Еден од најбогатите луѓе на Балканот: Од бегалец до милијардер
Самир Мане, албански претприемач роден во 1967 година во градот Корча, денес е еден од најбогатите луѓе на Балканот. Според проценките на Форбс од март 2025 година, неговото богатство се проценува на 1,5 милијарди долари, што го става меѓу најбогатите луѓе во регионот.
Тој пораснал во време на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, кога Албанија била една од најзатворените земји во светот. Поради строгите ограничувања за патување, Мане ретко ја напуштал својата родна средина до неговите студии во Тирана.
Во 1991 година, по падот на комунизмот, Мане, тогаш студент, решил да ја напушти Албанија во потрага по подобар живот. Со помош на патна виза од агенција, која подоцна се покажала како лажна, тој започнал 36-часовно патување со автобус до Виена, Австрија, каде што се регистрирал како бегалец. Тој поминал повеќе од шест месеци во бегалски камп, самостојно учејќи германски јазик, додека не станал доволно компетентен да се запише на Техничкиот универзитет во Виена за да ги продолжи студиите по геологија.
Во 1993 година, по падот на комунизмот во Албанија, Мане започнал да увезува електронски производи и домаќински апарати од Австрија во Албанија, основајќи ја компанијата Albatrade. Оваа компанија подоцна прераснала во Balfin Group, денес еден од најголемите инвестициони конгломерати во Југоисточна Европа.
Неговата приказна е пример за тоа како човек може да го претвори бегството од репресивен режим во успешна бизнис кариера, изградена на упорност, иновација и стратегија.
Бизнис империја
Самир Мане е основач и претседател на Balfin Group, инвестиционен конгломерат кој оперира во 11 земји низ Европа и САД. Групацијата вклучува над 50 компании кои се активни во различни сектори, вклучувајќи недвижности, малопродажа, логистика, рударство и банкарство. Еден од најпознатите проекти на Balfin Group е луксузниот комплекс Green Coast Resort на јадранската обала на Албанија, кој привлекува инвеститори и туристи од целиот свет.
Имот и приватен живот
Самир Мане живее помеѓу Тирана и Виена со својата сопруга Ева и нивните четири деца. Иако неговиот приватен живот е претежно скриен од јавноста, познато е дека тој активно учествува во филантропски активности преку својата фондација Mane Foundation, која поддржува иницијативи во образованието, здравството, животната средина и намалувањето на сиромаштијата во Западен Балкан.
Признанија и награди
Во 2016 година, Самир Мане беше награден со титулата "За посебни цивилни заслуги" од страна на претседателот на Албанија. Три години подоцна, во 2019 година, тој ја доби највисоката австриска државна награда, Decoration of Honour for Services to the Republic of Austria, доделена од австрискиот претседател и потврдена од австрискиот амбасадор во Албанија