Државен непријател број 1: Македонска раскошна мизерија
Сиромаштија — недостиг на неопходни производи како храна, облека, живеалиште и здрава вода за пиење, што резултира со низок животен стандард. Сиромаштијата се подразбира како состојба кога основните потреби се поголеми од можностите за нивно задоволување.
Можат да се разликуваат три типа на сиромаштија: апсолутна, релативна и субјективна. Апсолутна сиромаштија претставува неможност да се задоволат основните егзистенцијални потреби. Релативна сиромаштија е недостаток од ресурси кои ги оневозможуваат поединците и домаќинствата да практикуваат определен режим на исхрана, да учествуваат во определени општествени активности и да живеат во животни услови кои се вообичаени за општествата на кои им припаѓаат. Субјективната сиромаштија ги одразува индивидуалните перцепции на луѓето за нивните заработувачки.
Сиромаштијата е една важна димензија на социјалната исклученост. Сиромашните луѓе често се исклучени и маргинализирани во економските, социјалните и културните активности.
Во Македонија постојат сите три типови. Нашиот народ вели дека среќата со пари не се купува, ама стручњаците ќе кажат дека парите и тоа како го олеснуваат животот.
Ние сме во редот на сиромашните земји во светот. Тоа е официјално, потврдено од многу светски организации. Според релевантниот Фокус Економист, на листата од 125 земји, рангирани сме на 55 место со тенденција на искачување кон најсиромашните.
А, еве што вели нашиот завод за статистика. Податоците се за 2018 година, бидејќи за оваа се во подготовка.
Државниот завод за статистика врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, ги пресмета лаекенските индикатори за сиромаштија за 2018 година. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 % од медијалниот еквивалентен приход. Според податоците, во 2018 година, стапката на сиромашни лица во Република Северна Македонија изнесуваше 21.9.%. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2018 година е 22.0 %. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапкатата на сиромашни вработени лица е 8.8 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.9 %. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 31.9 %
.
Тоа се бројките! Таква е македонската реалност...
Н.Т.
Извор: Focus Economics; Државен завод за статистика на Р.С Македонија