Драган Бајиќ повеќе не е селектор на Македонија

Кошаркарската Федерација на Македонија објави дека спогодбено ја раскина соработката со Драган Бајиќ, сега ќе бара нов селектор во пресрет на квалификациите за ЕУРО.

Бајиќ имаше како селектор неуспешни мундијалски квалификации со максимален број на порази.

СООПШТЕНИЕ НА КФСМ:

Кошаркарската Федерација на Македонија би сакала да ја извести јавноста дека македонската „Куќа на кошарката“ и г. Драган Бајиќ, заемно се спогодија да ја прекинат соработката околу негов понатамошен ангажман во машката сениорска репрезентација на Македонија.

Од оправдани причини, односно здравствени проблеми со кои се соочува во изминатиот временски период, г. Драган Бајиќ повеќе не е во можност максимално посветено да одговори на обврските кои со себе ги носи работењето во сениорскиот национален тим.

Земајќи ја предвид потребата машката „А“ селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клупски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката.

Во оваа прилика, би сакале да му се заблагодариме на Драган Бајиќ, како и на неговите соработници, Адмир Прасовиќ и Александар Кукриќ за досегашното работење со нашата најдобра селекција!