Енвер Малиќи- Визионер џентлмен кој велеше никогаш да не се откажуваме од нашиот сон
Овој човек имаше стил- и на однесување и во облекување и во поглед на неговиот светоглед. Секогаш со насмевка, стабилен, одмерен, едноставно господин со паметна мисла и добар збор. Енвер Малиќи почина утрово од компликации со коронавирусот, а македонскто општество изгуби личност која важеше за пример.
Успешен бизнисмен пред се‘, врвен во она што го создава. Беше еден од најбогатите стопанственици во нашата држава, сопственик на компанијата Гемак Трејд која во е една од најголемите дистрибутерски куќи во земјата и работи со неколку познати светски брендови. Со оваа компанија изгради империја и се прошири и на пазарот во Косово и Албанија.
Но, неговата успешност не застана тука. Малиќи го поседуваше и луксузниот Парк Хотел и Спа, кој се наоѓа на кејот на Вардар како и хотелот „Next Door Park“.
Интересно е тоа што пред извесно време се вкучи и во политиката па назначен беше за заменик-градоначалник од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Но, највпечатливо за него е секако именувањето на почесен конзул на Мексико во Македонија од претседателот на Обединетите Мексикански Држави.
Беше прогласен и за маж на годината во категоријата стил, а неговиот стил на облекување не можеше, а да не биде забележан. Елегантен, со космополитски дух.
Во една прилика изјави:
„За мене е бесценето искуството што го собрав работејќи во Германија. Работејќи таму успеав да го научам и јазикот од кој имав голема корист во бизнисот. И не само јазикот, таму се здобив и со работни навики, одговорност за работата и како да бидам упорен и во потешките мигови. Ако сакате да бидете успешни во тоа што го работите, неопходно е да бидете и добар визионер. Со силна волја и решителност секој може да се снајде и во најтешките ситуации. Девизата што ја применувам во текот на мојот живот е: „Никогаш не откажувај се“. Но иако ментално размислувам како Германец, сепак, од нив се разликувам во една работа.Германците живеат за да работат, а јас работам за да живеам“.