Една од најпопуларните песни: Како настанал фолк хитот „Розо Моја“?
Секаде ја пејат, на забави, по ресторани, на седенки...
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле.
Рефренот премиерно е отпеан на фестивалот „Тетовски филиграни“ во 1996 година, но стана хит дури пред неколку години. Пред две децении никој не ја знаеше, а сега оваа композиција во еден глас се пее на речиси секоја свадба. Интересен е и моментот што Ибуш Ибраимоски прво одбил да ја сними нумерата што му ја одбележа кариерата.
- Во меѓувреме, композицијата им била понудена на уште двајца мои колеги, но не прифатиле да ја отпеат. По некоја чудна коинциденција повторно стигна до мене. Ја преслушав уште еднаш и ме „уби“ текстот на Огнен Неделковски, кој одлично прилегаше на музиката на Тоде Спасовски - откри Ибраимоски.
По победата, песната останала незабележана од публиката и од медиумите. Дури пред десет години се нашла во конкуренција за „Хит на деценијата“, а на Ибуш му е особено мило што сега на своите концерти често ја пеат српските ѕвезди Харис Џиновиќ и групата „Амадаеус“.