Едицијата „Порта Европа“ го носи свежиот европски книжевен здив во македонската преводна книжевност

На 16 февруари, со почеток во 19 часот, во Café Literatura во „Дајмонд мол“, беше промовирана едицијата „Порта Европа“, во издание на „Арс Ламина“.

Книжевната едиција „Порта Европа“ се состои од шест книги, сите добитнички на престижната Европска награда за книжевност последните неколку години, што ја доделува Европската унија: „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен, „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак, „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер, „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ, „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира и „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер.

Книгите ги претставија Бисера Бендевска и Оливера Ќорвезироска, уреднички на книгите, заедно со двајца од преведувачите: Дејан Василевски (преведувач од хрватски јазик на „Почитувани бубачки и други морничави приказни“) и Ермис Лафазановски (преведувач од романски јазик на „Градина од стакло“) и двајца од дизајнерите на кориците: Андреј Лавчански (дизајнер на корицата за „Градина од стакло“) и Лара Маринковиќ (дизајнерка на корицата за „Приказна за духовите“).

Објавувањето на оваа едиција, кофинансирана од Европската унија, е засновано на еколошка заднина и во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар.


Сите шест прозни дела во себе носат приказна од сопствениот културен контекст, а истовремено меѓусебно се допираат во интроспективните аспекти и отсликувањето на внатрешните борби на носечките ликови. Проткаени се со нишки од опачината на животот, се занимаваат со горливи проблеми и состојби во нашето современо општество: отфрленост, осаменост, ментални болести, кризи на идентитетот, самоубиство...

Пет од насловите се романи, шестиот наслов („Почитувани бубачки и други морничави приказни“) е збирка раскази. Заедничко за романите е тоа што се главно фрагментарни, но во рамките на тоа, секој од нив е сосем свој и различен.

Бисера Бендевска ја подвлече необичноста на романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“, осврнувајќи се на неговата фрагментарност, на што Оливера Ќорвезироска, претставувајќи ги романите „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ и „Градина од стакло“ зборуваше за сличностите и разликите во овие две писма: норвешко и романско. Додека првиот роман ги опфаќа последиците на едно семејство чијшто член се самоубива во Норвешка; вториот се занимава со сложената идентитетска состојба во Молдавија, на тромеѓето на романскиот, молдавскиот и рускиот јазик. Големата промена на распаѓањето на СССР во романот се гледа со очите на едно мало девојче-сираче. Ермис Лафазановски, преведувачот на „Градина од стакло“ истакна дека романот е многу занимлив, но и тежок за превод, но дека олеснителна околност му бил фактот што одлично ја познава таа средина, и јазично, но и лично. Ќорвезироска разговараше и со дизајнерот Андреј Лавчански за неговата впечатлива дизајнерска адаптација на оригиналната корица на романот „Градина од стакло“, за којашто доби награда на конкурсот на корици организиран специјално за книгите од оваа едиција.

При претставувањето на романот „Приказна за духовите“, Бисера Бендевска повторно се осврна на јазиците како крупни идентитетски обележја, зашто и во тој роман приказната е ситуирана на работ на два јазика кои се испреплетуваат во судбината на главниот лик. Таа поразговара со дизајнерката на корицата – Лара Маринковиќ (исто така победничка на конкурсот за дизајн на кориците на овие романи), околу изборот на црвената боја и „отсуството“ на ликот на корицата. Бендевска се осврна подетално и на поинаквата фрагментарност на романот  „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира. Таа посебно го препорача овој роман како нејзин личен фаворит од едицијава.


На крајот, претставувањето заврши со збирката  раскази „Почитувани бубачки и други морничави приказни“. Оваа „морничаво добра збирка“, Ќорвезироска ја нарече „посттранзициска готика на работ на апсурдот; вешт и оригинален омаж на Кафка, Чапек и други лектирни автори од светската книжевност“. Низ разговор со преведувачот Дејан Василевски беа опфатени „ризичните точки“ при преводот, кога реално не постојат совршени еквиваленти за пренос на значењето, особено на насловите, од еден во друг јазик.

Шесте книги од едицијата „Порта Европа“ го носат свежиот европски книжевен здив во македонската преводна книжевност. Тие ни овозможуваат да фатиме чекор и ритам со она што се пишува во светот и она што се пишува кај нас; со она што се чита во светот и она што се чита кај нас.

Проектот е кофинансиран од Европската унија.

Книгите се достапни во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk


*Пр објава