Драстично намалени почетните позиции во ИКТ: ВИ е „закана“ но, и шанса за македонскиот кадар

Вработувањето во ИКТ компанија со висока почетна плата од 500-600 евра без никакво претходно работно искуство и стабилен кариерен напредок, беше главен поттик многу млади да се насочат кон факултети како ФИНКИ или пак, да се запишат на курсевите на бројните академии за различен степен на софтверски и технички вештини. Но, налетот на новите алатки за Вештачка интелигенција (ВИ), како и бројните откази на водечките технолошки брендови, значително го намали бројот на отворени влезни позиции во овој сектор, а тоа се чувствува и на македонскиот пазар.

„Дефинитивно, на македонскиот пазар на труд се забележува значително намалување на почетните работни позиции и практикантски места за дипломирани ИКТ кадри и лица со основни технички вештини“, вели Анастасија Крстаноска дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство.

Во последниот број излегоа повеќе светски извештаи дека се намалува бројот на почетни работни позиции достапни за дипломираните ИКТ кадри и тие со основни вештини поради зголеменото ниво на автоматизација и замена на овие позиции со примена на ВИ. Какво е искуството на македонските студенти кои завршуваат или веќе дипломирале на ФИНКИ и сродните факултети, се чувствува ли кај нас таа промена на пазарот на труд?

„Оваа промена се должи на комплексни фактори, пред сè технолошки – се повеќе компании воведуваат автоматизирани процеси и користат алатки базирани на вештачка интелигенција, кои ги извршуваат задачите што порано се доверувале на јуниорски кадар. Такви задачи вклучуваат обработка на податоци, тестирање на софтвер, подготовка на документација и создавање основни дизајн прототипи. Искуството на студентите и дипломците од ФИНКИ и сродните факултети покажува дека, иако можности за вработување сè уште постојат, тие се значително намалени во споредба со претходните години. Дури и талентирани студенти понекогаш се соочуваат со тешкотии при пронаоѓање работно место што директно се однесува на нивната специјализација. Сепак, ова варира во зависност од компанијата и видот на проектите – компании кои работат со чувствителни податоци или специфични технологии сè уште имаат потреба од почетни позиции со човечки надзор“, вели Крстаноска која до неодамна беше член и на Студенсткото собрание на ФИНКИ.

Македонскиот ИКТ сектор постепено се трансформира под влијание на новите технологии, што налага дипломците да се прилагодат преку стекнување практично искуство и развој на напредни вештини.

„Комбинацијата на образование, амбиција и специјализирани компетенции денес е клучна за успешно влегување и опстојување на пазарот на труд. Дополнително, компаниите веќе поставуваат повисоки стандарди за јуниорските позиции, барајќи напредно знаење и искуство, што заедно со примена на ВИ, го прави пазарот на труд поконкурентен и предизвикувачки за младите инженери“, смета Крстаноска.

Бројот на влезни позиции се намалува, но не исчезнува. Тука големо влијание има и реструктуирањето на водечките технолошките компании кои во време на пандемијата со Ковид-19 имаа зголемен број на ангажирани кадри, а откако завршија карантините и се намали потребата од дигитални алатки се намали и бројот на вработени, па така моментално пазарот на труд е во фаза на балансирање, додека пак вистинските ефекти од ВИ допрва ќе се согледуваат. Инаку и натаму ИК секторот во Македонија нуди високи плати и за почетно и напредно ниво, па така просечната нето плата според последните статистики изнесува над 80.000 денари, или речиси двојно повеќе од просечната македонска нето плата.

Каква е перспективата на младите софтверски инженери во вакво окружување, дали „заканата“ за работните места од ВИ е предимензионирана или пак, навистина овие трендови се загрижувачки?

„Заканата од вештачката интелигенција е загрижувачка само ако младите инженери не се подготвени да се адаптираат и да ги следат новите технологии. ВИ, напротив, претставува голема можност за оние кои знаат како да ја искористат на правилен начин. Во последно време се појавуваат сè повеќе огласи кои бараат комбинација на класични ИТ вештини и познавање на алатки базирани на ВИ. Позициите кои порано се однесувале на поосновни задачи постепено се трансформираат и се насочуваат кон улоги што бараат интеграција на ВИ со стандардните технички компетенции. Единствената реална „закана“ за младите инженери е недостатокот на континуирано учење и подготвеност за надградување на вештини. ИТ индустријата постојано се менува, и секој кој сака да биде конкурентен и успешен мора да ги следи новите трендови и технологии. Правилниот пристап кон учење и примената на новите алатки, вклучително и вештачката интелигенција, ја претвора потенцијалната закана во вистинска можност за кариера.

ФИНКИ и сродните високообразовни институции станаа најатрактивни за запишување на средношколците во последните години и ги заменија по бројот на запишани студенти факултетите за општествени науки (Правен и Економски), а тука се и бројните академии и курсеви за различен степен на ИКТ вештини. Дали се создадоа премногу кадри и дојде ли до заситеност на пазарот на труд?

„Ова, заедно со намалениот интерес за општествените науки, доведе до одредена презаситеност на пазарот на труд во ИКТ секторот, особено за почетни позиции. Моментално има многу кандидати за ограничен број работни места, што го прави пазарот поконкурентен и го нагласува значењето на практично искуство, напредни вештини и континуирано усовршување за да се обезбеди конкурентност“, заклучува Крстаноска.