатите години?
Како резултат на промената на животните навики во современото општество, сведоци сме на постојан пораст на бројот на пациенти заболени од карцином на простата. Но, за разлика од пред две децении, кога карциномот на простатата беше болест за која многу малку се зборуваше, денес состојбата е значително променета. Благодарејќи на постојаните кампањи на уролошките здруженија, кои се поддржани од невладиниот сектор и од медиумите, се подигна нивото на медицинската култура и свест кај мажите, а со тоа се овозможи и рано откривање на болеста и нејзино поуспешно излекување. Денес, сè поголем е бројот на советувалишта, уролошки центри и други институции што се занимаваат со едукација на мажите за болестите на простатата.
Во овој контекст треба да истакнеме дека тековниот месец ноември е месец во кој се организира најголемиот и најважниот глобален настан посветен на машкото здравје, означен како „Мовембер“. Овој годишен настан вклучува растење мустаќи во текот на месецот за да се подигне свеста за здравствените проблеми на мажите, како што се ракот на простата, ракот на тестисите и психичкото здравје на мажите.
2. Колку е важен прегледот, на кои промени треба да внимаваат мажите и кога е погодно да се започне со прегледи?
Во нашата секојдневна практика во последните години постои зголемен интерес кај мажите за болестите на простатата, бидејќи тие сè повеќе се информирани за проблемите што може да настанат од ненавремениот преглед. Карциномот на простатата е на второ место по честота на појавување кај мажите постари од 50-годишна возраст и петта водечка причина за смрт кај мажите во светот. Во Македонија, две третини од болните со карцином на простатата се мажи над 65-годишна возраст. Карциномот на простатата најчесто на почетокот може да биде асимптоматски, т. е. без симптоми што би го предупредиле мажот за постоењето на болеста. Сепак, треба да напоменеме дека симптомите на долниот уринарен тракт, какви што се често и отежнато мокрење, ноќно мокрење, намален млаз при мокрење, испрекинато мокрење, капење при мокрење, потреба од итно мокрење, а во ретки случаи и крв во урината, кои може да произлезат од хипертрофија на простатата, исто така, може да се појават и кај пациентите со карцином на простата. Со раното откривање на карциномот на простатата и со негово адекватно лекување, процентот на излекување е мошне висок и достигнува над 90 %. Со тоа, ракот на простатата не се смета за неизлечлива болест кога е навремено дијагностициран. Во раната фаза често има индолентен тек и може да бара само активно следење. Но треба да напоменеме дека и во понапреднатите стадиуми на болеста, таа може да се контролира со години, а пациентот да има активен живот. Меѓутоа, кај болните со метастатска болест мали се шансите за негово целосно излекување.
Поради високата стапка на преживување во раните стадиуми на болеста, се препорачува секој маж над 50-годишна возраст еднаш во годината да направи уролошки преглед, а по 40-годишна возраст кај пациентите што имаат висок ризик за развој на карцином на простата, како и оние со позитивна фамилијарна анамнеза и црната раса.
3. Што сè вклучува еден редовен преглед на уролог и каков е протоколот за следење на пациентите по првиот преглед?
Целта на скринингот, односно редовните уролошки прегледи е откривање на карциномот на простатата во раните стадиуми на болеста пред појавувањето на симптомите. Скринингот на карциномот на простатата опфаќа: лабораториски иследувања (tPSA I fPSA), ДРП (дигитален ректален преглед) и трансректален ултразвучен преглед, кои најчесто се прават еднаш годишно, а, по потреба, и на 6 месеци.
Од лабораториските иследувања се испитува нивото на тоталниот простата специфичен антиген – TPSA и слободниот простата специфичен антиген – FPSA. Високите вредности на TPSA во крвта може да бидат знак за карцином на простатата. ДРП се прави со цел да се дијагностицираат промените во конзистенцијата, големината и обликот на простатата. Најчесто со овој преглед може да се разграничат промените кај карциномот на простатата од оние на бенигната простатична хиперплазија. Доколку погоре наведените два теста покажат сомневање за присуство на карцином на простатата, потребно е да се направи трансректален ултразвучен преглед на простата со кој се одредуваат големината, обликот и промените во ехогеноста на простатата, и како краен чекор во дијагнозата на карциномот на простатата се прави биопсија на простатата со која се земаат 12 кор-биопсии од простатата за патохистолошка анализа.
4. Кои се најчестите ризик-фактори за рак на простатата и дали тие се менуваат со менувањето на животните навики?
Како и за другите карциноми, така и за карциномот на простатата, причините за неговото појавување не се познати. Сепак, некои мажи имаат поголем ризик да заболат од оваа болест. Ризик-фактори што ја зголемуваат можноста за појава на карцином на простатата се: возраста (над 50 години), фамилијарна историја на болеста (генетска предиспозиција), расата (почеста кај црната отколку кај белата раса), исхраната (прекумерната телесна тежина и внесувањето големо количество масти од животинско потекло, кои го зголемуваат ризикот од карцином на простатата). Сè уште нема докази за тоа како да се спречи карциномот на простатата, но сепак, можно е да се намали ризикот со менување некои животни навики, како што се ограничување на храната богата со маснотии, зголемување на внесот на зеленчук и овошје и редовно вежбање.
5. Која е старосната структура на пациентите со карцином на простата и кој бил Вашиот најмлад пациент со оваа болест?
Како што веќе спомнавме, карциномот на простатата најчесто се појавува по 65-годишна возраст. Но, последниве години оваа бројка, за жал, опаѓа и сè почести се и пациентите со карцином на простатата и под 65-годишна возраст. Најмладиот пациент со карцином на простатата што сме го оперирале во нашата установа е на 50-годишна возраст, додека, пак, најстарите спаѓаат во возрасната група од 70 до 75 години.
6. Дали би сакале нешто да им порачате на припадниците на машката популација кај нас?
Сакам да им пренесам дека редовните годишни прегледи на уролог, добрата информираност за карциномот на простатата и подигнувањето на степенот на медицинската култура и свеста кај мажите за сопственото здравје ќе овозможат рано откривање на болеста и нејзино успешно излекување, а промената на животните навики ќе доведе до намалување на ризикот за развој на оваа болест. Всушност, и целта на сите активности во овој месец, „Мовембер“, е да го промени лицето на машкото здравје.
пр објава