Ексклузивно со Божидар Бобо Јанковски: Никогаш не пропуштам шанси под изговорот „сега не е време“
Сега е пандемија, помина тешка година, специфична по многу работи, кризна. Но, кризното време е време на предизивици. Најголемиот досега го имаше и Божидар Јанковски, првиот човек на Динерс Клуб Македонија. Самиот лично стана сопственик на компанијата, со што стана и еден од ретките сопственици на франшизата на Динерс Kлуб кои се физички лица. Вели дека не ја пропуштил шансата, затоа што тоа не би било во негов стил, верувал и верува дека ќе успее. Вели дека му e исклучителна чест, а и долгогодишна мечта. Тој во компанијата во Македонија ги поставуваше темелите. Затоа, и нема кој не го познава Бобо „Дајнерс“. На позицијата директор е 20 години, а Динерс Клуб картичката е првата кредитна картичка која стана достапна за македонските граѓани. Во ексклузивното интервју со Јанковски зборувам и за кризата во Македонија – ефектот на пандемијата врз реалниот и финансискиот сектор. Вели дека државата мора да покаже грижа и да помогне на сериозно оштетените области, и колку што е тоа можно, да се излезе од оваа криза без фатални последици.
Јанковски зад нас е исклучително тешка година, во која поради пандемијата на Ковид 19 се влоши и економската ситуација. Токму во една комплексна и тешка економска година, вие станавте сопственик на Динерс Клуб Интернационал Македонија. Како практично излезе оваа операција и зошто се одлучивте на ова?
Јанковски: Како последица на корона кризата многу компании и корпорации направија преструктуирања и промени во своето деловно работење, со цел да одговорат на предизвикот на одржливост во услови на глобална криза која практично навлезе во сите животни и бизнис сегменти. Лично сметам дека и Ерсте Кард Клуб од Хрватска токму од истите причини се одлучи на ваков чекор. Едноставно решија да направат промени во политиката на работењето согласно кои Динерс Клуб Македонија, но и неколку други делови од мрежата на Ерсте ги понудија како можни аквизиции. Со оглед на фактот дека јас долги години успешно ја водам компанијата во Македонија, ми беше понудена опцијата за купување на целосниот удел. Да бидам искрен, иако oд секогаш сум мечтаел за ова не мислев дека може да се случи, особено не во едни вакви услови во кои практично дојде и понудата за аквизиција. Но, како што тоа обично бива, нештата се случуваат тогаш кога најмалку ги очекувате. Оваа понуда дојде во една навистина тешка година и за живеење и за работа, но токму во тоа и беше мојот личен предизвик да одговорам позитивно, секако свесен за огромниот деловен предизвик со кој ќе се соочиме. Но, јас по природа сум човек кој не се плаши од предизвици, напротив, предизвиците ми даваат „ветер во грб“. Едноставно, не сакам да пропуштам шанси, само со едно оправдување дека „сега не е вистинското време“ затоа што никогаш не може да бидете сигурни дека следната година ќе биде подобра. Кога дојде понудата, која патем беше дадена и кон други потенцијални купувачи, немав дилеми дали да го преземам Динерс Клуб Македонија. Знаев дека тоа е вистинската опција за мене и за тимот со кој работам, но и за компанијата и членството. Ние луѓето во Динерс Клуб Македонија ја знаеме компанијата, нашите членови и нивните потреби, што би се рекло „во малиот прст“. Живееме со Динерс секојдневно многу години наназад, имајќи јасна визија за тоа како и каде треба да се развива компанијата за да го понуди најдоброто на своето членство. Сега веќе ја имаме таа можност, визијата да ја претвориме во реалност.
Целото интервју можете да го прочитате на ФАКТОР