Драгица Стевковска: На 7 години ме однесоа на гробот на татко ми и дознав дека починал - утредента го прегрнав очувот и му реков „нели ти не си таму под камењата“
Неодамна се одбележа денот на посвоените деца. Тоа беше причина познатата водителка Драгица Стевковска –Дракче да ја упати својата порака „Драги пријатели доколку не сте биолошки родители на децата кои ги усвоивте и ги одгледувате, кажете им ја вистината додека е време, за да не ја дознаат поинаку зошто е многу болно“. Во оваа пригода ја раскажа и приказната поврзана со тешкото детство и премрежијата во животот.
- Имав неполни 7 години кога мајка дозволи да патувамсо една девојка, мојата тетка,сестра на мојот биолошки татко. Не ја познавав, но ме привлекоа нејзината љубов и прегратките. Ми даде куп играчки и подароци и со нив во скутот, тргнав со неа на едно патување. Стигнавме пред портите на една куќа. Не знаев дека тетка ми ме донесе во домот каде што сум се родила.Само гледав нови лица околу мене кои ме гушкаа со солзи. Баба ми и дедо ми, чичковците, тетките ме видоа првпат по 7 години од моето раѓање.Првата средба со домот и со блиските ми беше најтешкиот момент, кој ми се врежани во умот и во срцето до денес.Детето кое се роди по смртта на својот татко Детето за кое несе знаело дали ќе биде живо. Детето за кое родената мајка и нејзиниот свекор беа на суд,кој да биде старател, стапна во својот дом гледајки ги сите околу себе вџашено – раскажува Дракче, која во тие мигови се прашувала кои се луѓето и зошто плачат додека силно ја прегрнуваат и бакнуваат.
*Биолошките родители на Дракче
- На таа голема средба дојдоа и прабаба ми Елена и прадедоми Пано, кои беа многу возбудени и плачеа на глас. Имав баба и дедо, 4 чичковци и 3 тетки, браќа и сестри на мојот биолошки татко. Од силна возбуда и долгиот пат, првпат одвоена ода мајка ми, сум заспала свиткана во скутот на баба ми Звезда, чие липтање и денес ми е во ушите. Како во сон слушав: „Ни дојде детето нашето чедо, спомен од нашиот син“- се присетува Стевковска.
Утрото било уште поголема неизвесност за неа.Бидејќи веднаш ја стекнала довербата на својата баба, цело време ја држела за рака.
- Работеше и плачеше и ниту во еден миг неме пушташе подалеку од неа. И сега сепрашувам, колкава ли била тагата, но и среќата во нејзиното срце. За кратко време дојде парабаба ми и ми рече дека сите ќе одиме да го посетиме домот на мојот татко,да му однесеме вода.Ми дадоа едно земјено бардаче со вода и појдов со нив. По пат се слушаа само нивните липтања од тивкото плачење – открива водителката и дополнува дека не знаела каде е тој дом, но била радосна што носи бардаче.
- Дојдовме до селските гробишта. Првпат видов гробови.Почнаа да плачат, а зборовите на баба ми уште посилно ги растажи „Сине дојде твоето дете, што не дочека да го видиш и ти донесе вода“. Тогаш не бев свесна , но и сега додека зборувам срцето ми плаче. Ја полив водата, запалив свеќа. Погледнав во крстот на кој имаше машки лик, кој не го познавав. Позади него имаше расцветана перуника и јоргован. Баба ми скрши гранки и ми даде да ги оставам на крстот и ми рече „сега татко ти се радува,,.Тоа беше момент кој беше збунувачки за мене. Ми се вртеа многу прашања во главата „ Каква куќа, кој татко, зошто сум тука.?“ Колку можело да разбере дете на неполни 7 години – се прашува Дракче.
По два дена се вратила во куќата каде што живеела со мајка и. Цело време молчела и не зборувала со никого. Не можела ниту да јаде.
- Веќе наредното утро кога сум го слушнала гласот на татко ми кој се подготвувал за на работа, босонога сум излетала од собата велејки,,тато земи ме,нели ти не си таму под камењата,,.Се расплакал, силно ме прегрнал и ми рекол дека тој ми е татко.Подоцна ја разбрав тежината на мојата тажна приказна. Мајка ми останала вдовица на 21 година. Го изгубила сопругот пред да се родам. Се омажила за друг човек кој веќе имал 3 деца. Потоа добија заедничко дете – женско.
- Се ближи годишнина од смртта на мојот втор татко.А мене душата ми се кине, иако си доживеа длабока старост. Но,не само што изгубив по втор пат татко,изгубив дом, пристаниште во кое секогаш го наоѓав мирот, слушав убави зборови и добивав прегратки. Иако не бев негово биолошко дете, само мене ме нарекуваше среќо. Беа среќни со мајка која беше голем столб на семејството.Со смртта на мама добив мозочен удар. Но, заминувањето на татко ми душата уште силно ми боледува – со солзи раскажува Стевковска.
Неодамна се врати повторно пред малите екрани, како водителка на емисијата „Гответе со Дракче“ на Канал 5.
- Моето ранливо срце, мојата кроткост, скромност и работливост,мојата чиста душа и насмеан лик,големото човекољубие допринесе народот да ме сака и почитува како и јас него. Мојот нов проект ми даде една нова вдахновеност да се кренам од сите тежини и пак да се смеам. На гледачите да им пренесам позитивност да заборават на се и да се препуштат на минутите на забава. Голема благодарност до тимот кој работи за успешната емисија. А најголема благодарност до директорот на Канал 5, господинот Иван Мирчевски кој ја создаде идејата. Тој е и кум на емисијата. Имаше доверба во мене и затоа имаме голема гледаност. Среќна сум зашто ги усреќувам гледачите и со нивните сакани ликови – завршува Дракче.
Соња Алексоска Неделковска