„Џоломарите“ е фотоприказна за традиционалниот пагански ритуал во с. Бегниште
Книгата со фотографии „Џоломарите“ од Сашко Илов, Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов ќе биде претставена со онлајн-промоција, на 26 јануари (среда), со почеток во 19 часот. Онлајн-разговорот со Сашко Илов, еден од авторите на фотографиите во книгата, ќе го води уредникот на изданието Филип Видиновски, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Книгата, која е двојазична, на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Книгата е фотораскажување за паганскиот ритуал џоломари. Прекрасните фотографии ги покажуваат бегнишките џоломари, нè носат во средиштето на настанот, се чувствува џоломарската атмосфера, но најмногу од сè, ги канат посетителите да го доживеат поредокот на светскиот хаос, кој настапува заради крајот на годината, помрачувањето на светот и на умот, времето на смртта на Старата година и воспоставувањето на космосот, на поредокот и раѓањето на Новата година, создавањето на новата светлина од искрите на коледарскиот оган и победата над смртта.
Џоломари е традиционална маскирана група од селото Бегниште, Република Македонија. Овој настан има повеќевековна традиција, се практикува најмалку од почетокот на доаѓањето на турската војски на македонските простори (ХIV-XV век). Почнувајќи од 7 јануари, па сè до 19 јануари во најдлабоката зима, луѓето од овие краишта веруваат дека низ селото се движат зли духови, болести, вештерки и демони. Секоја година на 14 јануари, организирана, исклучиво машка група, под тешки маски, со агресивен танц и предизвикувајќи голема врева ги бркаат злите духови од селото за да биде годината понатаму исчистена од нив. Мажите кои учествуваат во ритуалот прво во своите домови ги бојат лицата во црна боја со саѓе (остаток од изгорените дрва во оџакот), облеката им е од козјо сукно и е црна или кафеава, а брадата и мустаците им се изработени од волна и околу половината врзуваат десетина тешки ѕвонци. Џоломарите се собираат навечер сретсело. Кога ќе се соберат, почнуваат да скокаат, да удираат со стапалата и со стапови по земјата, да тропаат со тешките ѕвонците врзани околу нивната половина и со ова се верува дека ги бркаат злите духови од селото. Ова гласно тропање со ѕвонците и удирање со стаповите и стапалата на земјата се објаснува и како обид на луѓето да ја разбудат заспаната природа.
Сашко Илов-Дете е дипломиран професор по филозофија, долгогодишен ликовен уметник и фотограф. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е редовен учесник на тамошните фотоизложби. Член е на повеќе меѓународни здруженија на уметнички фотографии.
Цветанка Темкова Илова-Цеци е дипломирана ликовна уметница и реставратор со долгогодишно искуство како уметник, фотограф, но и реставратор на повеќе археолошки локалитети. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е наставничка по ликовно, а во слободното време твори во своето студио.
Гоце Давидов е академски вајар кој предава вајарство во Рига, Летонија.
Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава