Доктор и за музика: Неврологот, колекционер на една од најголемите музички збирки во Македонија
Ретки се луѓето, барем кај нас кои се страствени колекционери на музика во секаква форма. А, музиката е уметност, ослободува, подига, прави чуда на душата.
Примариус Д-р Живко Алексоски, специјалист невролог од Гостивар поседува една од најголемите збирики на плочи, цедеа и музички записи во Македонија. Колекционер е со официјален датум од 01.06.1971 година. Има 800 ЛП плочи, и 3500 ЦД-а. Ретко богата колекција со ретки музички раритети од светските музички ѕвезди.
За него, Драган Б. Костиќ ќе каже: „Штета што нема повеќе доктори, можеби ќе имавме повеќе вкус. Твојот е истенчен, префинет, се гледа дека школото ти е поинакво од она на многумина други. И на тие од вчера... а за овие од денес и да не зборуваме. Знаеш што сакаш, и сакаш и повеќе одошто знаеш.Така и треба драг мој Хаџи докторе“.
Д-р Алексоски музиката ја засакал уште од прво одделение кога влегол наставникот по музичко и свирејќи на мандолина им рекол на учениците дека музиката е нешто најубаво во светот, со неа се оди на свадба, веселби, родендени па и на погреби.
- Слушав грамофонски плочи од моите постари браќа и сестри на стар чехословачки грамофон, претежно од ЈУ групи и пејачи... Страста кон музиката се распламти кога на крајот на 8 одделение го гледав филмот „Рај на хавајски начин„ со Елвис Присли- вели докторот.
Првата плоча ја купил после 2 месеци со наслов On stage од Елвис Присли. Колекцијата ја збогатувал со купување на ЛП плочи од Југотон- Скопје но повеќето ги нарачувал од Англија (Jo jo records, Tendy records) како и од Германија и Америка.
- Колекционар сум со официјален датум од 01.06.1971 година. Имам 800 ЛП плочи, и 3500 ЦД-а. Мој музички идол е Елвис Присли, а најомилен албум ми е Greatest hits од Еagles кој е и најдобро продаван албум во светот. Кога бев петто одделение купив акустична гитара и секој ден упорно вежбав по 3- 4 часа, а во гимназиските денови оформив и група- Дорил со која учествувавме на две регионални гитаријади на кои пеев и свирев ритам гитара и изведував лично мои композиции (имав вкупно 10 мои песни)- додава Алексоски.
Во неговата колекција има раритетни ЛП плочи, само во последнава година купил 270 ЛП плочи од Америка (од Лос Анџелес) како што се Arlo Guthrie, Bread, Al stewart, Box of frogs, Dave loggins, Dan peek, Doc holliday, Don mclean, Don Henley, Elvis Presley, Frankie miller, Fary wright, Glen frey, Ian Matthews, Jim groce, Joe ely, John Denver... - Сум бил на повеќе концерти и тоа на Joe Cocker, Whitesnake, Bob Dylan, Toto, Jethro tull, Santana, ZZ top, Chris rea (во Белград) John Fogerty (во Лас Вегас) lynyrd skynyrd (во близина на Сан Диего) Калифорнија- ни рече Живко.
Докторот дополнува дека музиката е во генетскиот код на лозата Алексоски. Двата сина и поголемиот дел од внуците од неговите браќа и сестри свират на гитари. А првиот внук, едногодишниот Иан, од синот, кој живее во Америка, игра додека слуша музика и со неа заспива.
Инаку, смета дека нема некој посебен спој помеѓу медицината и музиката но дека двете нешта се сакаат со срце. Важи за еден од најдобрите доктори во својата струка, како и човек со совршено чувство за музика.
Небојша Толески