Другарот на Златан Ибрахимовиќ открива за Машки магазин: Од мал велеше дека мора да стане голем во фудбалот, има добро срце и многу е галантен
„Напред Милан и збогум“ со солзи во очите изјави Златан Ибрахимовиќ на 4 јули на прес конференцијата на која соопшти дека на 41 година го напушта фудбалот и станува слободен човек. Најконтроверзниот фудбалер дополни дека фудбалот од него направил човек, му овозможил да запознае многу луѓе. Фудбалот на Ибрахимовиќ му донесе и милиони евра на контото. Мишел Јовиќ, негов другар од детството, кој пред неколку години го запознав во Малме, вели дека Златан е многу галантен човек. Им помагал на сите другари од детството и на семејството. Сите од неговото опкружување живеат убаво.
-Игравме фудбал во ФБК Балкан од Балакн, а потоа во Малме ФФ. Како дете беше темпераментен, Понекогаш доаѓаше на тренинг, понекогаш не го гледавме три месеци, па ќе се вратеше. Од почеток се гледаше дека е многу талентиран. Живееше за фудбалот. Наместо да доаѓа на тренинг, играше во дворот во неговото маало. – вели Мишел и дополнува дека иако Ибра е голема ѕвезда, славата не го сменила.
-Секогаш кога доаѓа во Малме им се јавува на своите другари. Како човек е многу добар, има добро срце. Сака многу да се зафркава и шегува. Не сака многу да излегува, зашто кога ќе се појави во кафуле во Малме сите му се приближуваат. Сака да лови риби и секогаш одиме на риболов. Голем обожавател е и на лов, има и сертификат. Беше во Африка на сафари лов. Кога сме заедно е многу галантен. Нѐ чести и одмор, скијање. Тој е прекрасен татко и сопруг. Не се однесува како ѕвезда. Кога го посетив во Италија кога играше за Интер и видов колку е голема ѕвезда, тогаш ми стана јасно дека и покрај сѐ, не се променил. Беше поголема ѕвезда и од Виера и од Фиго. Влеговме во гаража да ја паркираме колата, сите папараци се нафрлија на нив. – открива Јовиќ и нагласува дека за разлика од на теренот, во приватниот живот е скромен, едноставен и многу народен човек.
Златан Ибрахимовиќ ја издаде автобиографската книга „Јас сум Златан“, која стана голем хит во Шведска. Тамошните жители велат дека таа е како „библија“ за секое дете кое тренира фудбал и кое посакува голема фудбалска кариера. Но, таа е добар учебник и за младите, бидејќи во неа се кријат многу пораки - како со желба, труд и амбиција може да се совладаат тешкотиите и да се стигне до врвот во секоја професија. Особено за оние кои потекнуваат од посиромашни семјства.
-Сакаше да остави документ за својот живот и кариера. Како дете беше сиромашен, му беше тешко. На сите ни беше тешко, особено на децата кои дојдоа од земјите на Балканот. Од мал велеше: „Морам да успеам, да станам голем во фудбалот.“
- Со кој спорт и да се занимаваше ќе упееше. Многу е тврдоглав и сака само да победува. Дури и на игри на плејстејшн. – вели Мишел.
Златан Ибрахимовиќ е роден на 3. октомври 1981 година во Малме, а детството го минал во предградието на градот, Росенгард, кое било преполно со Сомалијци, Турци, Југословени, Полјаци и Швеѓани. Живеел во скромен стан во бројно семејство: Санела, неговата единствена вистинска сестра, постара две години, како и со две полусестри и еден полубрат. Неговата мајка Јурка за да заработи чистела по 14 часа во денот и била вистински борец. Како што пишува во книгата„ честоги тепала со дрвени лажици и не знаела да им каже ниеден убав збор.
-Таму каде што растеше изгради игралиште за децата. Бидејќи тоа е сиромав крај и сакаше да ги израдува.Токму на тоа место кога бил мал играл фудбал. Теренот е направен од гумите на патиките на Најк . Наменето е за млади и талентирани деца, кои немаат многу пари. Влезот е слободен за нив. Понекогаш оди таму да поигра, за да се сети на детските денови. – појаснува Јовиќ.
Во својата книга отворено зборува за сиромашното детство. Затоа секогаш инсистирал фрижидерот во домот да им е преполн со храна, а за неговите синови Винсенте и Максимилијан се труди да имаат сѐ што ќе посакаат.
Во текот на професионалната кариера, која ја почна во 1999 година Ибрахимовиќ играше за шведски Малме, холандскиот Ајакс, италијанските клубови Јувентус, Интер и Милан, шпанската Барселона, францускиот Парис Сен Жермен, англискиот Манчестер Јунајтед и американскиот Лос Анѓелес. Постигна вкупно 511 голови. Тој е најдобриот шведски фудбалер на сите времиња.
С.А.Н