Џенифер Лопез ми е познаничка, Мајкл Џордан и Алекс Родригез ми се пријатели: Биби Китанов, менаџерка на најлуксузниот хотел во Мајами

Сонот станува реалност, кога верувате во себе, работите напорно и не губите надеж на првата препрека на патот кон успехот. Водејќи се со оваа девиза, Биби Китанов (35) дипломиран економист, тргнала за Америка со намера да остане една година. Но, нејзиниот начин на работа биле најглавниот адут да добие понуда за работа на неопределено работно време и да остане во Мајами и да го живее својот сон.

По многу непроспиени ноќи, работа и целокупен ангажман, Китанов денес е на позицијата главен менаџер на “1 Hotel South Beach” еден од најдобрите ланци на хотели во Америка.Таму престојуваат најпознатите членови од кралските семејства и светски музички ѕвезди.


*Која беше причината да заминете во „ветената земја“ и таму да останете?

- За мене Америка беше предизвик во секоја смисла на зборот. Првенствено бев тука на размена на работа со договор од една година. Мојот начин на работа и посветеност беа причина да добијам понуда зa работа на неопределено време. Одлучив да ја прифатам понудата и да останам .


*Зошто се решивте за Мајами, монденско и луксузно место?

- Мојата приказна со Мајами е секако посебна и единствена. Кога дојдов тука имав чувство дека овде припаѓам. Тоа чувство од ден на ден станува сѐ поголемо и на некој начин, Мајами ме одбра „мене“. Во текот на изминатите години имав прилика да патувам во повеќето американски држави на подолго време, приватно и професионално и дефинитивно тука е моето место. Има многу работи кои ме прават среќна, пред сѐ тоа е климата и дефинитивно луксузот, кој е на друго ниво. Овде и начинот на којшто живеат луѓето и забавите на некој начин се посебни. И кога вие сте дел од тоа, повеќе работи што се околу вас ви изгледаат достижно.

Мајами ме одбра мене

*Нова земја, нова средина, непознати луѓе. Беше ли многу тешко да се адаптирате?

- Во почетокот, средината за мене беше многу поразлична од нашата и секако ми недостигаа моите и мојот круг на пријатели. Меѓутоа во Мајами имав можност да запознаам луѓе од многу различни култури и тоа ја направи мојата транзиција многу поедноставна.


*Кои се вашите работни обврски како главен менаџер на „1 Hotel South Beach“, еден од најлуксузните хотели во Мајами? Опишете ни дел од неговата атмосфера?

- Моите работни обврски се фокусирани на организација на сите можни аспекти на работењето на хотелот, започнувајќи од делегираење задачи на различните департмани во хотелот. Мојата улога е доста оперативна и се сведува на организација и контрола на работењето на хотелот и голем дел од мојата работа е "Guest Relations", каде што се земаат  предвид сите аспекти од целокупниот "Guest Experince". Hotel South Beach е еден од најдобрите каде што некој може да престојува. Тој припаѓа на “SH Group“ taa e групација на хотели низ целиот свет. Посебен е по неговата уникатност, природен изглед. Сѐ во хотелот потсетува на еклектично природен дизајн со органски елементи. Хотелот има капацитет од 500 соби. Го има најдобриот Rooftop Bar во Мајами, каде што се наоѓа огромен базен што гледа на плажата кон океанот и тука забавите се секојдневни. Секако за забавите се задолжени најдобрите светски диџеи. Во хотелот цените на ноќевањата се од 3000 евра од вечер. Големите апартмани кои се на повеќе нивоа и кои имаат приватни лифтови, приватни батлери, се од 70.000€ по ноќ . Токму во овие апартмани престојуваат најпознатите, од членовите на кралското семејство како Хари и Меган, принцезите од Монако и целото кралско семејство од Саудиска Арабија. Како и најпознатите музички ѕвезди Бијонсе и Џеј Зи, Карди Би, Ријана, и многу други.


Запознав многу луѓе од различни сфери на животот

*Секојдневно се среќавате со луѓе кои се дел од светскиот џет сет, бидејќи тоа е дел од вашата работа. Дали со некои од нив се спријателивте?

- Можам да кажам дека имам пријателски однос со Џенифер Лопез и Алекс Родригез, кои додека беа во врска често беа гости во нашиот хотел. Тие воедно и се дел од инвесторите на нашата групација. Најголемата кошаркарска легенда Мајкл Џордан е дефинитивно посебен лик, кој секако со неговата појава не може да ве остави рамнодушен и сите негови резервации одат директно преку мене. Исто така би ги спомнала Бил Гејтс и неговото семејство, Алиша Кис, Ријана и многу други. Оваа работа има доста позитивни страни. Покрај луѓето од светскиот џет сет, кои постојано патуваат и живеат несекојдневен живот, запознав многу луѓе од различни сфери на животот. Од нив дефинитивно може да се научат многу работи и да се споделат моменти. Токму овде имам воспоставено многу пријателства и мислам дека имаме круг на луѓе со кои заедно летуваме,  прославуваме празници. Пред пандемијата 4 јули, денот на Независностата на Америка го прославуваме во East Hamptons, едно од најлуксузните места, каде што живее американската елита и се наоѓа во државата Њујорк. Пријателствата што ги имам изградено се долгорочни и моето наредно патување е токму со едно групно патување во луксузниот остров Saint Bartz, со една од моите најблиски пријателки. Нашето пријателство започна токму во 1 Hotel.


* Поголемиот дел од славните и богатите имаат свој дом во Мајами. Дали сте ги виделе во маркет, трговски центар или на улица? Како се однесуваат?

- Тука не само што можеш секого да сретнеш на улица, туку се нудат и тури со брод, каде што се посетуваат нивните домови. Славните се исти како нас, се однесуваат доста природно кога се движат приватно.

*Во брак сте со Македонец, каде се сретнавте?

- Да, во брак сум со Македонец и сум пресреќна. Се сретнавме баш тука во Мајами и затоа за мене овој град е толку посебен. Најголема среќа за мене е што мојот партнер ги има истите вредности и погледи во животот. Иако и двајцата сме со потекло од Македонија, нашиот живот е овде и така и се однесуваме. Мојот сопруг е воедно и моја поддршка. Иако по професија е адвокат и работи во различна сфера од мене, знам дека е секогаш тука со совет и неизмерна поддршка.


Планираме да стапиме и во црковен брак во Македонија

*Што би им порачале на младите кои сонуваат за Америка? На што треба да бидат подготвени и колкава е цената да се успее во оваа земја?

- Мојот единствен совет во поглед на оваа тема е секој да е искрен со самиот себе и да знае што сака од животот на приватно и на професионално поле. Цената не е голема доколку ова е патот на кој сте се определиле и работите на самите себеси . Работите за подобар живот во секоја смисла. Доколку ова е вашиот сон и овде се гледате во иднина, секоја препрека ќе ја совладате на патот кон успехот.


* Ќе ја посетите ли наскоро Македонија?

- Секоја година најстојуваме да поминеме време во Македонија и оваа година ќе биде така. Се надеваме дека ситуацијата ќе ни дозволи да стапиме и во црковен брак со сопругот, во кругот на нашето семејство, бидејки духовните вредности се тие кои нѐ водат во животот.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА