Ексклузивна можност за справување со дебелината: „AS SLIM BODY CENTER“ НУДИ МЕДИЦИНСКИ ТРЕТМАН ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ профункционира центар за справување со дебелината. Станува збор за Acibadem Sistina Slim body center, кој е нов концепт што вклучува детално обработен, медицински и синхронизиран третман за пациентите што имаат проблеми со телесната тежина. Клучните предности се што во центарот, првпат во државата, се нуди можност за евалуација на пациентите, по што почнува и третманот на дебелината, а концептот е применлив во која било возраст, од деца до возрасни.

„Се работи за старо-нов концепт, односно во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ веќе неколку години активно работиме со дебелината како здравствен проблем, но сега конечно добиваме детално обработен, медицински поткован и синхронизиран начин на третман на пациентите, кои се справуваат со тешкотии со телесната тежина. Правиме соодветна евалуација на пациентите и се имплементира најдобриот можен начин за справување со телесната тежина. Се работи за медицина базирана на докази, односно опфатени се сите медицински аспекти на дебелината и нејзиниот третман, како и третманот на потенцијалните компликации“, објаснува д-р Надица Божиновска-Димова, специјалист по ендокринологија, која го предводи овој центар.

ЗОШТО НЕ СЛАБЕЕМЕ?

Таа објаснува тоа што за првпат во државата се нуди можност за евалуација и третман на дебелината во секоја возраст е еден од најважните аспекти на уникатноста на овој концепт. „Се обидуваме да наметнеме една многу важна идеја, а тоа е дека дебелината не бира години, едноставно мора да се земе предвид секоја возраст, да се препознае како проблем и соодветно да се третира. Со оглед на тоа дека се работи за комплексно синхронизирано работење на повеќе специјалности, во центарот се вклучени: ендокринолози, гастроентерохепатолози, кардиолози, нутриционисти, педијатри, психијатри, абдоминални хирурзи, ортопеди, физијатри, специјалисти по нуклеарна медицина и пластична хирургија, фитнес-тренери, но секако по потреба постои можност да се вклучи и секоја медицинска гранка, која би се видела како потребна во одреден случај“, вели докторката. Во центарот не се третираат само пациенти што имаат проблем со тежината. Ова е концепт што нуди програма за развивање на здрав начин на живот долгорочно. Дебелината како медицинска состојба варира од натхранетост, па сѐ до краен степен на дебелина, а од друга страна, не секој вишок телесна тежина е болест и предизвикува компликации по здравјето. „Гледајки од тој аспект, постои една цела група луѓе, кои цел живот имаат тешкотии да ослабат или со огромни маки успеваат да останат во зоната на натхранетост. Наша цел е како медицинска установа, пред сѐ, да направиме евалуација дали се работи за одредена здравствена состојба, која можеби го забавува метаболизмот или едноставно, пациентите несвесно прават грешки, кои штетно им влијаат врз метаболизмот, а потоа врз основа на направените иследувања, даваме соодветни совети и насоки со кои се подобрува животот на тие пациенти“, вели д-р Божиновска-Димова.

БОРБАТА Е КОНСТАНТНА, НЕМА МАГИЧНО СТАПЧЕ

Не постои магично стапче за намалување на тежината, но постои начин за одржување на здрав живот. Во време на сѐ помногубројни замки во светот во кој живееме, меѓу кои дигитализацијата, брзата храна, зашеќерените пијалаци, борбата со килограмите е константна. Докторката, сепак, вели дека пациентите се преплавени со маркетиншки кампањи и ветувања за брзи резултати, кои се еднострани и не се приспособени за секој поединечно. Во центарот секој пациент учи да воспостави здрави навики, секако под медицински мониторинг и по потреба со користење на одредени лекови. Секој третман е мотивирачки, а ефектите се долгорочни кога здравиот стил на живот станува навика. „Многу често луѓето очајно прават се, надевајќи се дека ќе го пронајдат ‘светиот грал’. Тоа е сосема погрешно, неточно и нефер од страна на маркетинг компаниите, бидејќи борбата со килограмите е константна во текот на нашиот живот, особено имајќи ги предвид сите замки што ни ги поставува светот во кој живееме“, објаснува докторката. Вели дека во „ Acibadem Sistina Slim body center“ не се воспоставуваат временски рамки од три, шест или 12 месеци туку се работи на воспоставување здрави навики со постојана мотивација за борба со килограмите. Секако, како што вели, резултатите треба да започнат веднаш по прегледите, додека пациентот сѐ уште не ја напуштил зградата на „Аџибадем Систина“, затоа што поддршката од лекарот и мотивацијата да се започне, како и податокот дека пациентот не е сам во борбата со килограмите, се едни од најважните нишки во оваа ситуација. Секако со соодветен медицински мониторинг и евалуација.

ЗОШТО Е УНИКАТЕН ОВОЈ ЦЕНТАР?

Уникатноста на овој центар, вели д-р Божиновска-Димова, е сложувалка од неколку аспекти. Најважно е што се прави евалуација за која се формирани два комплетно синхронизирани тимови од педијатри и лекари за адултна популација. Друг многу важен аспект е тоа што во оваа медицинска програма се вклучени сите медицински специјалности, кои работат со дебелината како медицински проблем, а пациентот ги завршува сите прегледи во рок од два до три дена, во зависност од степенот на дебелина и потребните иследувања. „Се работи за проценка на лекарот во однос на тоа кои евалуации и прегледи ќе бидат потребни за самиот пациент. Па така се овозможува медицински прецизен начин за евалуација, наспроти можноста пациентот да одбира сам кои прегледи да ги прави (искуството ни покажало дека тоа резултира или со премногу непотребни прегледи/анализи или, пак, недоволно)“, вели докторката. Инаку, при формирањето на овој центар се користени медицински протоколи, а се занемарени маркетиншките трикови, што според докторката осигурува медицински мултидисциплинарен пристап кон третманот на дебелината. Целта е, секако, да се постигне здрава тежина, но и да се превенираат компликациите од дебелината, односно навреме да се увидат ризиците и соодветно да се постапи кон нив. Кај оние пациенти кај кои веќе постојат компликации од вишокот телесна тежина, ќе се овозможи навремен третман и соодветно менаџирање. Целта е пациентот да биде здрав, а доколку веќе има коморбидитети, да се овозможи квалитетен начин на живот.

ПР објава